Чист Охрид денеска ја спроведе својата осма акција, со десетина волонтери, на локација на која Охридски Комуналец претходно спроведе акција, поконкретно на едната страна на улицата Марко Цепенков, и ја опфати тревната површина до болницата.
Како што веќе објавивме, чистењето на Комуналец беше направено многу површно, и објавивме фотографии кои тоа јасно го покажуваат.
![kontejneri 1](images/kontejneri_1.jpg)
Драги охриѓани, Охридски Комуналец зад себе остави поплава од отпад. Иако сме задоволни од количината која ја собравме на денешната акција, а тоа се 20 вреќи отпад, сепак со жалење објавуваме дека тоа ни оддалеку не го решава проблемот. Ситуацијата е алармантна – целата тревна површина го има прифатено отпадот како релјеф, тревата и растенијата се мачат да пораснат над и околу многубројните пластични шишиња, лименки, амбалажа од бонбони, детска облека и обувки, како и огромна количина градежен шут. Газевме на тревата и слушавме звук на пластика под неа.
![kontejneri 3](images/kontejneri_3.jpg)
Со многу труд, успевавме да дојдеме до неа и да ја отстраниме. Најлонските кеси се распаѓаа на допир. Колку години отпадот стои на таа локација??? Видовме огромни трнливи грмушки кои проголтале секаков отпад и е невозможно да се исчистат без соодветна механизација, која притоа целосно би ги уништила и растенијата. Шприцеви и игли наоѓавме на секој чекор. Затоа, јавно ги прашуваме Охридски Комуналец: Вака ли ја исчистивте локацијата?
Свесни ли сте дека ова е резултатот од она за кое се пофаливте дека сте го сработиле? Дали чувствувате срам?!Нашите волонтери, меѓу кои имаше и неколку нови лица, не ја загубија надежта. Вредно ја извршија својата задача, планираната површина беше опфатена, меѓутоа по деталното разгледување, наидовме на неколку дополнителни мини-депонии, за кои беше одлучено дека ќе бидат опфатени на следната акција.
![kontejneri](images/kontejneri.jpg)
И токму поради ова, физичката и временска ограниченост на секое човечко суштество, би ја довеле во прашање и веродостојноста на информациите кои Комуналец ги доставил до медиумите. Четворица работници и 30 вреќи отпад, и тоа за еден ден?Исто така не смееме да ги заборавиме и контејнерите за отпад. Како што и самите можете да видите, ситуацијата е жална, бедна и неверојатно штетна по здравјето на луѓето и животната средина.
Има фотографии од контејнерот во кој го оставивме отпадот, еден контејнер во близина, што многу кажува за нивото на свеста на граѓаните, како и два контејнера веднаш до Општата болница, што беа во исто толку лоша состојба. Тоа повторно ја става на тапет темата на ужасот во нашиот здравствен систем и установите во негови рамки.
Нашиот најголем туристички центар и бисер на природата тоне во ѓубре, а службите кои се платени да го одржуваат чист, на ефтин и провиден начин се рекламираат, иако ситуацијата е очигледна, и секој поединечен граѓанин може во секое време да отиде на оваа и секоја друга локација и да се увери во фактите. Не запираме, Охридски Комуналец мора конечно да започне да ги извршува своите обврски, и да биде искрен и транспарентен кон граѓаните. Ништо помалку од тоа не е прифатливо! Сите заслужуваме чист Охрид!, стои во соопштението од „Чист Охрид“ .
Публицитет.мк