Сезоната на капење е во полн ек. За жал веќе се случија неколку трагични случаи во Охридското Eзеро, па затоа дозволете да Ве потсетиме на важноста од одговорно однесување во вода.
Според податоците на Службата за спасување на вода на Црвен крст – Охрид најголемиот број на несреќи на вода предизвикан е од човечкото однесување. Причините можат да бидат недоволно познавање на пливање, ризично однесување на капачите, злоупотреба на алкохол и опојни средства, разлика на температурата на телото и водата, повреда при влегување во вода, нагло настапување на болест во вода, истоштеност и многу често паника.
Процесот на давење трае од 3 – 5 минути и затоа брзината на делување и знаењето да се укаже прва помош се неопходни за спасување на човечкиот живот.
Постапките на укажување на прва помош кај давеник насочени се кон воспоставување на задоволително снабдување на ткивата со кислород. Ако забележите некого во невоља во вода, исклучително е важно веднаш да се побара помош! Важно е лицето кое е сведок на давење, задолжително да го повика спасителите на вода кои се оспособени за укажување на прва помош.
Можеби мислите дека несреќите се случуваат на други, но реалноста е дека секој од нас може да се најде во таква ситуација. Затоа, најљубезно Ве замолуваме да се запознаете со Кодексот за безбедност на вода на Црвен крст Охрид, во кој се назначени нашите упатства и совети за безбедно уживање во водените радости.
КОДЕКС ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ВОДА
- Не пливај најмалку еден час после оброк (јадење)
- Не пливај ако си конзумирал алкохол
- Не влегувај загреан во вода
- Не скокај во вода со непозната длабочина
- Никогаш не пливај сам
- Пливај во близина на спасител на вода
- Почитувај ги упатствата и знаците на спасителот на вода
- Ако ти се случи несреќа, остани смирен. Пливај на грб и мафтај со едната рака за помош
- Ако во водата забележиш некој во невоља ВЕДНАШ повикај помош
- Во секој момент имајте увид каде се Вашите деца. Будно следете го нивното движење особено кога пливаат или се играат во вода. Децата можат да се удават и во плитка вода.
- Внимавајте на појава на високи бранови. Тие можат да Ве „пореметат“ иако мислите дека стоите на сигурно место
- Избегнувајте да се качувате на стени и стрмнини. И помали стрмнини можат да бидат опасни ако се влажни
- Душеците за вода се привлечни за забава во вода. Но ВНИМАТЕЛНО! Неконтролирано лежејќи на него ветерот може да Ве однесе во голема длабина
- Кристете само проверени и технички исправни водени реквизити за пловење (педалинки, кајаци и сл.) и задолжително користете заштитните средства – појас за спасување
- Избегнувајте претерано изложување на сонце
Црвен крст – Охрид повикува и апелира до секој поединец на одговорно влегување во вода и водење на грижа за својата, но и сигурноста на другите луѓе во близина.
ВАЖНА НАПОМЕНА!!!
НЕМОЈТЕ ДА СЕ КАПЕТЕ НА КАПАЛИШТА-ПЛАЖИ КАДЕ ШТО НЕМА СПАСИТЕЛ НА ВОДА!
Уживајте во капењето.
Публицитет.мк