И пред да се постигне договорот од Пржино од 2 и 15 јули 2015 година, во јавноста се наметна дискусијата за промена на изборниот систем или модел во Република Македонија.
Дури и пратеникот Павле Трајанов, по мое мислење предвреме, поднесе предлог за промена на изборниот модел со воспоставување на една изборна единица, кој се разбира не беше прифатен уште во расправата во собраниските комисии.
И после постигнатиот договор од Пржино, се интензивираат дискусиите во јавноста за изборниот систем во Македонија, каде се повеќе се наметнува мислењето дека токму изборниот модел е генератор на политичката криза во Македонија! Се разбира дека прочистувањето или средувањето на избирачкиот список е еден од најголемите проблеми со кој што Македонија ќе треба да се соочи и да го реши, за да се има целосна доверба во изборниот процес.
Мојот акцент, во врска со изборниот модел е врз прашањето:Д али Македонија со овој начин на избор на пратеници, преку 6 изборни единици во Македонија и 3 во дијаспората, и со примена на Донтовиот модел при распоредување на пратеничките мандати, обезбедува навистина Собранието на Република Македонија да биде претставнички на дом на сите граѓани и дали навистина при тоа се почитува волјата на избирачите?
Мојот одговор е НЕ, од следните причини:
Скоро на сите избори од кога е воспоставен овој модел во 2002 година,во просек од околу 120 илјади гласови што ги добиваат помалите политички партии од гласачите одат во неповрат, т.е. тие гласови не добиваат свој политички претставник во Собранието! Ако се има во предвид дека при распределбата според Донтовиот модел, кога тие гласови се претвораат во пратенички мандати ги земаат поголемите партии, и ако се знае дека во Р. Македонија за да се добие еден пратенички мандат се потребни од 7 до 10 илјади гласови, се добива проценка дека приближно 12-17 пратенички мандати, наместо да ги добијат помалите политички партии, ги добиваат соодветно партиите од „големата четворка“.
Само за пример на изборите во 2011 година, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ процентуално освои 38,98 % од гласовите, а Донтовиот модел и поделбата во 6 изборни едници им доделија 56 пратеници односно 45% од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка се 6% повеќе пратенички мандати од освоените гласови, односно 8 пратеници ги имаат добиено без гласачите да гласаат за нив. Коалицијата предводена од СДСМ на истите избори во 2011 има освоено 32,78 % од гласовите, моделот им овозможи да добијат 42 пратенички мандати односно 34,15 % од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка се 1,8 % повеќе пратенички мандати или 2 пратеници ги имаат добиено без да се освоени гласови за нив на терен. ДУИ имаше освоено 10,24% од гласовите, доделени и беа 15 мандати, односно 3 мандати без гласачите да гласаат за нив, а ДПА со освоени 5,9% од гласовите, доби 8 мандати, т.е. 2 мандати повеќе за што немаат подршка од народот. Од ова се гледа дека партиите од „големата четворка“ условно кажано на „зелена маса“ добиваат 15 мандати повеќе од тоа што добиле како гласови на терен! При тоа треба да се потенцира дека на тие избори во 2011 година ВМРО- НП освои нешто повеќе од 28 илјади гласови односно 2,51% од гласовите, Нова Демократија околу 20 илјади односно 1,78% од гласовите, Обединети за Македонија 17 илјади гласови односно 1,52% од гласовите, ЛДП 16,5 илади гласови односно 1,47% од гласовите, а не добија ниту еден пратеник, т.е. тоа што го освоија на терен го изгубија„на маса“ со овој изборен модел.
На изборите во 2014 година, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ процентуално освои 42,97 % од гласовите, а моделот и поделбата во 6 изборни единици и доделија 61 пратеници односно 49,60% од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка се скоро 7% повеќе пратенички мандати од освоени гласови, односно 9 пратеници ги има добиено без да гласачите гласат за ним. Коалицијата предводена од СДСМ на истите избори има освоено 25,34 % од гласовите, моделот им овозможи да добијат 34 пратенички мандати односно 27,64 % од парламентарниот состав, што значи пропорционално во добивка се повеќе од 2 % повеќе пратенички мандати или 3 пратеници ги имаат добиено без да се освоени гласови за ним. ДУИ има освоено 13,71% од гласовите, доделени и се 19 мандати, односно 3 мандати без гласачите да гласаат за ним, а ДПА со освоени 5,92% од гласовите, доби 7 мандати, т.е. 1 мандати повеќе за што нема подршка од гласачите. Од ова се гледа дека партиите од „големата четворка“ на изборите во 2014 година, условно кажано на „зелена маса“ добиваат 16 мандати повеќе од тоа што добиле гласови на терен! При тоа партијата ГРОМ со 31,6 илајди гласови добива само еден мандат, а ВМРО-НП со 16,8 илјади гласови и Коалицијата за позитивна Македонија со 10,5 илјади гласови, како и други партии со помалку гласа не добиваат ниту еден мандат!
Од овие два примера сосема јасно се гледа дека овој изборниот модел, не обезбедува Собранието на Република Македонија во целост, да биде претставнички дом на сите граѓани. За да се неутрализира оваа неправда, распределбата на мандатите треба да се направи по друга формула, со тоа што структурата на парламентарниот состав процентуално да биде складна со процентот на освоени гласови. Бидејќи нормално ќе се јави разлика во процентите при распределбата на мандатите, формулата треба да им дава предност на партиите што имаат освоено помал процент на гласови, за непрвадата да биде помала, а општествената правда задоволена.
Вториот недостаток на овој изборен модел е дека не обезбедува да се спроведе уставниот принцип на соодветна и правична застапеност на сите припадници на заедниците во Репубика Македонија, и тоа во највисокиот орган во државата- Собранието! Тоа особено важи за немакедонските и неалбанските заедници во Македонија, кои ако се гледаат резултатите од пописите од 1948 па се’ до 2002 година, процентуално се застапени со 10-15% од вкупното население во Македонија. Тоа значи дека ако доследно се почитува Уставот и амандамот VI за соодветна и правична застапеност во сите државни органи, а Собранието е највисок државен орган, тогаш со законски решенија за припадниците на помалубројните заедници треба да се обезбедат 10-15% од пратеничките мандати како загарнтирани места. Тоа значи дека за нив треба да се резервираат 12-18 пратенички мандати, кои би се бирале во посебна изборна единица на целата територија на Република Македонија, во случај за наредните избори да остане оваа поделба во 6 изборни единици.
Демократизацијата на Република Македонија не може да се развива ако за наредните избори не се почитуваат принципите на еднаквост на гласот на секој граѓанин при распределбата на мандатите, ако не се обезбеди Собранието да биде претставнички дом составен според волјата на гласачите, и да се обезбеди во Собранието како највисок орган на државата да се почитува уставното начело на соодветна и правична застапеност на сите заедници.
Рубин Земон
Авторот е униврезитетски професор
На десетици пати ангажиран како меѓународен наблудувач на изборните мисии на ОБСЕ/ОДИХР
Изнесените ставови и аргументи во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА… на „Публицитет мк“ се лични ставови на авторите и не се ставови на редакцијата.
„Публицитет мк“ не сноси одговорност за изнесеното во нив.