Денеска на Градските гробишта во Охрид беа погребани посмртните останки на проф. д-р Драги Стефанија кој почина неодамна во 86 година од животот во неговиот роден град. Драги Стефанија беше истакнат лингвист, македонист, фолклорист, новинар и публицист. Во името на семејството и градот Охрид проштален говор одржа проф. д-р Славе Банар. На последното патување до вечноста на градските гробишта со охридска староградска музика го испрати ансамблот „Билјана“ со кои Стефанија се гордееше и соработуваше во зачувувањето на охридската староградска песнопојна традиција.
Еве денес, исполнети со тага и празнина, се собравме на ова тажно место за да Те испратиме на Твоето последно патување! Низ сите изминати години на Твојот живот бевме навикнати на Твоите заминувања и патувања бидејќи знаевме дека Твојата богата, љубопитна и благородна душа копнее по далечините и височините, по допирите, боите и мирисите на непознатото, по новите простори и предели! И знаевме дека од секое место каде што си стапнал, од секој пат што си го изминал, ќе се вратиш со многу нови сознанија, со чудесни искуства кои ги исполнуваа Твојот ум и срце!
И сега се врати! Покрај брегот на Твоето езеро, под ѕвездите на Твоето небо, под лозницата на која зрната грозје набабруваа од благоста на Твоите зборови, од знаењето што како полен го посипуваше во долгите разговори, од сочноста и благоста на Твоите мисли! Но, сега се собравме, на ова тажно место, на ова мртво поле, на оваа меѓа која ги дели животот и смртта, на оваа граница каде што се заминува во вечноста, да те испратиме на последното патување од каде што нема враќање! Ти си сега далеку, престорен во светлина што трепери како блага воздишка над синото око на езерото, како далга што го милува брегот на Твојот двор, како бесмртна душа што се одмора во небесните градини!
И сега, во деновите на Твоето отсуство, кога знаеме дека најмногу ќе бидеш присутен во нас, со што да го мериме времето што ни преостанало пред нас, како да ја исполниме празнината што ја остави во просторот, кому да му кажеме за тагата, немирот, кого да прашаме за совет и поука, кој да ни ја каже вистината и да ни подари знаење и топлина! Со Твоето заминување на овој далечен пат останавме како сирачиња, гладни и жедни за твојата мудрост и знаење, за твојата гостопримливост, за твојата неодминливост во нашите животи, за сето она што како богати дарови го примивме од можноста да бидеш наш, да бидеме покрај Тебе и со Тебе, да бидеме благословени што те знаевме и што со Тебе поминавме голем дел од времето наречено живот!
И сега, овие ноќи и денови додека се обидуваме да го прифатиме твоето последно заминување, додека празнината незабележливо се вгнездува во нас, и сè уште во нашите души ѕуни и трепери твојот глас, се залажуваме со мислата дека одново ќе те сретнеме, ќе те видиме насмеан и весел, ќе си ја исплакнеме душата од горчливите вкусови на секојдневноста! Оти, сите знаевме, секоја средба со Тебе, голем и несекојдневен Човеку, беше празник, благословен миг, лет во височините, плодоносен дожд од зборови, прошетка по тајните предели на знаењето и лирските трепети, како утринска средба со сонцето што насмеано изгрева над стројната става на Галичица!
И знам! Сите страници што ги исполни со својата мудрост и знаење, сите книги што ги напиша, секој збор што го изговори, сета љубов и посветеност кон Татковината и кон мајчиниот збор, секое спомнување на Охрид, на езерото и тврдината, на историјата и иднината, секој објавен текст, секоја изречена мисла, ќе останат како неизбришлива трага, како лузна, како патоказ на некои други луѓе, на некои други генерации, на поколенијата што ќе дојдат после нас, како светлосна патека по која спокојно и мирно ќе го отсонуваат својот живот, своите надежи и копнежи, своите љубови и вознеси, својот миг на постоење, бидејќи твоите чекори секогаш и во сите времиња ќе одѕвонуваат по калдрмата на охридските улици!
Биди спокоен и благословен во вечноста професоре доктор Драги Стефанија!
Ние секогаш ќе бидеме со Тебе! И Ти секогаш ќе бидеш со нас!
И на крајот од сè што е крај на сè!
Нешто доверливо, лично и бескрајно длабоко мое!
Ретко изговорено, но постојано присутно и незаборавно!
Нешто што ќе го помнам и после последниот здив!
Ви благодарам што многу години имав бесценета можност да бидам покрај и со Вас драг мој професоре! Со тага Ве прегрнувам и бакнувам на крајот од сите Ваши патувања оти Вие сте мојот духовен татко! Без Вас не ќе бев и јас! Ваков каков што сум!
Онаму далеку каде што патуваш
Сè што ќе допреш да ти се позлатува!
11.07.2019 Проф. д-р Славе БАНАР