Да беше „живо“ да зрачеше програма, да засвиреше авизото „Билјана платно белеше“ и денеска на 7 ноември,оваа 2017 точно во 7 часот наутро, Радио Охрид ќе го славеше својот 60 роденден.
Радио Охрид , до лани во јули, кога за жал замолкна беше најстаро во Македонија веднаш зад Радио Скопје, зашто Радио Битола уште години пред него не успеа во приватизацијата.
Со клик на линкот подолу – да се потсетиме на авизото на радио Охрид – „Билјана платно белеше“
На тој пат послан со трње,а не рози – наречен приватизација која со Закон ја бараше државата Радио Охрид успеа да опстане, да се трансформира,да живее неколку години, секако и за волја на вистина од една екипа од 9 постојано вработени и уште толку хонорарци по април 2009 постепено да се осипа и да спадне на една рака луѓе кои продолжија … ама радиото во приватните раце, ете, за жал не успеа да преживее.
Сигурен сум дека сите кои вградиле дел од себе во него, во радио Охрид сакале и сакавме радиото да опстане.
Тоа и секогаш било процес, едни доаѓале , други заминувале ама љубовта кон него кај никого не исчезнала.
Сакавме да опстане во името на тие кои го формирале, го граделе и го создале како респектиран медиум со кој растеа генерации и генерации слушатели.
Во своите шест децении радиото како некој жив организам претрпувало циклични премрежија,но од секоја битка излегувало како победник. Тоа го знам од колегите со кои ги делевме деноноќијата во студиото и во редакцијата.
Го минавме најкритичното и најстресното.
Во времето пред приватизацијата , од средината на 2007 правевме програма, информиравме, рекреиравме , забавуваме иако со месеци не земавме плата, иако со месеци на сите ни течеа животите во неизвесност.
Професионално го работевме секој ден и дури на крајот пред чинот на приватизацијата кажавме што всушност ни се случува.
Штрајкуваме со другите колеги од цела Македонија пред Владата. Но никој не сакаше да го слушне и разбере нашиот глас.
Убедувавме дека Јавните радија и се потребни на државата, дека ги има наоколу секаде во соседството, барем како регионални центри на Јавните радиодифузери,ако не сите барем пет до седум медиуми од нашите 29 можеа да влезат под капата на МРТВ но за тоа никој не сакаше да слушне. Ќе сме биле товар на државата.
Дури дел од вработените по еден чесен, искрен, колегијален и човечки договор заминаа пред време во пензија, само да ни помогнат нам кои имавме уште години за работа пред себе, а и сами да ја избегнат голготата која следеше.
Некои не тешеа пропаднаа толку фирми, па за вас ништо не е страшно, една рака луѓе. Некои не сфатија дека радиото беше нешто друго.
Радио Охрид било и пред нас и со нас и по нас хроничар на градот Охрид.
Богата фонотека, уште побогата и повредна аудио ризница и трезор на времето кое останало зад нас.
Транзициски времиња …
Во радио Охрид влегов како средношколец а заминав како возрасен, искусен човек кој знае што сака од себе,ама и од другите, на 24 април, 2009 година.
И денес ми е драго што мнозина ме препознаваат токму по работата во радиото кај Чинарот. И не само мене туку плејадата колеги- новинари, техничари, соработници. Некои од носталгија,а други од љубопитност не прашуваат: – Што стана со радиото?
Што потоа му се случуваше во и на медиумот,откако од него сам заминав, можев да слушнам како и сите останати наши сограѓани во кафеана, на улица, во разговор со колегите.
Но посакував оние во чии раце беше судбината на Радио Охрид да ги демантираат лошите вести дека медиумот е пред затворање, дека навистина му сакаат добро и дека ќе сторат се’ радиото да опстане и да го продолжи својот живот.
Ама, дотука му било … го снема од етерот.
Ќе беше свечено и величествено сигналот на Билјана пак да го разбудеше Охрид и овој 7 ноември а во Дневникот, во 16.30 тие што останаа или некои нови колеги пак да ја создаваат новата хроника на градот.
Милчо Јованоски, м-р по медиуми и комуникации, поранешен одговорен уредник, директор и управител на Радио Охрид.