Па дали ваквата сеприсутност на дигитроните влијае на нашата способност да сметаме „на памет“, како што правевме порано?
Пред триесет години, дигитроните нудеа огромна можност – можност што денеска, за жал, донесе многу контроверзии.
Скептиците предвидуваа дека студентите не ќе можат да направат дури ни едноставни пресметки, ниту ментално, ниту на хартија.
Контроверзите не се намалија со тек на времето. Во 2012 година владата на Велика Британија објави дека има намера да ја укине употребата на дигитроните во основните училишта, со образложение дека учениците почнуваат да ги користат дигитроните прерано и премногу.
Истражувањата спроведени како одговор на ова покажале дека нема позначителни разлики во тестовите во зависност од тоа дали учениците користеле дигитрони или не.
И едно претходно истражување во САД го покажало истото. Дигитроните немале ни позитивни, ни негативни ефекти врз исполнувањето на основните математички вештини.
Истражувачите препорачуваат дискусијата да продолжи понатаму. За какви задачи и активности е погоден дигитронот? И како можат дигитроните да ги подобрат менталните и пишаните аритметички методи во математиката.
Наставниците имаа големи надежи дека дигитроните ќе бидат искористени за проширување и подобрување на учењето на математиката.
Додека би се учеле стандардните четири математички операции ( +, -, х, ÷) и би требало да се совладаат основните аритметички факти, дигитроните би можеле да го олеснат совладувањето на нумеричките модели и решавањето на интересни и важни проблеми.
Наместо да го заменат менталното сметање, дигитроните можат да го направат сметањето поефикасно. Дури и едноставниот дигитрон, со четирите основни операции, може да биде моќен инструмент за истражување на голем број различни идеи, кои претходно им биле тешки на децата да им пристапат самостојно.
Дигитроните им овозможуваат на учениците да ги истражуваат и генерализираат нумеричките модели до кои претходно немале пристап.
„Константната“ функција значи дека децата можат да ги истражуваат броевите до бесконечност ако сакаат, без да бидат ограничени од табели или бројни оски.
Дигитроните имаат голем потенцијал за развивање на идеи, на пример, што ќе се случи ако некој број се подели или помножи со 10 или 100. Овие генерализирања извонредно се покажуваат и откриваат со дигитроните, што им дава слобода на учениците да поставуваат повеќе прашања за нумеричките модели.
За прегледот од 1997 година, за обемот во кој дигитроните се користеле во училиштата, биле истражени бројни студии во кои се посочува дека користењето на дигитроните на основно ниво нема штетни ефекти врз математичките способности на учениците.
За жал, истражувањето укажува дека дигитроните се користеле за банални работи, како проверка на одговорите и дека имале мало влијание на математичкото образование.
Иако наставниците ја поддржувале употребата на дигитроните во основните училишта, постојат малку докази дека овие идеи биле имплементирани.
Неодобрувањето од страна на родителите за употребата на дигитроните во училиштата се наведува како една од причините за неприфаќањето.
И истражувањето направено во 2008 година ги покажало истите резултати. Истражувачите истакнуваат дека и покрај големите надежи на едукаторите дека дигиталната технологија ќе направи трансформација во математичката едукација – исходот е разочарувачки.
На ова влијае и недостатокот од професионален развој што ќе им помогне на наставниците во планирање и имплементација на наставни програми кои ќе ги искористат предностите на оваа технологија.
И како што вели британскиот математичар Конрад Волфрам „Од ракетите па до берзата, највозбудливите креации на човештвото се плод на математиката. Па зошто тогаш децата губат интерес за математика“?
Волфрам нагласува дека учениците ширум светот поминуваат 80% од времето на часовите по математика во учење на математички процедури. Ова време би можело да се искористи многу попродуктивно, доколку дигиталната технологија што веќе ја има во училниците се искористи поефективно.
Додека математиката е многу популарна и корисна во реалниот свет, децата рапидно губат интерес за овој предмет во училиштата.
Волфрам вината ја наоѓа во наставата која се фокусира на пресметки на рака: што е досадно и главно ирелевантено за вистинската математика и реалниот свет.
За жал, потенцијалот што го имаат дигитроните да ја трансформираат математиката во училиштата и да ги подобрат нашите вештини не е остварен. Не нѝ е дадена можност да решаваме интересни и реални математички проблеми на најефикасен начин.
Па затоа, одговорот на прашањето дали дигитроните имаат влијание на нашата ментална аритметика е – не толку колку што би сакале да биде.
Извор: enauka.mk