Лесно е да се биде школуван (да се има диплома), тешко е да се биде образoван!
Ајнштајн најдобро го дефинирал образованието со многу едноставни зборови: „Образование, тоа е она што ќе ви остане откако ќе го заборавите тоа што сте го училе на училиште“. Забележувам дека последниве години се заборава многу, многу од тоа што се учи на училиште, бидејќи се учи заради оценката, а не од вистинската желба да се знае.
За злото да биде уште поголемо, не постои интелектална љубопитност, ниту внатрешна желба за сознавање, ниту желба за самообразование. Школованоста (дипломата) се стекнува со бубање и упорност или на некои други начини, додека образованието се стекнува со постојано проширување на видиците, со љубопитноста и со желбата од себе да направиш квалитетна и сестрана личност. Општеството во кое живееме не ги мотивира и не ги поттикнува поединците за индивидуално усовршување и работа на себеси. Но, сепак има исклучоци, ретки поединци со интегритет кои не потпаднаа под притисоците на овие општи трендови, и ги оддржуваат високите критериуми во својата работа, а воедно тоа го очекуваат и од другите. За тоа им е потребна голема ментална сила но и свест дека ќе се соочуваат со огромни отпори од страна на своето непосредно окружување, како и од пошироката средина.
Еден од поголемите проблеми со кој се соочува образованието е евидентен факт дека веќе години и години наназад учениците воопшто не читаат.
Тоа се генрации кои денска управуваат, лекуваат други луѓе, учат деца, градат мостови… Така ќе биде и во иднина, бидејќи и сегашните ученици немаат никаква желба да читат.Тоа што не се образуваме значи дека стануваме безоблична маса без сопствено мислење, без сопствени ставови, а со таквите лесно се манипулира.
Последица од нечитањето е и осиромашен речник кој кај многумина е скратен и спаднал на најниски пцости и жаргонски изрази. Најчести зборови кои се користат во јазикот се „супер“, „значи“ и „брат“. Преку нив се изразуваат скоро сите доживувања, логички заклучоци и меѓусебни односи: –Како си?- Супер! –Како поминавте на екскурзија? – Супер! –Каква е новата наставничка? – Супер! -Како ти се допаѓа новиот филм? – Значи, супер, брат! Се’ е супер, а всушност се’ е мизерија.
Кога, како и зошто се случија овие промени? Дали треба да е необично тоа што јазикот се скратува, фузира, осиромашува? Ова е време во кое се очекува се да биде брзо, кратко, инстант, концентрирано вклучувајќи го и јазикот. Се’ што е подолого од една реченица составена од неколку збора ги заморува луѓето, им внесува нервоза, вртат со очите, покажуват на своите вратови и гледат на своите мобилни телефони, а предавачот се засрамува, чувствува дека станува досаден, депласиран, ретро. Повеќе не ни се потребни дебати, дискусии, јазички „акробации“, беседи…
Доколку некој сака да биде „ин“ и да остане на „стејџот“ на општествениот живот, кој сосема извесно добива контури на естрада, мора веднаш да фати чекор, бидејќи ќе остане на маргините на времето и општеството кое бескрупулозно гази се’ што не се вклопува во современите текови. А естрадата, како и се’ друго, има свои стандрди, не поднесува подлабоки анализи, подолги теоретски разговори и мисловни активности кои подразбират активно вклучување и заморување на мозокот. Естрадата бара брзина, површност, лажен сјај, лесна забава.
Дали новите јазички трендови индиректо ни кажуваат дека катедрите за јазици и литература ја губат својата функција и стануваат непотребни? И целата граматика, морфологија, фонетика и синтакса полека ќе го изгубат своето значење, со оглед дека јазикот се скратува, речениците осиромашуваат, а зборовите се губат заради ретката употреба или неупотреба.
Дали скратување и уништување на јазикот е резултат на урнисувањето на еден од најважните столбови на општеството: просветата?
Познато е дека нема општествен развој и напредок без образовани и освестени поединци, но и без дефинирани заеднички вредности чиј недостиг би предизвикал отворен бунт кај младите. Ниту сум сигурна дека таквите вредности постојат, ниту дека младите генерации се подготвени за каков било вид на бунт заради недостиг на истите.
Често, многу често се уверувам дека факултетската диплома, дури и магистерската титула не значи ништо во смисла дека школована личност не значи дека истата е и образована. Има звање, но нема ни елемантарна писменост и знање.
Уште полошо е што во таа аморфна маса дипломирани, мастери, магистри, доктори…не се препознават вистинските образовани и квалитетни луѓе. Денес можете да нарачате семинарски труд или дипломска работа за одредена цена, да ги „симнете“ од интернет, а да не одговарате за плагијат. Главно прашање е како лесно и брзо да дојдете до диплома со што помалку вложено време, труд и интелектуален напор. Денес не се на цена работните навики, менталната кондиција, истрајноста и посветеноста, туку „снаодливоста“ која подразбира со помош на природната интелигенција, а без вложено време и труд да дојдете до диплома, која веднаш потоа ќе ја претворите во пари.
Просветата во претходните години и децении претрпе многубројни промени, реформи, довршени и недовршени проекти и експерименти чии исходи никогаш не се емпириски измерени и утврдени. Тоа се однесува на сите нивоа на образование: од основношколско до универитетско. Наставниот кадар е бомбардиран од честите промени за кои е потребно не само знаење, вештини и способности, туку и време и доволно практично искуство за негова адекаватна примена. Секоја од спроведените реформи остави и белези и искуства, како позитивни, така и негативни. Иако априори не сум против промените во образованието, имам впечаток дека некои од нив имат функција да ги доведат до речиси ист просек поединците, критериумите се намалуваат, фундаменталните содржини се бришат и се заменуваат со неважните информации за еднократна употреба. Многу еминентни универзитетски професори тврдат дека Болоњскиот систем, кој според Лисабонската агенда е во функција на зајакнување на конкурентноста на пазарот на ЕУ, претставува средношколизација на академското образование. Последица на тој систем е намалено продуцирање на елитен кадар кој би бил носител на стратешки инстражувања и нови техноологии во државата. Затоа не треба да не зачудува тоа што најталентираните студенти добиваат стипендии и заминуваат од државата на познати светски универзитети како што се Оксфорд, Кембриџ, Ломоносов и слични кои не го прифатија Болоњскиот систем на студии. Денес се протежира тезата дека образованието треба да се ослободи од теорија и да биде прагматично, корисно и употребливо. Така соголено образованието ги губи атрибутите на образование и станува најобична обука. Образованието ниту треба да биде сведено на обука и во функција на пазарен натпревар, ниту теба да остане на ниво на метафизичките неприменливи знаења. Потребно е да се најде мера. Се плашам дека во стариот образовен систем бевме многу поблиску до таа мера, отколку сега.Во спротивно постои опасност хуманистичките науки за брзо време да бидат проглаесени за непотребни бидејќи не даваат никаков директен придонес за конкурентноста на пазарот.
Улогата на родителите и учениците во креирање на образовната политика е зголемена во сегментите во кои нема место за импровизации и аматеризам. Нивното, често пати оправдано незадоволство од содржините и методите кои се применуваат во наставата, наместо да резултира со отворени и силни притисоци врз креаторите на образовната политика, најчесто завршуваат како неславни компромиси со наставниците кои ги намалуваат критериумите и учениците добиваат незаслужени високи оценки. И тука кругот се затвора, а резултатите се: ученици со високи просеци, но без минимум потребно знаење, наставници без авторитет и родители со илузија дека успешно ја извршиле својата обврска. Во плејадата просветни работници, чија хиперпродукција е евидентна во последните децении, не се препознават, стимулират и наградуват оние чесни поединци кои ги задржаа високите стандарди во оваа професија, оние кои се вистински образовани, стручни, посветени и компентентни да ја вршат светата мисија во општеството: да изградуваат луѓе. Напротив, многумина од нив станаа жртви на невоспитани деца и нивните невоспитани родители кои се системски заштитени во општеството, или жртви на бескурпулозните колеги кои не поднесуваат надпросечност или жртви на партократското општество. Честа е појавата квалитетните наставници и професори да го загубат професионалното и лично достоинство, да ги наведнат главите, да останат без енергија, без посветеноста и волјата која порано ја имале.
Просветата тешко може да се смени доколу целото општествено окружување не доживее системски промени, но претходно треба да се утврдат општествените, културните и етичките парадигми кои ќе ни бидат јасни патокази за тоа што сакаме да направиме, каде сакаме да одиме и каде да стигнеме?
Не верувам дека проблемот е во парите, ниту дека парите суштински можат да помогнат во решавање на овие проблеми. Децении наназад живееме во партократско општество во кое на клучни, одговорни места не се најспособните и најобразованите, не се луѓе со проверен интегритет.
Туку напротив, оние кои ги донесуваат најважните одлуки, ја креират иднината на младите, управуваат посредно или непосредно со нашите животи се најчесто просечни и потпросечни, оние кои се истакнуваат со број на лепени плакати во политичките кампањи или се најгласни со викање „овој долу – оној горе“. Доколку немате знаење и способности, морате да имате компензација за тој недостиг во вид на лактање, полтронство, подмолности, интриги, поткупување на широките маси со евтини ветувња и давање незаслужени привилегии, ниски професионални и етички критериуми и сл. Оние други, кои чесно ги заработувале своите оценки, биле меѓу најдобрите ученици и студенти, не се научени на таквото однесување, верувајќи дека стекнатото знаење ќе им биде доволно. Најтешко им е кога денес ќе ги видат своите некогашни школски другари кои во текот на школувањето биле далеку послаби од нив, како сега или претходно одлучувале – или одлучуваат за нивните животи. Таквите или остануваат на маргините на општеството без надеж, или заминуваат во странство. Ова би требало да биде аларм за надлежните да ја вратат надежта на младите како би го избегнале патот во општествен неповрат.
Славица Илиќ, дипломиран педагог – Охрид
Објавените текстови во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА … на „Публицитет.мк “ се лични ставови на авторите, а не и на редакцијата.