Сериозен или лесен тек на болеста, смртен исход или отсуство на симптоми… Коронавирусот и натаму крие многу мистерии. Некои научници веруваат дека добар дел од одговорот се крие во крвните групи.
Крвните групи во фокусот
Сега германски и норвешки научници го анализираат текот на заразата во зависност од крвната група на пациентите. Наодите се запрепастувачки, иако студијата е објавена во форма на т.н. препринт, односно уште је нема поминато проверката и критиките на научната заедница.
Експертите од Универзитетот Кил и Унивезитетската клиника во Осло под лупа го ставиле текот на болеста кај 1610 пациенти кај кои коронавирусот предизвикал тешки респираторни проблеми. Пациентите се од Италија и Шпанија, две европски земји кои се најтешко погодени од епидемијата, а некои од пациентите и починале како последица на инфекцијата со САРС-КоВ-2.
Со споредување на ДНК-материјалот на овие пациенти со примероци на крв од 2.205 здрави лица, се испоставило дека луѓе со крвна група А имаат највисок ризик болеста кај нив да добие тешка форма. Веројатноста дека заразеното лице кое има крвна група А ќе заврши на респиратор е двојно поголема во однос на заразените со крвна група О. Групите Б и АБ се некаде помеѓу.
Оние кои имаат крвна група О – нулта, во оваа ситуација може да се сметаат за среќни, но ни тие не се отпорни кон инфекција со коронавирус. Кај нив, според студијата, само ризикот болеста да добие тешка форма е најмал.
Групата А е најчеста крвна група во Европа. На оваа група во Германија припаѓа 43 проценти од населението, а во Северна Македонија – 40 проценти. Следат нулта (41 процент во Германија, 36 проценти во С. Македонија), потоа следат групата Б со десетина проценти и на крајот АБ, крвна група која во Германија на пример имаат само пет проценти од населението.
Доколку резултатот од студијата се потврди, сознанијата можат да помогнат во развој на адеквантна терапија. Одамна е познато дека различни болести различно погодуваат луѓе во зависност од нивната крвна група. Така, на пример, пациенти со нулта крвна група ретко заболуваат тешко од маларија, додека крвната група А има најдобар имунитет против чума.
Научниците досега редовно поаѓаа од „загрозени групи” на пациенти, сметајќи дека во нив спаѓаат постари и хронично заболени лица, а врз основа на некои студии, и пушачите. Со крвните групи равенката на коронавирусот дополнително се усложнува.
Извор: www.dw.com
Публицитет.мк