Над 200 деца беа дел од свечената поворката што по повод големиот христијански празник Божиќ трета година по ред се одржува во Охрид. Со торбички за дарови, фенерчиња, ѕвончиња и ѕвезди во рака децата на симболички начин го навестија Христовото раѓање.
Рано утрото поворката од деца тргна од пред храмот „Св. Георги“ во Горна Влашка Мала а точно напладне на градскиот плоштад децата ги пречекаа и даруваа со пригодни подароци, градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од локалната самоуправа и од Здружението за грижа и воспитување на деца.
–Во духот на празникот оваа литија го симболизира самиот ден. Дечињата кои ги симболизираат ангелчињата го најавуваат Христовото раѓање и во духот на старата изворна традиција ја пеат песната Вечниот Бог, што навистина наговестува чувства на среќа и радост онака како што всушност е целата симболика на празникот Божиќ. Дечињата во оваа поворка или Литија го надополнуваат чувството на сите православни Христијани во Охрид и на православните христијани насекаде во Светот за радоста која што ја наговестува Христовото раѓање – рече градоначалникот Бакрачески и упати честитка до сите православни христијани по повод големиот празник.
– Би сакал да ја искористам оваа прилика да упатам честитки до сите граѓани на Охрид од православна вероисповед кои го слават празникот Божиќ , со желби за многу здравје , многу среќа за весели и радосни моменти во нивните семејства , во нивното опкружување, на работните места и онаму каде што тие живеат и работат – додаде градоначалникот Бакрачески.
Летка Филипоска од организациониот дел на Литијата истакна дека не е тешко да се организираат вакви настани ако сето тоа се прави со љубов и длабока верба кон Бога.
–Секое дете беше дарувано и со бадниково лепче , кое што го симболизира Христос Богомладенецот , кој што се роди во пештерата на Витлеем. Благодарност и до сите што го помогнаа овој настан вака тожествено да го прославиме– рече Филипоска.
Децата пеја божиќни песни минувајќи и низ охридската чаршија а во храмот ,,Успение на Пресвета Богородица”-Каменско, беа пречекани од старешината кој ги дарува со свети крстиња а беше организиран и заеднички ручек.
Годинава општина Охрид на подарок од женскиот манастир во Рајчица ја доби божиќната пештера која за празниците го краси градскиот плоштад во Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk