ПРЛИЧЕВИ БЕСЕДИ – мене најомилената и НАЈОХРИДСКАТА манифестиција во Охрид. И во неа вткаен Григор Прличев како симбол на една вечна непомирливост и една вечна бунтовност во еден подзаспан град.
Симбол на охридизмот како филозофија на еден Град кој се’ уште учи како да се почитуваат вредности излезени и влезени во него.
По игра на некои судбини или по игра на стаклени монистра, имав пишана космичка и човечка среќа што во периодот од 1 декември 1994 година до 15 март 1999 година бев во светот на еден библиотекар,како дел од највозвишената институција што е измислена – Библиотеката.
Тоа беше период на внесување и запознавање со еден чудесен свет на луѓе во и надвор од таа Библиотека , еден чудесен спој на настани и игри , едукација , впивање на знаења , учење на изреки , мисли. Тоа е оној период кога или стануваш човек или стануваш нечовек. Милиони прочитани реченици , стотици книги , секојдневно трагање, препрочитување на историјата и сегашноста и бескрајни мигови седење полускришно сам во Прличевата одаја во Библиотеката. Бегање назад во едно време невреме во минатите часови и слики на прличевото столче и влегување во светот на инспиративноста, елоквенцијата но и суштината и тагата од која сме исконски создадени.
Кој не бил во Библиотека и не останал барем неколку часови сам во читалната или еве овде кај нас во Прличевата одаја, ќе му биде тешко да стане охридист. Кој не се напил од мемливите ѕидови на таа сега срушена зграда , тешко ќе може да го спознае духот на еден Охрид. А посебно кој не дошол на Прличевата Охридска визита токму во Библиотеката попусти ќе му бидат и илјадници воспевања кон Охрид.Тоа беа волшебни мигови во кои се доживуваше уште малку од Охрид.
Најчесто во тие 4 мои години таму тоа беа ладни шесто Февруарски вечери и ноќи каде во читалната се бараше место за стоење, само за да се застане пред сликата на Прличев, да се чуе збор за него искажан од Славе, Маринела, Наде и другите , да се чепне од леблебијата и сувото грозје кои стоеа на масата и гордо неколку часа потоа да се спушти по дрвените полураспаднати скали за да се пренесе низ градот приказната за уште една охридска визита. А можам само да замислам како ли било години и децении пред тоа кога се држела охридската визита.
Денес постои тој чин, но не е тоа за жал еден вечерен настан полн со душа. Денес сме поинакви, ни пречи да дојдеме навечер, најверојатно затоа што ќе нема кој да не слика и потоа да не објави дека сме биле таму. Да ни направи реклама и од тоа.
А тогаш,во охридското време, тогаш немаше реклама. Тогаш има гордост, имаше убав муабет, имаше среќа , задоволство, душа. Откога си отидов , не успеав да се вратам во Библиотеката. Останав заробен и заљубен во пустото ни Езеро и за неговата заштита, но признавам во душата уште утре би се вратил во библиотеката, меѓу книгите, меѓу мудрите зборови , меѓу сеништата, внатре во Прличевата одаја, во вечерната охридска визита. На истото место каде учев збор, каде напишав две книги , каде ноќната зимска смена меѓу рафтовите со различни книги и ликови беше истовремено и стравопочитен хорор и најубава бајка.
Да, денес сме други, поинакви. Изгубени во себе, во просторот, без заедништвото. Денес имаме само една цел , да понижиме и навредиме (ах Достоевски) за така да се издигнеме себеси кутрите. Но ако се прочитаме низ записите тогаш ќе видиме дека исто така, токму и Прличев беше силно понижуван од своите пред се сограѓани, па дури и после освоениот лавров венец за „СЕРДАРОТ “, дури и по митското опишано „1762 лето“, дури и по вечната девиза „СОВРШЕНСТВО или СМРТ“. Значи ли тоа дека нашата карма овдешна е да се отстрани доброто и напредокот како што и во деновите на Прличевото враќање во Охрид било случај.
Веројатно и денес во некоја модерна форма и значење и натаму Пискотници се слушаат … Затоа да не не’ чуди што стиховите од забранетата песна „Охридскиот џган“ и денес одѕвонуваат со сета јасност и осуда и денес не’ плашат и прават да се скриеме и ако може да ги заборавиме.
Тој Прличев во тоа негово време останал видно разочаран од опкружувањето, од сограѓанството, но останал „Горд самјак“ како што во насловот на своето дело кажал и охриѓанецот Коста Фортомар. Паметам кога во долгите вечерни и ноќни часови во читалната на Библиотеката се собираа луѓе од градов , гледаа во неговата слика која стоеше над ќумбето и печката и дел говореа дека тоа беше многу остар човек, а дел говореа дека Охрид немал баш многумина како него. Тој и ден денес е недоволно вреднуван како преродбеник, како предводник на времето на македонската преродба кое имаше огромно влијание врз подоцнежните и литературни но и политички процеси. Впрочем видете ја годината на неговото заминување 1893 и видете која година , неколку месеци подоцна е формирана Македонската револуционерна организација. Некои симболики се сепак преголеми. Недоволното негово вреднување и споменување само во време на Беседите покажува дека Прличев се’ уште е заробен во самотијата најмногу заради змијоликоста на денешното општеството кое пред себе и пред иднината се плаши токму од вистината на неговите зборови и во 1762 лето и во Џганот , но и во пискотот на Неда пред Сердарот и народот. Нема веќе кој да ве брани. Плачете.
Минатата година еден охридски автор конечно го врати Прличев дома, тука во Охрид. Најохридската манифестација доби охриѓанец лауреат и тоа човекот кој некоја деценија време пред тоа повика во Охрид да се изгради Прличева куќа. А кој го читал „Амбарот “на добитникот Славе Банар јасно ќе ја види поврзаноста со Прличев и со сликата и во ритамот, но и во стравотните пораки за едно поместено битисување. Ќе го види повикот за помош кој доаѓа и од зафатените и од слободните души. Но и кон тој повик за помош минатогодишниот лауреат има свој одговор во еден свој расказ велејќи :“Како,како да помогнеме кога и самите не можеме да ги препознаеме змиите кои спијат длабоко во нашите души, стрпливо чекајќи го мигот за будење“.
Очигледно е дека тоа сме ние ! А не дека немаше обид за влијание на Прличев и врз новите текови во самостојна Македонија. Токму со неговата парола „ Совршенство или Смрт“ и со нагласок на него како преродбеник , на почетоците на плуралистичка Македонија во 1991 година беше формирана Преродбенска партија со седиште токму во Охрид. Како и многу други прогресивни работи слично како и неговата судбина згасна осамена и разочарана.
Денес очајно недостига еден Прличев во Охрид. Една бунтовна душа,еден трагач, еден Сердар. Ние неколку ќе се собереме на Беседите и ќе го воспеваме иако во себе сме предалеку од „првовенчаниот македонски поет“. Ние повремено ќе блеснеме и гориме , тој тлее секогаш. Ќе одиме и на неговата Визита, иако не навечер како што е редот , за да сочуваме парче охридизам , парче бунтовност од него. Да сочуваме едно ливче од неговиот лавров венец со кое ќе си ја покриеме бендисаноста и уште едно на кое ќе напишеме Охрид ,Охрид убав мил ….
Прличеви беседи , лето господово 2016 -то.
Дејан Пановски , само охридист
Публицитет.мк