Во рамките на проектот „Денот потоа: Локални избори“, Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје во соработка со прогресивни граѓански организации и претставници од академската фела, во периодот септември-октомври 2017 година организираше активности за унапредување на состојбите во општеството на локално ниво во Република Македонија.
Активностите се одржаа во општини од сите осум плански региони во Македонија (Велес, Штип, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Маврово/Ростуше, Општина Центар, Град Скопје и општините на територијата на Скопје). Координаторите од граѓанскиот сектор од секоја од општините имаа задача да ги повикаат и консултираат организациите од граѓанскиот сектор со цел да се креираат барања во различни области кои денес се претставија до кандидатите за градоначалници во тие општини.
Со потпишувањето на наведените барања, кандидатите за градоначалници прифаќаат, штом ја добијат довербата од граѓаните, да се формираат мешани работни групи од општинската администрација и организациите/индивидуите кои ги креирале барањата со цел да се изнајдат решенија за имплементација на самите барања. Сите овие активности ќе подлежат и на граѓански мониторинг, а целиот овој процес ќе биде поддржан од Фондацијата Фридрих Еберт во периодот до крајот на мандатите на градоначалниците.
Денешните прес конференции во горенаведените општини беа насловени „ОБВРСКА СЕГА! ЗА ДЕНОТ ПОТОА!“, а од страна на Фондацијата Фридрих Еберт поканети беа сите кандидати за градоначалници за вклучените општини. Барањата на организациите од граѓанскиот сектор беа презентирани до нив во директна консултација (во прилог: барањата од сите вклучени општини)
Во сите општини присутни беа кандидатите за градоначалници на коалицијата предводена од страна на СДСМ, а дополнително во Град Скопје и Општина Центар присуствуваа и кандидатите за градоначалници од партијата ЛЕВИЦА. Во Охрид покрај кандидатот од СДСМ и коалицијата д-р Јован Стојаноски присуствуваше и независниот кандидат Стевче Стевоски. Присутните кандидати ги потпишаа барањата креирани од организациите од граѓанскиот сектор и дадоа „Обврска сега! За денот потоа!“.
Штом овие кандидати ја добијат довербата на граѓаните, веднаш започнува процесот на меѓусебна соработка и исполнување на барањата од граѓанскиот сектор поддржан од страна на Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје.
Еве што побараа невладините од Охрид а на што и за каква соработка со нив и идни дејствувања се обврзаа присутните кандидати за градоначалник на Охрид .
Во пресрет на локалните избори 2017 година во Република Македонија, ние, претставници на граѓански организации во општина Охрид упатуваме барања до кандидатите за градоначалник на општина Охрид, преку кои очекуваме унапредување на состојбите во општествено, социо-економски и политички области на локално ниво, во нашата општина. Со потпишувањето на долу наведените барања кандидатите за градоначалник прифаќаат, штом ја добијат довербата од граѓаните и стапат на функција дека ќе изнајдат решенија за имплементација на истите.
Сите активности во насока на имплементација на барањата, ќе подлежат на граѓански мониторинг кој ќе биде подржан од Фондацијата Фридрих Еберт, во периодот до крајот на мандатот на градоначалник.
Барања:
1. Поддршка од општината во обезбедување на простории во кои ГО би можеле да се состануваат и спроведуваат активности од нивниот делокруг на работа како и финансиска поддршка заснована на отворен повик, апликација со проект или грантови за поддршка;
2. Креирање на буџет за млади во рамки на буџетот на општината;
3. Решавање на проблемот за хуман третман на бездомните животни и недостатокот на стационар за бездомни животни;
4. Барање за воспоставување Координативен центар односно Служба за спасување на планина и непристапни терени и Служба за безбедност на вода.
5. Обезбедување на капацитети за стари лица над 65 години на кои им е потребна институционална помош и поддршка;
6. Социјална заштита и хуманитарна помош на социјално-ранливото население во Охрид, одржливост и поддршка на социјалните програми;
7. Санација и ревитализација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро;
8. Обезбедување на бесплатни термини и реквизити за вежби, за превенција и корекција на деформитети во ран детски раст и развој.
9. Дефинирање на младински буџет за помош на младински организации, иницијативи и политики,
10. Отварање на Граѓански центар за помош и нормално функционирање на разните граѓански здруженија.
Публицитет.мк