Предлог-законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со прислушувани материјали вечерва околу 20 часот е повлечен од неговите предлагачи – Талат Џафери пратеник од ДУИ и Крсте Мукоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради овој закон вчера беа пробиени роковите за изборната регулатива, а со неговото повлекување Џафери го олесни преговарачкиот процес.
Договорено е овој законски проект да се доработи, и заедно со законот за „свиркачите“, во пакет со измените во изборните закони, да дојдат на дневен ред на собраниска седница до 20 октомври. Тоа значи дека и овие закони треба најпрво да бидат усогласени меѓу претставниците на четирите партии кои преговараат за спроведување на договорот од Пржино.
Медијаторот Питер Ванхојт ја поздрави ваквата одлука на ДУИ и рече дека има приближување на ставовите за спорните прашања од изборната регулатива, има конструктивност кај преговарачите и најави дека договорот за изборната регулатива ќе се постигне до утринските часови. Моментално во Клубот на пратенци преговарачките тимови интензивно разговараат за сите прашања.
Денеска и вчера се појавија бројни реакции на јавноста, од експерти, невладини организации, се огласија од Сојузот на самостојниот синдикат на независни медиумски работници (ССНМ), ЗНМ, НВО Инфоцентарот, а револт против можна цензура дојде и од Либерално демократската партија, Демократски сојуз, Алијансата за позитивна Македонија…
Граѓанската платформа „Ајде!“, пак, заедно со повеќе активисти и граѓани одржаа протестен собир пред парламентот и порачаа „Цензурата е забранета“.
Извор: mkd.mk