Доц. д-р Ирена Целеска е од Охрид а работи на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.
Таму е вклучена во низа научно – истражувачки проекти а своите истражувања од областа на ветеринарството постојано ги презентира на домашни и меѓународни семинари, симпозиуми и конгреси. Недоамна во интервју за веб порталот Македонија денес, доц. д-р Целеска даде интервју кое поради актуелноста го презедовме во целост.
МД: Честопати луѓето купуваат куче без претходно да се информираат што е важно за неговото здравје, исхрана и соодветна нега и чување. Што е најважно да се знае на почетокот?
ИЦ: навистина луѓето понекогаш прават грешки во изборот на раса на куче, како домашен миленик, без претходно да се информираат за расните карактерстики, екстериерните перформанси, потребите на милениците, меѓутоа интересен е фактор дека сопствениците си ги бираат расите на кучиња според својот карактер, физички и психички особини. Друштвените луѓе бараат активни кучиња, креативните луѓе бараат пудлици, интровертните луѓе бараат раси на кучиња со флегматичен карактер. Сепак при изборот на раса треба да се знаат карактерните особини на расата, најчестите предиспонирачки болести кај одредена раса, превентивните протоколи за вакцинација, третманите од екто и ендопаразити и хигиенските навики. На почетокот најважно е да се обезбеди топол дом и пријатна средина за миленикот со чинот на одвојување од мајката, кој своевидно претставува стрес, да се обезбеди соодветна исхрана адаптирана за нивната возраст и килажа.
МД: Кои медицински прегледи и третмани се неопходни во првата година од животот на кучето? Кои вакцини се задолжителни?
ИЦ: Додека малото куче е сеуште во леглото кај мајката треба да се изврши дехелминитизација со антихелминтик со широк спектар, измеѓу втората и третата недела, пред да се појават јајцата на аскаридите во фецесот на малите кучиња. Третманот треба да се повтори четврта, шеста и осма недела, за да се уништат аскаридите кои пренатално или трансплацентарно го инвандирале организмот на малите кученца. Програмот за дехелминтизација континуирано се одржува секој месец до 6 месечна возраст, во доза соодветна на килажата на кучето, а после 6 месеци се континуирано се дехелминтизира на секои 3-4 месеци. Со вакцинацијата се започнува на возраст од 6 недели или 40-45 ден со Puppy вакцина, па првата ревакцианцијата се врши за 3 недели од првата вакцина и уште една ревакцинација за 4 недели од втората вакцина. Со оваа вакцина се опфатени заразните болести од кои лесно можат да заболат малите кучиња, како што се парвовироза, штенечак, заразен хепатит, лептоспира, параинфлуенца. Но, вакцината за беснило е законска обврска за секој сопственик на миленик, после 4-5 месечна возраст.
Доц. д-р Целеска
МД: Каков вид на исхрана се препорачува? Дали сопствениците исклучиво треба да се придржуваат на употреба на кучешка храна или истата може да се комбинира и со подготвен оброк за нивниот миленик?
ИЦ: Исхраната на милениците е избор на сопственикот. Најчесто се препорачува сува дехидрирана храна за кучиња, прилагодена за расата и за возраста на кучето. Во ваквите оброци квалитативно и кванититативно се избалансирани составните хранливи и нутритивни состојки, како и потребните суплементи за правилен раст и развој. Текстурата на гранулатите и распоредот на фибринските влакна е прилагоден на стисокот на забалото на кучињата, така што уште од најмала возраст односно од 30 дена кучињата можат да конзумираат сува храна и треба да се навикнуваат на ваквиот тип на исхрана. Секој производител на сува храна има пропишана таблица за дневно потребно количество на сува храна изразено во грамови, во зависнот од возраста и килажата на кучето. Кај младите кучиња до 4 месеци треба да се подели на 5 оброци, до 6 месечна возраст на 4 оброци, до 9 мсечна возраст до 3 оброци, до 12 месеци во 2 оброци и над година дена се препорачува да се дава еднаш дневно. Сувата дехидрирана храна најчесто е наменета за мали, средни, големи и гигантски раси на кучиња, во различни фази на раст и развој, јуниор, адулт, сениор, како и за кучиња со нормална активност и зголемена енергетска активност. Но, и покрај препораките за користење на храната за кучиња, некои сопственици се одлчуваат за готвење, така што на нив им препорачуваме максимално избегнување на употреба на зачини, запршки, мрсни пилешки кожи, пилешки коски, благо, сувомесни производи кои содржат конзерванси. Доколку милениците се исклучиво на домашна храна, строго препорачуваме дополнителна употреба на суплементи, витамини во комбинација со минерали и аминокиселини, за правилен раст и развој на кучињата. Меѓутоа сопствениците најчесто користат мешан тип на исхрана, односно подобрување на палатабилноста на сувата храна со некој додаток, како што се млеко, јогурт, млечни производи, јајца, супа, морков, ориз, палента и слично.
МД: Кои намирници се опасни по животот на кучето и треба да се избегнува нивно консумирање?
ИЦ: Слободно можам да кажам дека голема и разновидна е листата на хранливи состојки кои ние ги конзумираме, а се опасни за здравјето на милениците. Некои од намирниците не се препорачуваат ни во најмали количества, а некои се препорачуваат во умерени количества. Пред се како најопасна морам да ја споменам чоколадата, поради присуството на теоброминот и теофилинот во какаото, кој можат да предизвикаат надразливост, нервоза и несоница кај кучињата. За посластица кај кучињата се препорачува слатка награда во чиј состав има млечен шеќер, односно лактоза. Термични необработени изнутрици во чиј состав може да има штетни и патогени бактерии може да бидат опасни за здравјето на кучето, а исто така мрсни остатоци од свинско и јагнешко месо, покрај панкреатитис и дијареја можат да предизвикаат и алергиски дерматитиси кај кучињата. Путерот од кикирики исто така е алерген агенс богат со протеини и масти кои можат да предизвикаат имунолошко престројување во организмот. Пилешките меки коски се потенцијална опасност за механичка повреда на цревата, со дополнителни компликации. Употребата на прекумерно количество на сол може да предивика прекумерна жед, блага депресија, а исто така зачините и конзервансите можат да доведат до нарушување на функцијата на црниот дроб. Од зеленчукот како опасни намирници би ги издвоила кромидот и лукот, поради присуство на пропил-сулфидот, јак оксиданс, кои доведува до оксидативно нарушување на хемоглобинот од еритроцитите, со знаци на блага анемија, летаргичност, губење на апетит, повраќање, забавеност. И печурките би требало да се избегнуваат. Од овошјата да не се употребуваат грозје, суво грозје, рибизли, поради присутна гликоза и прооксидансите, кои покрај нарушувањата во дигестивниот систем, можат да доведат и до бубрежни нарушувања, со сите симптоми на полиурија, полидипсија и дисурија. Авокадото е мошне опасно и штетно, поради состојката персин, која предизвикува дигестивни нарушувања во кинетиката и мотилитетот на цревата. Прекумерно користење на млечни производи или користење на млечни производи со изминат рок, можат да доведат со дигестивни симптоми поради отежнатато варење. Сите производи во кои би се очекувало присуство на органохлорни и органофосфорни резидуи, као и тешки метали, би требало да се избегнуваат, како и намирниците кои се подложни на брза и лесна ферментација.
МД: Сопствениците честопати се соочуваат со проблемот на појава на диареа кај нивните кучиња. Дали тоа е резултат на исхраната, настинка или други причинители. Што препорачувате во ваква ситуација?
ИЦ: Да, дијареата е еден од најчестите прични поради кои сопствениците го посетуваат матичниот ветеринар. Може да биде од различна етиологија, вирусна, бакериска, токсична, паразитарна, аутоимуна, исто така може да се јави како резултат на затајување на функцијата на црниот дроб и панкреасот, понекогаш може да биде и од идиопатска етиологија. За да се идентификува причината за појава на дијареа, треба да се земе точна и презицна анамнеза од сопственикот, кога започнала дијарејата, колку често кучето дефецира, конзистенцијата на изметот, со каква клиничка слика е пропратена дијрејата, дали има системски пореметувања. Препорачувам да се посети матичниот ветеринар, да се направат лабораториски испитувања на крвта, како и копролошка анализа на свеж фецес и од кога ќе се утврди причинителот да се започне со соодветен тераписки протокол пропратен со посебен режим на исхрана. Доколку има системски пореметувања да се аплицира и интрафлуидна терапија за да се корегира електролитниот дисбаланс и супституција на телесните течности, во случај на евентуална дехидратација. Не се препорачува терапија на своја рака од страна на сопствениците, зошто понекогаш може да биде контраефективна
МД: Колку често кучињата се разболуваат? Кои се најчести болести од кои заболуваат?
ИЦ: Интересно прашање, но, морам да признаам дека кучињата често се разболуваат, особено ако сопствениците не се придржуваат на превентивните програми на вакцинален, ендо и ектопаразитарен третман. Но, понекогаш и покрај вакцинајцијата постојат сотојби на „прозор на имунитетот“ кога кучињата можат да заболат, особено кога станува збор за раси предиспонирани на некои болести, како на пример лабрадор, ротвајлер, шарпланинец се предиспонирани на парвовирозата, исто така и штенечакот предизвикан високо вирулентен патоген сој на вирусот може да зарази вакцинираните кучиња, најчесто младите категории, но не се поштедени и повозрасните категории на кучиња. Демодексот често се сретнува кај добермани, пинчери, мопсови, шар-пеј, ротвајери, исто така кај младите категории на кучиња, кучките во лактација или возрасните кучиња со имунолошка компромитација, присутни се и шугарците, саркоптес, нотоедрес, отодекте. Дерматомикозите можат да се појават спонтано или после долготраен антибиотски третман. Од промени на кожата можат да се јават дерматитиси предизвикани од угриз на болви, дерматириси од протеински хидролизати на храна, атопични дерматитиси, пиодерми односно гнијни воспаленија на кожата. Векторски преносливите болести, преку хематофагните инсекти или крлежи, земаат се поголем замав како што се лајшманијата, ерлихијата, пироплазмата, анаплазмата, дирофиларијата, хепатозоон, овие болести можат да бидат со хроничен тек и дубиозна прогноза, ако не се дијагностицираат и третираат навремено. Ендокринопатиите, односно хормоналните нарушувања се честа појава, шеќерната болест, хипотироидизмот, хиперадренокортицизмот. Исто така стекнати и вродени миокардиптатии, респираторните нарушувања, бронхитиси, бронхопнеумонии. Посебни загружува фактот на се почестата појавата на неоплазии, односно тумори, труењата со различни отрови, трауматски повреди, страни тела и слично.
МД: Што советувате во случај кога кучињата имаат температура, се омалаксани или не сакаат да јадат? Дали кучињата смеат да земаат антибиотик или други видови на медикаменти?
ИЦ: Појавата на покачена телесна температура е симптом на некое заболување и секако се препорачува посетата на матичниот ветеринар, за да се направи детален клинички преглед, во спрега со анамнестички податоци, за да се постави точна дијагноза и да се локализира причинителот. После клиничкиот преглед, лабораториската дијагностика, микробиолошка анализа, рентгенолошки испитувања, ултразвучната дијагностика, доколку е индицирана употребата, се применува антибиотска терапија во тераписки или превентивни цели, во пропишана доза и одредено времетраење. Антибиотската терапија може да биде инјекциона или таблетарна, а кога станува збор за другите медикаменти, постојат лекови кои се наменети за користење само во ветеринарнта медицина. Но, некои од лековите од хуманата медицина можат да се користат во ветеринарната медицина, како што се некои аналгетици, антипиретици, спазмолитици, антиеметици, гастропротективи, антихистаминици, антиинфламаторни, имуносупресиви, антиинфламаторни нестероидни лекови, пробиотици, некои хемотерапеутици, но, во друга пропишана доза, додека постојат лекови во хуманата медицина кои се строго забранети за употреба во ветеринарната медицина.
МД: Дали е вистина дека женските кучиња задолжително треба да се парат барем еднаш во текот на нивниот живот во спротивно е зголемен ризикот од појава на рак на матката?
ИЦ: Не, тоа не е точно. За да се превенира појава на тумори на генитални органи светската литература препорачува стерилизација пред појава на првиот циклус кај женските единки. Примената на хормонска терапија за супресија или индукција на циклус може да ја зголеми инциденцата за појава на проблеми на генитални органи кај женски единки. Најчести заболувања на гениталните органи кај женските индивидуи е лажен гравидитет кој клинички се манифестира со нарушено однесување на кучките два месеца после циклусот кој резултира со цистичната ендометријална хиперплазија, како резултат на перизистентно жолто тело, односно хормонален дисбаланс, исто така често може да се јави асептичната пиометра, туморите на јајници и на матка, аденокарциномите на млечната жлезда како естрогено зависни тумори. Тоа е избор на сопствениците, дали женските индивидуи ќе ги користи во репродуктивен циклус или ќе се одлучи за стерилизација.
МД: Кои се симптомите на беснило кај кучињата и дали истите се целосно заштитени од оваа појава со редовно вакцинирање. Колку често се примаат овие вакцини?
ИЦ: Појавата на урбаното беснило во нашата држава е ретка појава. Последен случај е регистиран во 2012 година, на мачка во радовишко село. Вакцинацијата за беснило треба да се врши еднаш годишно е законска обврска за сопствениците на миленици, пропишана во годишната програма за здравствена заштита на животните. Милениците треба да се вакцинираат еднаш годишно. Беснилото е заразна болест предизвикана од липофилен неуротропен вирус, кој се пренесува со угриз на заболеното животно, во почетокот се манифестира со хиперсаливација, агресија и хиперсензитивност на надворешни стимули, на пример светлина, хидрофобија, потоа следи дезориентираност, некоординација, парализа и смрт.
МД: Честопати кај кучињата кои се чуваат во домашни услови се појавува агресија која ја манифестираат со гризење и уништување на работи по домот. На што се должи ова и што треба да направат сопствениците за да се спречи ваквото однесување?
ИЦ: Додека кучињата се во раст и развој нормално е гризење и жвакање на различни предмети во домот како резултат на игра, спознавање на средината, учење на мириси. Уште од најмала возраст на кучето треба да му се даде до знаење кои работи се дозволени за гризење, а кога Но, кај возрасните кучиња може да се појави доминантна агресија предизвикана од повеќе фактори, пред се генестки фактори, хормонални, но пресудна улога има авторитетот на сопственикот и начинот на воспитување на миленикот. Кога сопственикот применува физичка болка при воспитувањето, кучето тоа го смета како нормален акт така и возвраќа, што влегува во изградба на неговиот карактер. Ржењето и касањето е јасна манифестација со која кучето изразува негодување кон некои постапки, на пример земањето на храна, коска, играчка, навлегување во негова територија, вознемирување додека спие или одмара, одбивање да изврши некоја команда и слично. Но, постојат и бихејвиорални нарушувања на кучињата, а тоа е изразување на некое незадоволство на кое кучето не е навикнато, како што е долготрајно отсуство од дома, присуство на туѓи лица, промена на средина, променет однос на сопственикот спрема миленикот, загуба на сопственикот, забрана на некои постапки кои биле вообичаени за кучето, па се манифестира со нанесување на смислена штета, уринирање по кревети, дефецирање на невообичаени места, гризење на кабли, далечински управивачи, мобилни телефони, криење на храна, вознемирување на сопствениците кога спијат, односно јасно манифестирање на незадоволство, кое може да доведе до трајни психосоматски нарушувања во однесувањето на кучето, анксиозност, опсесивност, компулсивност, нервоза, депресија, агресија, кои можат да бидат терапирани со соодветна медикаментозна терапија.
МД: Дали кучињата ги менуваат забите и до која возраст? Дали и кај нив како и кај луѓето се појавува каменец и кариес? Што треба да се прави за нега на забите?
ИЦ: Растењето на млечните заби започнува уште од најрана возраст од 21 ден, меѓутоа тоа не се трајни заби, бидејќи во одреден период од три и пол до девет месеци последователно се менуваат во трајни заби, секачите и очњаците. За сопствениците е важно да знаат да не се плашат кога ќе забележат дека некој заб му недостасува на кучето или ако најдат млечно запче по дома, или ако забележат крварење на непцето. За разлика од млечните заби кои се меки и оштри, трајните заби се поголеми, по сјајни и по бели, околу 5 месечна возраст се заменуваат очњаците, а комплетен раст на забалото завршува околу 9 месечна возраст со комплетен раст на предкатници и катници, однсно формирање на забало со вкупно 42 заба. Сопствениците треба да внимаваат доколу не паднат млечните заби, односно да дојде до дупло забало кое понатака доведува до деформитети во развојот на трајното забало, кое се смета за генетска аномалија, особено кај високо вредните раси во високи екстериерни перформанси. Платнените играчки се сметаат за најдобри за развој на забалото, но најопасни, бидејќи може да се проголтаат конци или крпици, а гумените и тврдите играчки и предмети може да предизвикаат искривување на забалото. Негата на забите е многу важна во тек на животот, зошто и здравјето на милениците влегува преку уста, па уште од најмала возраст кучињата треба да се навикнуваат на хигиена во усната празнина, остранување на наслагите, каменецот, кои можат да доведат до појава на гингивитис, парадентопатиите, рецесија на непцето, перидентални цисти, фистули и слично. Кај забниот каменец се препорачува екстирпација каменецот и разнишаните заби, локален антисептичен третман со гелови или пасти и антибиотска терапија. Појавата на кариесот е исклучително ретка појава кај кучињата. Најчесто промените во усната празнина се поврзани со начинот на исхраната на кучињата.
МД: Честопати сопствениците сакаат да ги носат своите кучиња со себе кога патуваат или одат на одмор. Кои документи се потребни за да може кучето да се изнесе од земјата?
ИЦ: Доколку сопствениците можат да си дозволат и доколку дестинацијата го дозволува тоа, секако пожелно е и кучињата да се носат на годишен одмор. Од матичниот ветеринар се зема уверение за здравствената состојба на миленикот, а после со овластениот ветеринарен инспектор издава сертификат за патување, во согласност со меѓународните прописи во државата во која се патува. На овој сертификат се евидентира датумот на последната вакцинација за беснило, дехелминтизацијата и антиектопаразитарен третман во рок од 72 часа, пред напуштањето на државата.
МД: Што е важно да се земе во предвид доколку повеќе часови се патува со возило или се лета со авион? Дали кучињата се склони на повраќање при патување и како да се делува против истото?
ИЦ: Кучињата уште од најмала возраст треба да се учат на патувања, така што користењето на било кое транспортно средтство не би требало да претставува стрес за кучињата. Пред патување не би требало да се конзумира храна и прекумероно количество на вода, за да се избегнат несаканите ефекти од повраќањето, што претставува дополнителен стрес за кучето. Исто како и кај луѓето, некои од кучињата тешко го поднесуваат патувањето, па се препорачува таблетарен анитстрес третман на природна база со Zylkene таблетки, неколку дена пред очекуван термин на патување, ги ослободува милениците од напнатост и страв и полесно да го поднесат стресот, преку ослободување на неуротрансимтери и неуромодулатори во централниот нервен систем. Доколку прописите на авиокомпаниите овозможуваат сопственикот да е присутен со миленикот, тоа би го ублажило неговиот стрес и би обезбедило чувство на сигурност, но доколку се сами, во транспортер, треба да имаат доволен простор, комфорт, комодитет и вентилација, за да можат да ја завземат посакуваната положба на телото. Доколку се патува со автомобил, миленикот преку вокални сигнали или информативни движења на телото, цвилење, лаење ќе му даде знак на сопственикот за некоја негова физиолошка потреба, пауза, жед и слично.
МД: Колку е животниот век на кучињата? Од кои фактори истиот најчесто зависи?
ИЦ: Тешко е за се зборува за животниот век на кучињата, бидејќи не постојат строго дефиниран животен век. По некои непишани правила, малите и средните раси на кучиња живеат 10-12 години, па и повеќе, а големите и гигантските раси на кучиња живеат од 8-10 години. Постојат повеќе фактори од кои зависи нивниот животен век, како што е начинот на чување, негата, хигиената, здравствениот третман, совесноста и одговорноста на сопственикот, брзата, навремената и точната дијагностика на болестите. Но, и покрај правилен третман и соодветна грижа, понекогаш неочекуваните труења, сообраќајните несреќи, заболувањата со перакутен тек можат да доведат до брза изненадна загуба на миленикот во било која возраст. Интересен е и фактот дека кучињата во градовите во просек живеат 3 години повеќе од кучињата во руралните средини.
МД: Колку се важни секојдневните прошетки за кучињата?
ИЦ: Секојденвните прошетки на кучињата се многу важи за нивното здравје и благосостојба и тоа е една од нивните омилени активности. Тие се социјални животни и секојдневната прошетка со сопственикот се повеќе ја зацврстува нивната меѓусебна врска и доверба. Тие ја сакаат прошетката пред се заради нивната физичка активност, ги сакаат и ги учат мирисите на природата со душкање, кога се шетаат тие се релаксирани, среќни и задоволни, ја запознаваат средината и околината, се запознаваат со други кучиња кои им стануваат пријатели, се мирисаат, си играат. Прошетката им е избегнување на секојдневието во домот и здодевноста, а воедно ги извршуваат и физиолошките потреби. Кога се шетаат, кучињата треба да ги учат и да ги препознаваат наредбите на сопственикот и да бидат послушни. Секоја прошетка предизвикува лачење на ендорфини, што ги прави кучињата среќни.
МД: Се ближат Новогодишните празници. Сé помасовна е употребата на петарди и други пиротехнички средства. Колку истите може да им наштетат на кучињата и како да ги заштитиме?
ИЦ: Најдобро е доколку е возможно да се избегне употребата на пиротехнички средства, одобено во оние семејства во кои има кучиња. И покрај многубројните апели за штетноста на овие пиротехнични сретства, сепак нивната масовна примена особено во тек на новогодишните празници може да доведе до состојба на сериозен стрес кај кучињата, кој се манифестира со возбуда, страв, лаење, лигавење, одбивање на храна, тресење на мускулатурата по целото тело, криење во засолништа. Кучињата никако неможат да ги поднесат овие звуци, а ист е случај и со звукот на грмотевиците. Најбитно е кучето да биде со сопственикот, во својата позната средина, за да го има чувството на сигурност. Исто како кај патувањата, се препорачува таблетарен анитстрес третман на природна база со Zylkene таблетки околу 7 дена пред очекуваното користење на пиротехнички средства, за да се ослободат биоактивни пептиди, за да можат послено да го надминат овој новонастанат стрес.
Извор:www.makedonijadenes.com.mk