Се чини како никогаш досега немало толку голем интерес во нашата земја за најпрестижните филмски награди Оскарите како што тоа беше оваа година. И со право , бидејќи македонскиот долгометражен филм „Медена земја“ имаше две номинации за наградата во категориите Најдобар документарен филм и Најдобар меѓународен филм. Нешто што за прв пат се случи во историјата на Оскарите.
За жал и во двете категории наградите им припаднаа на други филмови кои според мислењето на членовите на академијата ( ги има вкупно 8000) тоа повеќе го заслужиле.
Така за најдобар документарен филм Оскарот му припадна на филмот „ Американска фабрика“ на режисерите Стивен Богнар и Џулија Рајхарт . Ова е прв филм на продуцентската компанија на брачната двојка Барак и Мишел Обама а во продукција на моќната мрежа Нетфликс.Филмот ,всушност, беше скриениот фаворит во оваа категорија.
Во категоријата Најдобар меѓународен филм наградата Оскар му припадна на јужнокорејскиот филм „ Паразит“на режисерот Бон Џун – хо, кој беше апсолутен фаворит во оваа категорија.
Веднаш по објавувањето на наградите , членовите на екипата на „ Медена земја“се заблагодари за огромната поддршка одстрана публиката и за честа што им беше укажана со двете номинации од Американската филмска академија.
„Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас. Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за Оскар.
Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“,пишува во пораката тимот кој го создаде филмот и кои ја преставуваа достојно нашата земја на оваа голема манифестација.
Инаку, апсолутен победник , на големо изненадување, оваа година стана јужнокорејскиот филм „ Паразит“кој за првпат во историјата ги освои Оскарите за најдобар филм и најдобар меѓународен филм. Во исто време тој е и првиот филм кој не е на аглиски да ја освои титулата за најдобар филм.
Екипата на филмот на членовите на Академијата им се заблагодари со зборовите: „Цело време не подржувавте , ни дававте сила и поткрепа и заради тоа продолжуваме понатака. Ви благодариме уште еднаш“.
Филмот „ Паразит“ освои вкупно четири Оскари- за најдобар филм, најдобра режија, најдобар меѓународен филм и најдобро оригинално сценарио.
Интересно е да се спомене дека дури четири филма имаа по 11 односно 10 номинации за Оскар . Но ниту еден од нив не успеа да го надмине според наградите победничкиот филм „ Паразит“.
Така,филмот „ Џокер“ кој имаше 11 номинации успеа да освои само два Оскари , за најдобра машка улога ( очекувано за улогата на Жоакин Феникс) и за најдобра оригинална музика.
Останатите три филма кои имаа по 10 номинации истотака не се прославија во изминатата оскаровска ноќ.
Така, фаворизираниот филм на Сем Мендез „ 1917“ дома си замина со три Оскари: за фотографија, визуелни ефекти и монтажа на звук.
Филмот на Тарантино „ Беше еднаш во Холивуд“освои два оскари : За најдобра споредна машка улога ( очекувано за Бред Пит, негов прв Оскар) и за најдобар продукциски дизајн.
Најголем губитник оваа година е секако филмот на Мартин Скорсезе „ Ирецот“ кој имаше десет номинации а не освои ниту една награда.
Веќе рековме дека наградата за најдобра режија ја освои 51 годишноот јужнокорејски режисер Бонг Џон –хо кој при примањето на наградата рече: „ Не очекував дека ќе победам. Бисакал да имам моторна пила и да го пресечам Оскаров на пет делови и да го споделам со Вас“ на што публиката го поздрави со бурен аплауз.
За актерот Жоакин Феникс ова е прв Оскар во неговата кариера. Од друга страна тој стана вториот актер кој доби Оскар за иста улога. Имено за толкувањето на ликот на Џокер во 2009 година беше награден и актерот Хит Леџер. Тој доби Оскар за споредна улога во филмот „ Витез во темнината“
При добивањето на наградата Феникс рече:„Не се чуствувам дека сум над некого во оваа просторија. Сите ние го сакаме филмот.Тој ми даде прекрасен живот. Бев себичен и со мене е тешко да се работи. Благодарам сум што ми дадовте втора шанса.Тука сме најдобри, кога си простуваме“ Тој ја искористи оваа прилика и да укаже на невољите со кои се соочува светот како што се родовата нееднаквост, расизмот, хомофобијата и искористувањето на природата.
Оскарот за најдобра женска улога го освои , очекувано, Рене Зелвегер за улогата во филмот „ Џуди“каде го толкува ликот на славната актерка Џуди Гарланд.
„ Оваа година во која ја славев Џуди Гарланд беше подсетник дека нашите јунаци не обединуваат и вдахнуваат како би го пронашле она најдоброто во себе. Кога ги славиме своите херои, се потсетуваме на тоа кои сме“рече Зелвегер при добивањето на Оскарот.Потсетување дека Џуди Гарланд никогаш не ја освои оваа престижна награда.
Инаку, првиот Оскар , синоќа, му беше доделен на актерот Бред Пит за неговата улога во филмот „ Беше еднаш во Холивуд“во категоријата најдобра споредна машка улога.Ова е негов прв актерски Оскар. Како продуцент тој заедно со уште неколкумина го освои Оскарот за најдобар филм „ 12 години ропство“.
Во женска конкуренција за најдобра споредна женска улога, исто така очекувано, наградата и припадна на актерката Лора Дерн за улогата во филмот „ Брачна приказна“на режисерот Ноах Баумбах.Таа досега имаше две номинации за Оскар а ова нејзиниот прв Оскар.
Оскарот за најдобар анимиран филм го освои филмот „ Приказна за играчките“4 на компанијата Пиксар- Волт Дизни.
За најдобра оригинална песна Оскарот му припадна на кантавторот Елтон Џон . Насловот на песната е „ Ќе се вратам повторно ќе ме сакаш“од филмот „ Рокетман“.
Од останатите награди ќе ги споменеме уште и наградите за :
Најдобро адаптирано сценарио кое му припадна на Таика Ваитити за филмот „ Јо Јо зајак“
Најдобар звук за филмот „ Форд против Ферари“ кој ја освои и наградата за најдобра монтажа
Најдобра костимографија ја освои филмот „ Малкечките жени“.
И годинешната церемонија како и измината немаше домаќин. На сцената на почетокот од церемонијата се појавија некогашните водители , актерите, Стив Мартин и Крис Рок кои кажаа неколку шеги а во подоцнежниот дел се појавија поголем број на познати актери кои измината година се закитија со наградата Оскар како презентери на поедини награди.
Се’ на се’ оваа година ќе остане забележана во историјата на македонската кинематографија по светлите моменти кои ни ги овозможи екипата на филмот „Медена земја“ кои на светот му покажаа и докажаа дека и нашата земја „ Има пчели за трка“.
Тие на цел свет им покажаа дека оваа земја е навистина МЕДЕНА а на сите нас и на идните генерации дека треба да се цениме и почитуваме меѓу себе и како луѓе и како народ.
Од таму, можеби ќе биде добро нашите јунаци да ги дочекаме како што доликува и како што заслужуваат да се дочекаат луѓе кои ја прославија нашата татковина.Ако можеше да се прослави четвртото освоено место во Европа во кошарка, зошто да не ја прославиме двојната номинација за Оскар.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк