Неисвесноста трае
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, прогласија победа на денешните предвремени парламентарни избори – двете партии слават, но, разликата меѓу бројот на гласовите што ги освоиле нивните коалиции е премногу мала за во оваа неофицијална фаза со сигурност да се знае победникот, кој, во крајна линија, не мора да го одлучи бројот на освоени гласови, туку официјалната распределба на пратеничките мандати во Собранието (зависи како гласовите се распоредени по изборни единици и како ќе ги претвори во мандати донтовата формула).
Според Државната изборна комисија (резултати добиени до 2:50 часот, од преброени 98,10% од гласовите) разликата е 16 351 глас (444 001 за Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 428 650 за Коалицијата на СДСМ).
Кој и да биде мандатар за составување на новата влада, ќе треба „да брка“ поддршка до 61 пратеник меѓу партиите од албанскиот блок, во комплицирана ситуација кога ниту една од партиите со албански етнички предзнак нема доволно пратеници за сама да им биде партнер во владина коалиција на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, половина час по полноќ се обрати и прогласи победа.
„Денес победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, но денес победи и Република Македонија. Ова е 10-та изборна победа по ред на ВМРО-ДПМНЕ, 10-ти пат мнозинството граѓани гласаа и со најголем број го поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и нашата програма, визија, тим“, изјави Груевски, кој рече дека следува процес на формирање коалиции и на влада, и оти главна цел на ВМРО-ДПМНЕ во наредните недели ќе биде „кризата да заврши со овие избори и државата да оди напред“.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се обрати пред Владата на Мaкедонија, каде СДСМ славеше победа на изборите.
„Во моментов опозицијата има еден мандат повеќе. Падна режим со пенкало, со глас. Победи животот . Бидете среќни и горди. Испишавте историја. Ќе имате што да им кажете на внуците. Јас се гордеам со вас. Македонија е горда земја, среќна земја. Ова се навистина историски моменти. Покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат дека Македонија ќе биде слободна, напредна земја, единствена. Радувајте се!“, порача Заев.