Заменик министерот за информатичко општество и администрација, м-р Александар Кирацовски, согласно мисијата за обезбедување на услови за слободни, фер и регуларни избори, заедно со членови од кабинетот го посети Центарот за социјални работи во Општина Крушево, како и Општина Охрид каде имаше средба со градоначалникот на Општината, Никола Бакрачески.
На средбите до раководителот на центарот за социјални работи во Крушево и на градоначалникот Бакрачески, им беа предочени дојавите кои што од вработените во тие институции, но и од граѓаните стигнале до веб страницата на дополнителниот заменик министер (www.dzm-mioa.mk), а истите се однесуваат на одредени вработени кои ја злоупотребувале својата позиција во интерес на партиско- политички цели за актуелната власт.
Исто така соодветно им беа претставени и законските одредби од Кривичниот и Изборниот законик во кои за ваквите дејствија се предвидени сериозни казни, се вели во соопштението од Кабинтеот на дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација м-р Кирацовски:
-Денес заедно со членови од мојот кабинет сме во посета на Општината Охрид, како и центрите за социјални работи во Ресен и Крушево.
Тука сме затоа што граѓаните, вработените секојдневно се охрабруваат и говорат за притисоците и политичкото влијание кои се прават врз нив.
Карактерот на политичкото влијание во институциите опфаќа закани и предупредувања за губење на работното место, казнување или распоредување на друго работно место, на друга локација, дисциплински мерки, намалување на плата, како и оценувањето на административните службеници.
Денес на градоначалникот на Општина Охрид, господинот Бакрачески му го предочив и проблемот со општинарите кои како казнена експедиција се префрлени во седиштето на старата Општина Косел, работат во несоодветни услови и без зададени обврски и работни задачи, што е спротивно на закон.
Безобразието на власта оди до таму што одредени директори и наставници од средните училишта, организирано влијаат врз учениците малолетници, активирајќи ги во партиско- политички цели за време на настава.
Тоа е недозволиво и мора да биде строго казнето. Законот е јасен и казните за вакво дело се строги.
Свесни дека власта со приближувањето на изборниот ден ќе го зголемува и притисоците врз вработените во ЈС, избравме одлучно да се бориме против истите.
Ќе направиме се изборите закажани на 11-ти декември да бидат слободни, фер и демократски, а граѓаните на соодветен начин, слободно да можат да ја изразат својата политичка волја, се вели во соопштението од Кабинетот на Дополнителен заменик на министер за информатичко општество и администрација м-р Александар Кирацовски.
Публицитет.мк