Се` повеќе компании сакаат да станат дел од програмата Дуално образование, но како да се мотивираат и учениците? Првичните ефекти се позитивни, но за целосен успех потребни се многу напори и промена на менталитетот…
„Првите класови почнаа во септември 2018 година и тие треба да завршат во 2022 така што првите резултати може да ги имаме најрано тогаш. Но она што е важно, е што засега стартот е одличен. Ако првата учебна година, дуалниот систем беше воведен во две паралелки во Охрид и Кавадарци, во новата учебна година воведуваме седум паралелки и во општините Велес и Прилеп. Веќе потпишавме и договори со неколку странски компании кои стануваат дел од процесот“, објаснува за Дојче веле Дејан Чуповски од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Адаптација на германскиот систем
Принципот на Дуално образование се воведува во македонскиот систем со германска поддршка, а има за крајна цел да обезбеди квалификувани кадри уште во текот на образовниот процес. Програмата започна уште во април 2017 година и идејата е да се имплементираат системските елементи од германскиот модел на дуално образование.
„Програмата не може да се пренесе еден спрема еден со онаа во Германија, но идејата е да се адаптира. Една од главните адаптации е што делот од практичната обука да биде значително поголем од досегашниот принцип. Да не биде како досега, 4 до 5 часови неделно бидејќи тоа е малку и за самите компании. Со компаниите Дрекселмаер, Костал, ОДВ Електрик и Леарница развивме нов образовен профил-техничар за индустриска мехатроника и тука тој удел на практичната обука во компанија ќе биде значително зголемен. На пример во втор година средно ќе биде цел ден, а во трета и четврта по два цели дена ќе бидат учениците во компанија. Тоа во принцип е големо подобрување, во Германија тие се три дена, но тоа засега не може да се преслика и во Македонија“, објаснува Чуповски.
Седум училишта, дел од проектот
Новина од наредната година е што се воведува уште еден профил а интерес за учество има уште од шест други компании:
„ Во новата учебна година очекуваме да имаме седум класови за дуално образование во пет региона и воведуваме уште еден профил- техничар за производно машинство од машинска струка. Важно е што се` повеќе компании покажуваат интерес за учество. Тие играат многу битна улога, ако на хартија ја имаш најдобрата програма, џабе е се ако немаш компании кои тоа би го спроведувале, но засега почетокот е одличен. Тие треба да имаат ментор, просторија за обука, бесплатен транспорт, по еден топол оброк, паричен надомест и на крај понуда за вработување. Но многу е важно да видиме и колкав ќе биде бројот на ученици кои ќе се запишат во претстојниот уписен рок, смета Чуповски.
Квалификуваниот кадар фали како леб
Креирањето на квалификувани кадри е потребно како леб, не само за странските, туку и за домашните компании. Бизнис заедницата веќе реагира од хроничен недостаток на квалификуван кадар. Процесот го поддржуваат и во дел активно се вклучени. Алтернатива велат, нема, но сепак не очекуваат резултати преку ноќ:
„Она што засега е познато е дека нема доволно ученички кадар за да се направат повеќе класови. Затоа сега треба да се работи интензивно на создавање квалитетни класови. Сакам тоа да се оствари но додека не се смени нешто клучно во државава, особено во менталната матрица, не верувам дека некој доброволно ќе праќа деца во средно училиште за да учат за мајстори. Кај нас тоа е толку исплукано, деградирано и клучното можеби не е кај властите, туку кај македонските семејства. Создадена е тотална инвертирана логика на функционирање „учи за да не работиш” и таа приказна функционира до крај. Еве гледаме низ годините како администрацијата најсериозно го погоди пазарот на работна сила, ние продуцираме кадри за администрација, но тоа мора да се менува“, смета Антони Пешев, бизнисмен и претставник на Стопанската комора на Македонија.
Засилен притисок за промена на менталитетот
Во вакви услови според него е клучно процесот да се турка засилено и со притисок и активно учество од сите чинители:
„Ние треба цело време да зборуваме и да правиме притисок да се прават инвестиции во овој сегмент. Во училници, во лабаратории, сега нека почнат да го прават тоа и државата и компаниите. Да ги научиме да го менуваат курикулумот на образованието. Да не чекаме по десет години, туку ако е потребно секоја година да го менуваме курикулумот. Тие што ќе завршат според мене и ќе бидат храбри да влезат во оваа приказна ќе имаат бенефити. Сигурно ќе земаат плата над 30 илјади денари. И многу скоро ќе се случи мајстор да зема повеќе од инженер, а некаде тоа и се случува. Затоа велам, мора да се прави притисок и мора да се работи на развој на тој систем оти ни нема спас“, реагира Пешев.
Државата планира масовност на програмата
Во целиот процес многу значајна улога игра и државата. Надлежните се активно вклучени во целиот процес и најавуваат амбициозни промени:
„Она што сметам дека треба да се направи е брзо да дејствуваме да го подобриме образовниот систем бидејќи со тек на време ќе стане ограчничуваки фактор за развојот на економијата. Мора како општество да дадеме сила да го смениме менталниот склоп. Во средно училиште да се воведе масовно дуално образование. Тоа е образование каде ученикот во средно може во втора година да почне да работи и да учи. Тоа значи дека ученикот два дена оди во училиште, три дена оди во компанија како вработен. Тие 3 години учи и работи и уште 3 години треба да одработи за компанијата којашто го вработила. Тој потоа на 23 години може да го продолжи образованието, објаснува вицепремиерот за економиски прашања Кочо Анѓушев.
Колку е значајна обуката, односно праксата во текот на образовниот процес покажува примерот со Дрекселмаер. Оваа германска компанија деновиве потпиша договор за вработување со седум од вкупно 16 ученици кои беа дел од програмата за практична работа по стариот систем со четири часови неделно во вкупниот фонд на часови. Работите сега се менуваат, а освен странските, во игра се и домашни комапнии. Засега се вкупно десет. Освен Дрекселмаер, Костал, ОДВ Електрик и Леарница, тука се и Кромберг и Шуберт, Маркарт, Брако, Витаминка, Гентерм и Вик. Слична програма на обука, односно пракса спроведува и австриската ЕВН.
Принципот на дуално образование, по теркот на германскиот образовен систем е еден од клучните приоритети во работата на германско-македонскиот економски управувачки комитет кој стартуваше годинава. Овој заеднички проект е германска иницијатива, а има за цел да и помогне на македонската економија преку пренесување искуства но и конкретна поддршка преку проекти и финансии. Заедничкиот комитет веќе одржа и неколку заеднички средби во Скопје и во Берлин. Освен образованието, во најава е и соработка во реализација на повеќе капитални и инфраструктурни проекти.
Извор: www.dw.com