ДУИ ќе им ги даде потписите на СДСМ за состав на нова влада, но тие потписи не значат дека ДУИ ќе коалицира со СДСМ.
Ова вечерва го изјави портпаролот на партијата Бујар Османи за време на централното претседателство на ДУИ, кое се уште трае. Османи рече дека централното претседателство ја продолжува дебатата, но потписите биле дадени за да се деблокираат некои процеси и да се запазат роковите за распишување на локални избори.
– Сега само даваме подршка за мандат, да се деблокираат некои процеси, затоа што не е во интерес на државата локалните избори да се одоложат. Но тоа не значи дека имаме договор за коалиција. Ако се одлучиме за учество во влада треба да се усогласат програмите. Има аргументи за и против двете опции и не можам да кажам дали доминира едната или другата опција, но вечерва не очекувам да се донесе таква одлука. Давањето на потписи не значи договор за влада, туку значи започнување на процес на преговори за влада, доколку одлучиме за опцијата партиципирање во влада – изјави Османи.
Инаку попладнево портпаролот на партијата Бујар Османи, изјави дека централното претседателство во седиштето на ДУИ во Мала Речица, денеска разгледува две опции. Едната е ДУИ да биде дел од владината коалиција која ќе ја предводи СДСМ, а втората опција е ДУИ да даде подршка за малцинска влада, што во пракса нивните пратении би гласале во Собранието за формирање на мнозинска коалиција, но партијата да биде во опозиција, односно нивните партиски преставници, да не бидат дел од извршната власт
Според него, целта со оваа опција е да се отфрлат сите сомнежи што некој ги има околу работата на ДУИ досега, затоа што, како што рече, ДУИ не е само политичка партија, туку е и движење.
Претходно и лидерот на ДУИ Али Ахмети, изјави дека денеска на централното претседателство на партијата ќе ја разгледува опцијата ДУИ да биде опозиција во идниот парламентарен состав.
Извор: www.meta.mk