Десет евра мораа да плаќаат туристите од Велигден наваму за еднодневна посета на Венеција. Сега е завршена втората тест фаза и градот извлекува биланс.
Билетите за влез во градот, кои за прв пат беа воведени во2024 година,треба да овозможат подобро управување со масовниот туризам. Но, сè уште е спорно дали купувањето билет навистина ги одвратило во поголема мера еднодневните туристи од посета.
Во секој случај, градот Венеција досега во 2025 година има евидентирано повеќе од 720.000 посетители кои платиле влезница, што донело околу 5,4 милиони евра – речиси двојно повеќе од минатата година.
Покрај тоа, изречени се 2.500 казни, меѓу другото и за немање билети. Лицата кои не ја плаќаат влезницата мора да платат казна од 300 евра.

Билети по пет и 10 евра
Билетите се наплаќаа годинава 54 дена, распоредени во текот на викендите и празниците во април, мај, јуни и јули – секој пат помеѓу 8:30 и 16:00 часот. Секој кој купил билет преку интернет неколку дена порано платил пет евра. Оние кои одлучиле во последен момент морале да платат двојно повеќе.
Локалните жители, децата и туристите кои преноќуваат во градот и затоа плаќаат данок за престој се ослободени од надоместокот.
Микеле Цуин, советник на Венеција задолжен за финансии, рече дека системот функционирал добро и во оваа втора година и дека овозможил поголема сигурност во планирањето за посетителите. Но, собирањето пари не е целта, нагласи Цуин.
Парите треба да му користат на градот
Во 2024 година, овој уникатен модел во светот беше тестиран 29 дена. Се плаќаше максимум пет евра. На крајот од тест фазата, регистрирани се 485.000 гости, а приходите изнесуваа околу 2,4 милиони евра.
Парите, минус оперативните трошоци, треба директно да им користат на градот и неговите жители – на пример преку стабилни такси за собирање отпад. Сеопфатна анализа на собраните податоци сè уште не е објавена.
Милиони туристи секоја година
Критичарите приговараат дека има премногу исклучоци од надоместокот и дека не постои задолжителна горна граница за бројот на посетители.
Се поставува прашањето дали влезницата е доволна за да се потисне масовниот туризам. Особено затоа што кафето околу плоштадот Свети Марко чини речиси колку и дневна карта.
Помалку од 50.000 луѓе живеат во стариот град на Венеција денес, но милиони туристи доаѓаат секоја година.
Извор: www.dw.com
Публицитет.мк