Неговата „Босанска трилогија“ му донесе светска слава, а неговиот живот беше одраз на кризите на Балканот. Еве како гледа на Иво Андриќ германската агенција КНА, на 50-годишнина од неговата смрт.
Повеќе од четири века, Босна била под османлиска власт, сè додека во 1878 година не е окупирана од Австроунгарија. Во тој микрокосмос меѓу Ориентот и Оксидентот, исламот, христијанството и јудаизмот, во 1892 година е роден Иво Андриќ во хрватско-католичко семејство.
Татко му, училиштен служител, починал кога имал две години. Подоцна, очувот го научил германски јазик. Основното училиште го посетувал во Вишеград, град на босанско-српската граница. Токму тој град ќе му послужи како инспирација за неговиот роман „Мостот на Дрина“.
Книжевните експерти сè уште немаат единствен став дали ова дело навистина е „роман“, бидејќи хрониката опфаќа период од турската окупација до Првата светска војна. Пасивниот протагонист во книгата е мостот. На него се извршуваат смртни казни, се судираат војски, а тука се одвива и секојдневниот живот на генерации трговци, занаетчии и верски учители.
Андриќ во 1961 година ја доби Нобеловата награда за литература „поради епската сила со која ги обработи темите и ги претстави судбините на луѓето од историјата на својата земја“. Почина на денешен ден пред 50 години, на 13 март 1975 година.
Југославија пред сè
Неговата политичка кариера се развивала брзо. Како гимназијалец во Сараево, се приклучил на револуционерната организација „Млада Босна“. Го запознал и Гаврило Принцип, револуционерот кој со атентатот врз австрискиот надвојвода Фердинанд им даде повод на големите сили за почеток на Првата светска војна. Андриќ поминал неколку месеци во затвор, но подоцна бил помилуван.
Во Белград, главниот град на новоформираното јужнословенско кралство, Андриќ започнал дипломатска кариера. Тоа било темел на неговата идеолошка определба.
„Југославија за него беше над сè – независно од тоа дали е монархистичка или комунистичка Југославија“, вели Михаел Мартенс. Дописникот на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја објави книгата „Во пожарот на световите“, една од најобемните биографии за Иво Андриќ.
Креативна експлозија додека беснее Втората светска војна
Андриќ напредувал во дипломатската кариера – тогаш бил повеќе верен државен службеник, а помалку писател. Бил на дипломатски должности во Рим, Мадрид, Брисел, Женева и Париз. Станал заменик-министер за надворешни работи, а во 1939 година бил назначен за југословенски амбасадор во Берлин. Таму, при преземањето на должноста, се ракувал и со Адолф Хитлер. Недолго потоа, неговата земја престанала да постои. Србија станала територија под директна управа на Вермахтот.
Андриќ ја завршува својата дипломатска кариера и се враќа дома, во окупираниот Белград. Токму тогаш започнува неговиот најкреативен период. Мартенс вели дека Андриќ се повлекува во една соба во Белград и се посветува исклучиво на пишување, додека околу него беснее Втората светска војна. „Креативната експлозија била поттикната и од тоа што повеќе од две децении собирал материјал за своите романи, па веќе имал готови концепти во главата“.
Така, настануваат повеќе од илјада страници кои ќе му донесат светска слава: „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“ и „Госпоѓица“.
Чиј е Андриќ?
Андриќ бил убеден Југословен. И покрај тоа, или можеби токму затоа, неговото наследство на југоистокот на Европа се смета за контроверзно. По распадот на Кралството Југославија, Андриќ ја изразил својата лојалност кон партизанскиот лидер и подоцнежниот диктатор Јосип Броз Тито.
„По 1945 година, Тито и комунистите беа единствените носители на таа идеја, кои навистина можеа да ја реализираат југословенската држава“, објаснува Мартенс. „За Андриќ важеше: најважно е да постои Југославија.“
Веројатно Андриќ не можел ни да замисли дека неговата сакана Југославија ќе се распадне дваесет години по неговата смрт во 1975 година, и тоа во крвава војна што траеше речиси цела деценија.
За многу Хрвати тој е „предавник“. Бошњаците главно го сметаат за мразач на муслиманите. За националистичките Срби, тој е предвесник на „големосрпската идеја“. Некои Словенци и косовски Албанци во неговите дела гледаат книжевен темел за воените злосторства од деведесеттите. Претставници на различни балкански култури често се расправаат околу тоа кому всушност му припаѓа Иво Андриќ – Хрват по потекло, кој израснал во Босна, а живеел и починал во Србија.
Извор: dw.com
Публицитет.мк