Во прашање е опстанокот на државата а јавноста очекува МАНУ да реагира брзо и додека не е доцна, додека таа не се променила одвнатре во своето ткиво.
„Не треба да се залажуваме дека во прашање е опстанокот на државата. Особено сега по последните случувања со мигрантите. Анализите покажуваат дека безбедноста не ни е некоја силна страна. Македонија не е вејка на ветрот и зависи од нејзиното окружување ама и од Европа и светот. Земјата е растегната помеѓу два заканувачки блока едниот ЕУ и НАТО, посакувана, ама засега недостижна цел и другиот блок предводен од Руската федерација, која прави се’ да има доминација и на овој дел од Балканот. Замислете една малечка Македонија да се најде на линијата на огнот“, рече синоќа во воведното излагање на научната трибина на МАНУ во Охрид, академик Блаже Ристовски. За да се најде балансот голема улога има и треба да има и македонската дипломатија. Според Ристовски таа, пред се’ е партизирана, во голема мера неука, безлична, безидејна, невидлива не само за нас, туку и во меѓународни рамки, често спротивставена и неспособна да ја врши функцијата на една мала држава во овој ветромет.„Наспроти тоа меѓународен фактор упорно ја држи Македонија во протекторатски, контролиран и менаџиран статус. Во регионални рамки соседите ни се и надеж и закана,“ рече Ристовски.
За една година кризата во Македонија се продлабочи
Академик Владо Камбовски, претседател на МАНУ, потсети дека меѓу двете трибини во Охрид од лани до годинава, кризата во Македонија се продлабочи како резултат на погрешното стојалиште за транзицијата како двојна транзиција. „Сведоци сме на формална демократизација на општеството со задржување на надлежностите и функциите на институциите што треба да го водат таквиот процес на транзиција и пост транзиција и задржување на низа елементи присутни уште од социјалистичкиот период. Партизација, непочитување на начелото владеење на правото, етноцентричен концепт на државата и односите меѓу националните и етничките заедници, задржување на стариот систем на вредности и системската корупција. Не само што двојната транзиција не ги даде очекуваните резултати, да ги демонтира основните принципи од претходниот систем, туку зајакнаа и зачестија и бројни реликти од државниот интервенционизам. Власта ги објаснуваше како изнудени решенија за надминување на последиците од светската економска криза. И политичката криза е сфатена како меѓупаритски конфликт, со наметнатиот став дека таа може да се надмине само со меѓупартиско договарање како една ексклузивна активност на само четири партии, без вклучување на други општествени чинители,“ потенцираше академик Камбовски.
МАНУ треба брзо да реагира, да опоменува и да бара излезни решенија
„Потребата, МАНУ да се искаже на научен начин за развојот на Македонија ги вклучува и факторите стратегија и проценка на развојните политички капацитети. Во РМ освен при МАНУ каде имаме Центар за стратешки истражувања, немаме друг државен или независен научен центар. Центарот треба да се занимава и со транзициски значајни прашања за Македонија. Мора некогаш да се реагира и по одреден акутни состојби во однос на некои превратни ситуации. Ние денес имаме такви ситуации за кои треба да дадеме одговор. И не само во меморандум или на некоја свечена пригода или јубилеј. Ни недостигаат конкретни научни истражувања со учество на странски експерти од бизнис и стратешко – геополитички истражувања, академии на науки. Во тој случај овие прашања би ги поставиле и во конкретен контекст“, рече академик Катица Ќулафкова. Според неа: „Македонија денес не е соочена само со пост кризна состојба. Ние сме влезени во една длабока криза која се комплицира во последниве неколку месеци. Не само внатрешно – политички, туку и со новата азиланска криза што ни се наметнува. Со тоа се дефокусира проблемот од она што се викаше политичка криза. Македонија е во средиштето на тие случувања. И ние како МАНУ не можеме да бидеме толку индиферентни без став за последиците на кои ќе наиде Македонија, вклучително и македонскиот народ. Да не се случи на крај промената на името на државата да биде една од најблагите последици. Бидејќи во меѓувреме се променила државата внатре во своето ткиво. Се’ помалку треба да реагираме емотивно, а се’ повеќе рационално,“ предупредува академик Ќулафкова.
Тенденциите за бинационална Македонија се присутни
Прашањето за меѓуетничките односи е узурпирано од партиите. Дури и Рамковниот договор кој има граѓанска основа е злоупотребен за да се воспостави трговски однос помеѓу водствата на политичките партии. Тенденциите за бинационална држава се присутни и се се“ по отворени. Но не може некоја етничка заедница за себе да бара поголеми права запоставувајќи ги другите етнички заедници. На пример прашањето за втор службен јазик , албанскиот. Но под плаштот за употребата на јазикот произлегува ставот ‘да владееме само ние двајца,а сите останати ќе бидат наши поданици’. Затоа мора да се демонтира партократијата, смета МАНУ.
Договорот од Пржино појас за спасување на Македонија?!
„Договорот од Пржино влева надеж. Ставените потписи би требало да значат дека лидерите ја презеле одговорноста тој и да биде спроведен. Тука нема простор за маневрирање. Така гледаме на тој договор. Во него гледаме еден појас за спасување кој е фрлен од страна на меѓународната заедница и постапувањето стапка по стапка по тој договор може да се дојде до посакуваниот резултат. Ако не се постапи така, како што е договорено, последиците ќе бидат уште покатастрофални. Ќе се изразат преку економска криза, продлабочени меѓуетнички конфликти, граѓанската реакција ќе расте од ден во ден. Тоа може да предизвика социјални турбуленции како најлоша варијанта и да проработи улицата. Тоа за една држава е катастрофално,“ рече Камбовски.
За стратегија потребен е дијалог, во Македонија долго го немаше
МАНУ не може преку ноќ да каже, ова е визијата за Македонија. Таа се создава низ дијалог. Долго не постоеше политички дијалог, сега започна и тој е ограничен меѓу политичките партии. Ние бараме во тој дијалог како рамноправни партнери да учествуваат и МАНУ и другите научни институции, се слушна на трибината. На прашањето на ДВ дали МАНУ тоа го побарало јавно, претседателот Камбовски рече дека нема што тие и од кого да го бараат, туку треба да го освојат. „Така ако се има добра волја дел по дел би се работела стратегијата. Мораме да бидеме и самокритични дека науката кон овие прашања се однесуваше доста конформистички, но работите се менуваат и се очекува поголем ангажман од оваа сфера“, одговори Камбовски.
Потребни се независни институции без подаништво кон власта
Академиците се согласни дека општеството во овие две и пол децении е изморено од транзицијата и дека треба да започне нешто ново и да се постават само неколку приоритети. Имаме добри закони, а нема нивна примена. Тоа е рамно на заклучокот дека нема закони, ако тие не се применуваат. Луѓето влегоа неподготвени во транзицијата. До граѓаните доаѓаа лажни тези и дури сега доаѓа отрезнувањето. Со ставот, дека тоа не е тоа што го очекувавме. Сега ќе расте граѓанската реакција и овој процес на транзиција допрва ќе биде сложен. МАНУ и другата научна мисла во Македонија не смее да дозволи политичките елити и натаму да го вулгаризираат Уставот на РМ. Не може се’ во државата да зависи од добрата волја на политичките лидери. Академиците порачаа дека главното прашање е: како од Македонија да направиме демократска држава? Зашто според нив, најпотребни се независни институции кои ќе судат и работат без да го прашаат кој било иден премиер или Влада.
Извор: www.dw.com
Автор: Милчо Јованоски