Државата е подготвена за справување со пожарите на целата територија. При крај е набавката теренски противпожарни возила заедно со пумпи коишто ќе ги користат 14 републички служби за справување со пожари на отворено чиј број секоја година се зголемува. Ова лето трите специјализирани авиони Ер трактори ќе бидат ставени во функција. Еден веќе пристигна по ремонтот,другиот се очекува во текот на наредната недела додека третиот треба да биде во функција пред почетокот на сезоната на пожари. Ова во Охрид го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути при предавањето на опрема за спасување од урнатини и тешки сообраќајни незгоди на противпожарните единици во Охрид и Струга.
„Значи можам да ве уверам сите дека ние сме подготвени,со пилотите се извршени и пробни летови тренажа, се продолжени истите бидејќи спаѓаат во категоријата на многу специфични и ризични летала бидејќи се под цивилни регулативи и авторитети од земјата, од земјата и од ЕУ“, изјави Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Од охридската противпожарна единица очекуваат што поскоро да добијат нови возила бидејќи најстарото датира од 1982, а најновото од 2008 година. Во истовреме недостига и кадар којшто треба да се справува со пожарите.
„Бидејќи ја покриваме територијата на Дебрца,покриваме обемна територија фалат уште 6 до 7 пожарникари“, изјави Борко Јанкулоски, командир на ТППЕ Охрид.
„Општина Охрид во изминатиот период почнавме да вложуваме во пожарната, посебно во оспособување на возила коишто не функционирале претходно, а секако дека и во наредната година ќе го зголемиме тој дел од помошта за противпожарната единица“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Пецаков доби ветување од директорот Максути дека до септември Охрид ќе добие специјализирано противпожарно возило за делување во стариот дел на градот и во други крајезерски населби коишто се непристапни за сегашните возила.
Извор: www.mrt.com Сашо Нелоски
Публицитет.мк