Овојпат ќе се потсетиме на еден вистински македонски евергрин, една песна која во себе содржи многу безвременски пораки па заради тоа и опстојува во сиве овие изминати години и чинам дека вечно ќе живее.
Се работи за композицијата „ ЕДЕН БАКНЕЖ“ за која текстот го напишал Христо Крстевски, музиката Петар Пешев а аранжманот го направил Драган Ѓаконоски Шпато.
Еден бакнеж песни рој
еден поглед безброј сни
мојте желби немаат број
штом ме плени
љуби ме ти…
нова надеж срце греj
штом ќе стаиш очи две
твоjот поглед мој е плен
штом го плени
љуби ме ти…
Нема тајни во оваа мала среќа
да те љубам зар тоа не е се
и да постои оваа мила нежна надеж
за еден твој мал срамежлив бакнеж
Копозицијата била исполнета во рамките на тогаш престижниот Опатијски фестивал на забавна музика во 1962 година. Во алтернација ја отпеале ,сега легендарните интрпретатори, Нина Спирова и нашиот сограѓанин Зоран Георгиев.
Песната ја освои првата награда од публиката присутна во Кристалната дворана на хотелот Кварнер во Опатија ,каде се одржуваше овој фестивал на забавна музика во некогашната Југославија во периодот од 1958 ( со мали прекини ) се’ до 1986 година, како и од гласовите на 8 тв центри од тогашната Југославија.
Победата е уште повредна ако се споменат имињата на останатите учесници на тогашниот фестивал:Мики Јевремовиќ, Лола Новаковиќ,Иво Робиќ, Тереза Кесовија, Душан Јакшиќ, Бети Јурковиќ, Марко Новосел, Габи Новак, Ѓорѓе Марјановиќ, Аница Зубовиќ, Вишња Корбар, Вице Вуков, Марјана Держај…
Песната досега има доживеано неколку изведби од други интерпретатори но мора да се признае дека оригиналните изведби на Нина Спирова и Зоран Георгиев се знак за препознатливост за оваа безвремена композиција.
Неа ја искористи и Милчо Манчевски како тема во неговиот филм „ Сенки“ од 2007 година. Трејлерот од филмот со музичката подлога на песната “ Еден бакнеж“ во интерпретација на Нина Спирова,или ако сакате ,интрпретацијата на Нина Спирова со сцени од филмот „ Сенки“, само уште еднаш ја потврди вредноста на оваа прекрасна композиција.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк