Нашата читателка Енис Хилми од Охрид неодамна ни вети и еве ни го испрати својот избор на книги кои со задоволство ги читала.
Нејзината препорака е многуслојна,а изборот на четивата ни открива нови светови и универзални пораки. Се надеваме дека во нејзиниот избор од наслови ќе пронајдете и нешто за Вас.
Бескрајно и’ благодариме!
ФИЗИКА НА ТАГАТА од Георги Господинов
Издавач: “Или-Или”, 2015 г.
“Сирењата- се усмрдуваат, јаболка овенуваат и гнијат, облаци-со променлива агрегатна состојба се, слатко од дуњи-се создава коричка од мувла, љубовници-стареат, овенуваат (види јаболка), деца-растат, снешко белчо се топи, полноглавци и бубачки-телесно се променливи. Ако подвлечеме црта ќе излезе дека ништо органско не е за собирање. Свет со рок на траење, кој непрестано истекува. Нетраен, што овенува, гние, расиплив и (поради тоа) прекрасен свет”.
Верувам дека уште многу години и тоа онака , од прва што би се рекло, најтопло ќе го препорачувам или поклонувам, овај чудесен роман –лавиринт. Впрочем и јас го добив како поклон-концепт, со прецизно израчунато доволно време за исчитување пред неговата промоција, во Скопје. На промоцијата за жал не стигнав , но стигнав да го дочитам , темпирано и симболично, истиот тој ден.
“Физика на тагата” е неповторлив како “ Стоте години самотија”, само логички, а и географски многу поблизок до нас, од далечната Латинска Америка. Роман којшто не потсетува дека колку и да се невидливи и малечки нашите лични приказни , единствено тие се суштината и вистината , за разлика од големата сервирана и често искреирана историја. Изместувачки роман , што никако не може да се прочита во еден здив, иако искрено да признаам , додека целосно не го прочитав, паметот ми беше само тамо. Роман слоевит и угоре и удолу, слоевит и по страничните ходници и скривници, роман со ред солзи, ред смеење, ред дума, ред немир и спокој, ред мир и неспокој .И се така заедно, набрзина пикнато во некаков аксцелератор, во забрзувачот на честички од многу временски димензии, за на крај како награда да ни се понуди прочистен избор, секому по сопствена одлука и желба, за секого посебен и единствен избор, како што впрочем секој од нас е по различен пат, во различна потрага по сопствениот скриен, уплашен, изгубен или закован Минотаур.
Спoред” Berliner Zeitung”: ”Оваа книга е лудост. Неверојатна и нервозна , сентиментална, одразувачка, страшно смешна, потресителна, колку филозофска , толку и поетична, микроскопска и грандиозна. Додека пак според “Neue Zurcher Zeitung” : Со оваа книга, Господинов се издигнува над комерцијалноста и конвенционалноста на романот , спасувајќи се не само себеси, туку и литературата, а со неа и целиот свет.
На крај ќе цитирам уште еден мој омилен дел:
“После сите докази дека историјата во последните четири милијарди години е запишана во ДНК- та на живите суштества, изразот дека Вселената е библиотека, веќе одамна не е метафора. Сега ќе ни треба една нова писменост.Не чека едно големо читање.Кога господинот Хорхе велеше дека рајот го замислува како една голема библиотека, без почеток и крај, тој најверојатно, без да претпоставува, мислел за бескрајните полици на дезоксирибонуклеинската киселина”.
Јас сум КНИГИ!
‘Култура на лагата‘-Дубравка Угрешиќ
Сигмапрес , 2011
Дубравка Угрешиќ е годинешната добитничка на угледната книжевна награда “Neustadt”, за меѓународна литература, која ја доделува списанието “World Literature Today” на универзитетот Оклахома. Ова признание кое се доделува на секои две години, се нарекува” американски Нобел” и често навестува дека добитникот ќе се закити и со Нобелова награда.
–“Една моја пријателка, во последно време, постојано вели: Не знам. И ја повторува таа присилна фраза. Не знам, вели, воздивнува и врти со главата.Еден мој пријател, во последно време, одеднадеж, како да завршува некој внатрешен монолог, вели…Ах, што да се прави. Ништо, велам. Тој зјапа не сваќајќи зошто го кажувам тоа. Моја познаничка , завчера, заспала среде бел ден во автобус и кружела речиси три часа низ градот, како заборавен зембиљ на седиштето.Во последно време , така ќе сретнам познаник, длабоко ќе воздивнам, ќе му се загледам на соговорникот некаде, над главата и ќе испуштам неартикулиран звук, комбинација од гласовите “е” и “а”. “Аееее”- велам и сочувствено му го тапкам грбот на соговорникот.Никогаш порано не сум го правела тоа. Луѓето на улиците се почесто си зборуваат самите со себе. Забележав помеѓу нив и некои свои познаници. Луѓето по кафеаните седат напнати како струни. Со начулени уши. Душкајќи го воздухот околу себе. Го прашале некој црногорски селанец како се чувствувал за време на земјотресот во Црна Гора.-“Осетив јас дека нешто се тресе, излегвам од куќата, вели селанецот,кога-бреј-гледам епицентар на две крачки од мене. Еве го, се ниша…Се стрчувам влево, кога епицентарот-зад мене, вртам надесно-ене го пак зад мене”.А јас? Во последно време се поретко купувам весници, се почесто го исклучувам телевизорот, ги затворам прозорите, ги навлекувам завесите, се покривам со покривачот , ја набивам главата во книга и-глеј, буквите се нишаат……
Во “Култура на лагата” , капитално дело на една од најеминентните писатели од бившите простори, според Ѓерѓ Конрад, антиполитиката е збунетост. Човек открива дека работите се необични, дури и гротескни, уште повеќе бесмислени. Дознава дека е жртва и не сака да биде тоа. Не сака животот и смртта да му зависат од други луѓе. Не му го доверува својот живот на политичарите, бара од нив да му го вратат неговиот јазик и филозофија. На романописецот не му е потребен министер за надворешни работи.Тој е способен да се изрази ако не го спречуваат во тоа.
Според Угрешиќ, национализмот , нејзината омилена тема и нејзиниот најголем непријател, е идеологија на тапите. Нема потапа и подасадна идеологија од национализмот. Национализмот како верско и тераписко прибежиште им преостанува на оние кои немаат ништо. Крвта е само малку погуста вода.
–“Пред години ми ја конфискуваа татковината, а заедно со татковината ми го конфискуваа и пасошот. Како замена ми дадоа нова татковина, помала и помалку комфорна. Врачен ми е и новиот пасош, “симбол”на новиот идентитет.Илјадници луѓе ги платија новите “ симболи на идентитетот“ со своите животи, илјадници се избркани од домовите, раселени, понижени, ограбени, осиромашени. Поседувам еден од поскапите идентификациски документи. Тој факт често ме испонува со ужас . И со срам. Пасошот не ме направи од мене Хрватка. Напротив, денес сум многу помалку Хрватка отколку што бев пред тоа. Можеби и затоа што, пред тоа, никој не ме присилуваше да бидам Хрватка.Денес сум никој. Во Хрватска ќе бидам Србинка, во Србија, Хрватка и Албанка, во Словенија Босанка, во Бугарија Турчинка, во Турција Гркинка, во Грција Македонка….Културниот бастардизам, етничката шизофренија, мултиплицираниот, транскултурен идентитет- се мојот природен избор. И не сум осамена. Жестоко удирање по барабаните на националните идентитети доби свој одговор : оглувувајќи од бучавата, денес, многумина, особено оние раселените по светот, граѓани на бивша Југославија, тврдоглаво одбиваат секакво етничко и национално идентификување”-вели Угрешиќ.
Oва дело, постојано актуелно за нашиве простори, како да е напишано во овој миг, убаво е да се исчитува повеќе пати, циклично, на периоди, како потсетник дека веќе долго време работите тапкаат во место ако не и наназад, дека за жал, бродот како да не се знае каде плови, а во општеството , неубавите работи стануваат уште понеубави, а убавите бледнеат.
-“Има ли живот пред смртта? Неодамна се сетив на оваа романска загатка од музејот на комунистичкиот црн хумор и прв пат сериозно се замислив над неа.-Нема-одлучно рече мајка ми. –Постои само преживување. Тука зборот преживување сосема го замени зборот живот. Само,некако да преживееме, воздивнува мојата сосетка. Најважно е што сме живи, ќе се преживее некако, вели еден ој познајник. Во овие времиња, најважно е да се преживее , бодро заклучува г-ѓа Михелина. Госпоѓата Михелина ја преживеела Втората светска војна, првата независна Држава Хрватска,комунистичката Југославија, другата независна Држава Хрватска, новата војна, вероватно знае за што зборува. За воопшто да знае што е преживување, човек , пред се , треба да остане жив. А ако се живи и неговите најблиски, ако уште има и покрив над главата и ако успеал да ја надвладее помислата на самоубиство, тогаш граѓанинот на независната, меѓународно признаена држава Хрватска, може да почне со преживувањето во мирнодопски услови.
-Најважно е да не се нервираш и да не јадеш свинско месо- вели мајка ми.
По повеќемесечно отсуство од Загреб послушно ги прифаќам нејзините совети.
-Зошто?- прашувам.
-Затоа што луѓето раскажуваат дека во закланите свињи месарите наоѓаат златни ланчиња, прстени,златни забни круни…-вели конспиративно мајка ми, а потоа мирно додава:
-Всушност , јас и онака не јадам месо.
-Зошто?
-Затоа што е скапо.
Луѓето подготвени на преживување се чудна тајфа. Ако човек, по некоја случајност се најде во лудница, не е препорачливо да се потпира на логиката на надворешниот свет, треба да се прилагоди и да го почитува лудилото како нова норма на однесување. Можеби, токму тоа, адаптибилноста, ги прави луѓето кои го практикуваат преживувањето-чудна тајфа.
На лицето кое се решило на преживување, пред се, му се потребни лични документи. Личните документи го ублажуваат општото чувство на живеење во лимбот, со лични документи веќе можат да се донесат и животни одлуки. По долгите часови поминати во редицата за основен идентификациски документ, конечно, го дофатив шалтерот.
-Националност?-врекна службеничката.
-Анационална-одговорив.
-Тоа не постои!-врекна.
-Имате, можеби , некоја рубрика за….останатите?
-Немаме!Признајте што сте и немојте да ме давите!-рече службеничката, овојапат обраќајќи и се на редицата, баш како и во советските прирачници за тоталитарниот бонтон.
-Сигурно е Србинка, па се плаши да признае-коментираше некој во редицата зад мене.
-Србинка ли сте? –праша службеничката.
-Јас сум анационална. Неопределена. -појаснив.
-Како може некој во оваа војна да биде неопределен?!- вресна службеничката.
-Јас не сум неопределна во војната, туку во рубриката” националност”.
-Mоре признајте дека сте Хрватка и бидете си мирна-ми шепна добродучно еден чекач зад мене.
-Не можам –реков. Се додека граѓанинот на оваа држава, заради една националост е политички, општествено и човечки подобен, а заради друга-неподобен, одбивам да бидам сведена на која било националност-му го објаснив на чекачот својот став, горда што успеав така убаво да го формулирам.
-Слушнете, имам еден френд Србин, кој се пријави како Циганин. Речете дека сте Циганка, тоа е ОК-инсистираше до мене добродучниот чекач.
-Јас сум останати! O-T-H-E-R-S!-врекнав овојпат и јас и поради нешто го засилив својот став на англиски јазик.
–Луѓето тука чекаат, а вие сте уште и безобразна! Ќе ви ги напишам тие ваши останати и гонете се по ѓаволите! –и се обрати службеничката уште еднаш на целата редица и јас ја добив легитимацијата која потврдува дека отсега па натаму сум граѓанка на Хрватска. Наскоро ќе добијам и нов пасош. Поради еднодневното чекање во гигантската змијолика редица, каде што секој час станувавме од столовите за да се помрднеме за еден напред, хрватскиот пасош ќе ми биде особено сладок. Тоа темносино книженце со црвено-бел грб само одново потврдува дека сум родена тука каде што сум родена, а заради долгочасовната борба за него ќе го ценам како да е пасош на државата Луксембург. Освен што, за разлика од државјаните на Луксембург, со својот секогаш ќе ги поминувам границите како –OTHER!”
За себе Угрешиќ вели вака :”Средината која ги уништува книгите нема милост ни спрема своите автори. Пред неколку години мојата (национална) културна средина ме прогласи за “вештерка”и со нескриена веселост, ме запали на медиумска клада. Во истото време, А.Ф., универзитетски професор по книжевност, колега со кој дваесетина година работев на културата на оспорувањето, нагло го отфрли оспорувањето како начин на интелектуално и уметничко мислење. Професорот и се придружи на културата на бесконфликтниот колективитет и наместо за мирисот на свежото палење, почна да пишува апологиски статии за “дигнитетот на хрватската книжевност”. Kако вештерка (личност со нарушен дигнитет) исфрлена сум од локланиот книжевен живот. Денес, од својата номадска перспектива, на својата бивша средина можам да и бидам само благодарна. Парите за купување на метлата ги заработив сама. И летам сама”.
Угрешиќ е авторка на неколку романи, збирки на кратки раскази и есеи.Таа во 1991, во виорот на војната, емигрира од Хрватска и оттогаш живее во Холандија.Се смета за една од највпечатливите европски книжевници и есеисти. Нејзините книги кои ги одбележува комбинација на иронија и сочувство, преведени се н 20-тина јазици, а пред годинашната Оклахомска награда, добитник е и на австриската награда за европска литература (1998) и наградата за есеи “Жан Амери”.
“До последниот здив” – Ане Сверд
Или –Или, 2015
“-Силните остануваат, слабите заминуваат. Јас бев дезертерот, принудена да заминам за да можам да останам своја. Нешто заврши тоа лето. Лукаш беше уништен од тага и од напуштеност. Кон крајот, веќе не можев да бидам во негова близина, не можев да го поднесам, не можев да го дишам истиот воздух. Сакав само да живеам, да видам нешто друго, што било…Атланскиот океан….Нели отсекогаш ти велев дека сакам да го видам Атланскиот океан, Лукаш? Нели можеше да ме одведеш тамо, нели можеше да одиме тамо заедно, нели можеше се да биде различно? Никогаш нема да те напуштам.Те напуштам сега. Никогаш не го губиш целосно оној што си го љубел. За секој танц се потребни двајца, но само еден е доволно да се откаже. Зборови, зборови, зборови….-Се гледаме по ѓаволите, Ло! Неговата последна реплика, која никогаш не ја изговори”.
Овој роман е трет по ред на шведската писателка Ане Сверд (1969) и е добитник на наградата за роман на годината, а досега е преведен на 16 јазици. Роман којшто предупредува, како што мајката постојано ја предупредува главната хероина , малечката Ло, дека треба да се чува/ме од љубовта, змиите, автопатот , оганот , жиците со висок напон, хорор филмовите и лилјаците.
Ло којашто своето име го добива по животното рис, е првата генерација родена на југот на Шведска, каде едно големо , потполно нетипично и неконвенционално семејство, поточно две семејства, во средината на шеесетите години, мигрира од далечниот север и во местенце што не може да се нарече ниту село , ниту предградие , оддалечено со саати од секој град, решава да си направи дом, во огромна куќа со голема градина и заеднички живот, во нималку идилично опкружување ,крај шините, езерото што мрзне и фабричките оџаци. За време на еден голем пожар, шест годишната Ло го запознава посебниот, но проблематичен, тринаесетгодишен Лукас, син на унгарски емигрант, со кого до крајот на животот, ќе развие посебна, нераскинлива , а во исто време безнадежно неодржлива врска.Поточно таа врска ќе го одбележи целиот нејзин воглавно деструктивен пат. Ло која во својата седумнаесетта година ќе го одбере бегството, Ло на која пред бегството главното убаво одредиште и е куќарката на ловецот на бисери, Ло којашто заради единственото напишано до неа писмо од Лукас што упорно ќе го носи со себе и никогаш нема да смогне сили да го прочита, освен тогаш кога веќе се е завршено, завршува многу подеструктивно отколку да се вратела и да останела со Лукаш. Или??? Роман на мошне тешка испреплетена животна приказна, полн со дилеми и внатрешни конфликти, приказни што ве носат за миг во минатото, за следниот миг да ве прелетаат во далечно минато, а веднаш потоа да слетаат во иднина, или да ве треснат во конфликтната сурова сегашност,безмалку сурова како шведската зима, роман за растењето по сите аршини и премин од некакво детство во некој посуров свет.
За мене, поетиката на Сворд, нејзината мајсторска умешност за отсликување на човековата душа, е она што сигурно ме остави БЕЗ ЗДИВ.
Изборот за Публицитет.мк го направи Енис Хилми