Пред неколку дена започна календарската есен кога природата го менува своето руво во прекрасни бои кои се инспирација за сите уметнички души без разлика со каква уметност се занимаваат. Поетите ги создаваат своите стихови за ова прекрасно годишно време, сликарите ги создаваат своите уметнички дела преполни со спектар од бои, композиторите ги создаваат милозвучните мелодии како одраз на сето она што ги опкружува…Сето ова беше причина овој пат да се потсетиме на една песна која говори за есентта. Се работи за композицијата „ Есенски лисја“ од 1945 година.
Интересно е да се спомене дека песната потекнува од инструменталната тема на партитурата која Џозеф Козма ја компонирал за балетот на Роланд Пети „ Средба(1945).
Рефренот на песната е темелен врз музичкиот мотив на мелодијата за глас на сопран и пијано , компонирана од Џесил Масенет во 1876 година.Врз овој мотив поетот Жак Преверт го напишал текстот на песната.Најпрвин песната требало да биде изведена во филмот „Портите на ноќта“на режисерот Марсел Карне. Но во филмот само фрагменти од песната потпевнува Ив Монтан , кој го игра главниот лик Диего.Филмот пред публиката се појавил во декември 1946 година но не доживеал комерцијален успех.Но, наспроти тоа песната од филмот по неколку години ќе доживее светски успех.
Ив Монтан , кој се смета за еден од најголемите промотори на песната „ Есенски лисја“, меѓу првите направил студиска снимка со оваа песна во 1949 година која како грамофонска плоча била издадена во мај истата година на 78 вртежи.Иако бил мошне популарен во англо- саксонскиот свет тој одбивал на своите концерти песната да ја изведува на англиски јазик.
Голем придонес за големата популарност на оваа песна секако има француската пејачка и актерка Жилиет Греко која почина неодамна на 23.септември на 93 годишна возраст. Таа песната ја испеа во 1951 година и на некој начин ја продолжи мисијата на Ив Монтан во нејзина популаризација во светот пред се преку нејзините турнеи во странство. Особено се памети нејзината турнеа во Бразил , каде како почетник била пречекана со воодушевување во Рио Де Женерио од страна на многуте новинари , но и од неверојатната толпа на луѓе кои ја блокирале влезната врата во салата каде што таа требало да настапи.Набрзо таа ќе ја открие вистината за тој метеж.Имено се пронел глас дека таа ќе настапи гола. Сепак , без тоа да го направи таа доживеала успех а нејзиниот договор бил продолжен за два месеци.Следува нејзината турнеја во САД во 1952 г. Во Германија во 1966 година таа го одржува незаборавниот Рецитал во Берлинската Филхармонија, каде доживува 20 минутни овации.Успехот ќе го повтори и во Јапонија во 1982 и 1987 година но и во многу други земји.
Во 1949 година Џони Мерсер прави англиски препев на „Есенски лисја“кој постигнува извонреден успех но како џез композиција. Во 1955 година песната ќе ја сними Роџер Вилијамс која станува хит број 1 четири недели притоа станувајќи на тој начин единствената песна изведена на пијано која се искачила на врвот на Билборд 100.
До денес се регистрирани над 600 различни изведби на оваа композиција меѓу другите и салса изведбата на Френки Велоз како и диско верзијата во изведба на Грејс Џонс.
Песната може да се слушне и во изведба на Тино Роси, Серж Гинсбург, Ричард Ентнони, Алан Бариер, Андреа Бочели, Далида, Франсоазди, Ал Мартино, Едит Пјаф, Иги Поп, Еди Мичел, Ламбер Вилсон, Ерик Клептон, Тони Бенет, Барбара Стрејсенд, Сузан Бојл, Џеремаја Џексон, Ема Росум, Ева Кесиди, Џери Ли луис…
Како џез композиција познати се изведбите на Френк Синатра, Нет Кинг Кол, Боб Дилан, Чет Бекер, Џон Колтрејн,Мајл Дејвис, Стефан Грапели, Дијана Крал, Чик Кореа, Џо Пас, Арт Пепер, Сара Вон, Оскар Петерсон…
Во знак на почест по повод зминувањето на Жилиет Греко , ве потсетуваме на композицијата „ Есенски лисја“ во нејзина изведба.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк