По последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд, бизнисмените излегоа со различни оценки.
Дел сметаат дека монетарците овој пат испратија сериозни препораки кои во следниот период треба да се исполнат. Ова според бизнисмените особено се однесува на буџетскиот дефицит, нивото на јавниот долг, платите во администрацијата.
-Секој извештај ги имате двете страни на паричката, позитивен би го извлекол делот на објавувањата дека над 30 илјади работни места од странски директни инвестиции ќе се креираат, но пак како негативни страни би биле критиките за монетарната политика, политиката на девизниот курс на денарот, за буџетскиот дефицит и за нивото на задолженоста, нашиот став би бил некаде помеѓу. Гледано низ Мастришките критериуми ние сме на релативно добро ниво или би рекло средно ниво на задолжување, но ако ги согледуваме економксите перформанси на нашата економија ние не треба повеќе да се задолжуваме бидејќи нивото од 60% на јавен долг во однос на БДП е преголема за Македонија. Ние го делиме мислењето дека уште сега е на високо ниво јавниот долг, за нас уште позагрижувачки е што се задолжуваме за тековни трошоци а на за капитални, ифраструктурни проекти од кои можеме да ја вратиме инвестицијата бидејќи од задолжувања за скулптури, социјални трансфери нема поврат, вели за Фактор претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.
Дел од бизнис заедницата коментираат дека претстои тежок период, на што ќе влијаат и случувањата на политичката сцена. Според бизнисменот и претседател на Комисијата за економија и финансирање при Либералната партија, Венко Глигоров, извештајот и препораките на ММФ не се изненадување, ако се земе во предвид дека експертите и бизнисот за тоазборуваат подолго време.
-ММФ ги лоцира убаво добрите страни на државата во водењето на македонската економија и секако ги истакнува областите за подобрување. Според ММФ, тоа што е важно за економијата е да се создаваат услови за зголемување на вработеноста во приватниот сектор наместо во државната администрација. ММФ изразува загриженост за зголемувањето на јавниот долг и тоа директно се одразува на бизнисот и потоа на граѓаните. Од друга страна ММФ укажува на потребата од намалување на непродуктивните трошења на владата. Секако, една од битните компоненти е политичката криза и регионалните предизвици. За одбележување е што ММФ забележува дека има многу инспекциски служби и тие треба да се поедностават како и да се создаде предвидлива законска регулатива. Генерално земено, претстои тежок период за сите нас со оглед на тоа што Септември почна со многу контроверзи и со непродуктивни трошења и јалови активности. Состојбата не очекуваме да се подобрува во нареднот период највеќе заради политичката криза и носењето на битни одлуки во врска со корупцијата и изборните модели, вели Глигоров.
Според претседателот на Комората на Град Скопје, Горан Рафајловски, со оглед на политичката криза извештајот е релативно позитивен и не содржи сериозни критики. Во однос на укажувањата од ММФ за нивото на јавниот долг, Рафајловски вели годинава се трошат сериозни пари за круцијални објекти, но дека сегашниот јавен долг е сеуште на разумно ниво.
-Во основа овие извештаи дали некој ќе ги оцени како позитивни ли негативни генерално не ја менуваат состојбата во Македонија . Извештајот во една ваква криза е релативно позитивен, не можам да кажам дека е негативен и дека нешто сериозно не опоменуваат, добро е ние самите да се грижиме повеќе за себе отколку тие што се грижат за нас, сепак тоа се само банкари што се грижат за средствата што ги пласираат во Македонија. Оваа година се трошат сериозни пари за круцијални објекти, но нормално е јавниот долг да расте сериозно, но јас уште не гледам дека ниту една земја сериозно пропаднала заради тоа што и растел јавниот долг, освен ако не помине некои ненормални граници како што е во Грција, Италија, Шпанија.Нашиот јавен долг е сеуште на разумно ниво, можеби треба да се превземат мерки да не помине во некое сериозно ниво, но сеуште мислам дека е во рамки на разумно ниво, вели Рафајловски.
Во извештајот ММФ нотира дека Македонија влезе во глобалната финансиска криза со една од најниските стапки на јавен долг во земјите во Европа, но сепак од 2008 година јавниот долг има растечко темпо.
-Ќе бидат потребни дополнителни мерки за да се оствари поставената цел со ребалансот на буџетот за 2015 година, вклучувајќи ги и наплатата на заостанатите даноци и кратењето на трошоците на планираното зголемување на стоки и услуги. Плафонот на планираниот долг од 60 отсто од БДП да биде надополнет со понизок оперативен праг или должничката кочница да создаде соодветен простор за фискалната политика да биде во состојба да им се спротивстави на макроекономските и демографски шокови, се посочува во извештајот.
Зголемените плати ќе го продлабочат дефицитот
Монетраците во извештајот предупредија дека зголемувањето на платите во администрацијата ќе го зголемат дефицитот на 4 отсто од БДП.
-Потрфлањето во сферата на Данок на додадена вредност (ДДВ) и неоданочените приходи, како и зголемувањето на платите за полициските сили и дополнителни капитални расходи кои се наложуваат со влошената безбедносна ситуација, најверојатно ќе резултира во повисок дефицит од околу 4% од БДП во 2015, во споредба со таргетираните 3,4 % во буџетот“, велат од Меѓународниот монетарен фонд, се наведува во извештајот.
Ваквото предупредување за бизнисмените е реално и очекувано. Укажуваат дека вработувањата во јавниот сектор треба да запрат.
-Зголемувањето на платите во администрацијата воглавно едно добро стопанство би требало да го прави среќно бидејќи ќе се зголеми потрошувачката, но за жал како бизнисмен и како стопанственик веќе долги години зборуваме дека имаме превработеност во администрацијата, имаме гломазна и за жал неефикасна администрација. Па затоа зголемувањето на платите на толкав број на администрација го сметам за голем трошок, вели Рафајловски .
За дел од бизнисмените контиунираните вработувања во администрацијата се популистичка мерка која скапо ќе ја чини економијата.
-Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија многу често го има посочено овој став дека најважното за да ние имаме економска иднина во која тежнееме да се движиме е макроеконмската и финансиската стабилност кои во последно време на Владата не им се најважен приоритет. Популистичките мерки се многу штетни за секоја економија така и за нашата, секако дека ваквите зголемувања на плати со задолжувања во домашниот и на странскиот пазар ќе го предлабочат дефицитот, и јас го делам истото мислење дека дефицитот ќе се движи околу 4%, вели Хоџа.
Банките да соработуваат со бизнис секторот
Во извештајот ММФ укажува дека Народната банка треба да биде подготвена да започне со затегнување на монетарните услови. Монетарците препорачуваат дека се потребни структурни реформи да се одржи и да продолжи макероекономскатастабилност, за што како што наведуваат се потребни натамошни напори за да се обезбеди полесен пристап до кредити за фирмите и да се скрати доцнењето во наплатата на парични средства.
Бизнисмените укажуваат дека доцнењето во наплатата на обврските на државата кон приватните фирми, за нив значат поголеми трошоци и застој во развојот. –
-Пролонгирањето на плаќањата на обврските на државата кон приватниот сектор создава огромни проблеми – зголемени трошоци на фирмите за менаџирање на овие долгови, платите доцнат и се намалуваат, се откажуваат порачки па дури и фирмите се приморани да работат во “замрзнат” режим наместо во развоен режим, вели Глигоров
Според бизнис заедницата затегнувањето на монетараната политика значи поскапи кредити, намалено кредитирање, поголеми трошоци. Укажуваат дека ликвидноста е сериозен проблем на фирмите кој трае со години, бидејќи немаат навремена наплата на побарувањата од државата.
-Затегнувањето на монетраната политика во себе вклучува зголемување на камати, намалување на кредитирање и секако намалување на БДП, а исходот е намалена економска активност, зголемување на трошоците што се поврзува со намалување на конкурентноста на нашите компании во меѓународниот пазар. Ликвидноста е веќе неколкугодишен проблем кај нас бидејќи немаме навремено наплатувања на побарувањата од држата. Секако е потребно да се зголеми кредитирањето за да ги искористиме моментот за поголем раст на постоечките компаннии и вклучување на нови компании во пазарот, вели Хоџа.
Од бизнис заедницата велат дека е време банките да работат заедно со компаниите, но и фирмите да нудат одржливи бизнис ппланови ако сакаат кредити.
-Подобар пристап до кредити и што поевтини кредити е секогаш сон на секој што работи во бизнисот.Но тука имате две страни, едната е претпазливата банка која го издава кредитот, и страната на секогаш расположениот бизнисмен да земе што поголем кредит мислејќи дека ќе има што поголем развој. Крајно време е тие две страни да се здружат , јас долго време ги повикувам банките да работат заедно со стопанството бидејќи едни без други не можеме и би сакал да се олесни пристапот до кредити, но сепак и бизнисмените мора да разберат дека мора да ја сработат својата задача и да имаат сериозни и одржливи бизнис планови ако сакаат да подигнат кредит.
Меѓународниот монетарен фонд во извештајот посочи дека годинава македонската економија ќе расте со 3,2 отсто, но домашната политичка неизвеснот и кризата во Грција ќе бидат клучни ризици за економијата и можат да влијаат врз инвестициските одлуки.
Извор: Фактор.мк