На почетокот од деведесеттите, во сега минатиот век, тогаш младиот Фазли Луик ја започнува својата соло кариера, блеснува на локалната и македонската естрадна сцена и по кусо време заминува иселенички во Австралија.
Од тој период останува забележана неговата наградена изведба на песната „Заветна“ од неговиот вујко Пепи Бафтировски и секако соработката со покојниот композитор Хилми Билбил.
Момчето од Кошишта – Охрид музичката кариера ја продолжува и на петтиот континент. Познат е во Мелбурн а со песната и настапите по забавите и фестивалите го бараат и низ цела Австралија.
Ова лето Фазли е во родниот Охрид . Вечерва ќе настапи по реден број три на Фолк вечерта на „Охридски трубадури“ со песна од познатиот композитор Тоде Новачески.
Деновиве снимаше нова песна во студиото на Наум Џуклески , а настапи и на Првиот иселенички фолк фестивал во Прилеп. За ИН продукција сними два спота а настапи и на ИНТВ и на Сител.
Нашата средба во култната „Летница“ заврши со едно емотивно интервју во кое Фазли Луик зборува за себе, за настапите, љубовта кон македонската песна, соработките остварени ова лето, средбата со композиторот Енвер Рашити и за ред други нешта сврзани со естрадата.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк