Добро ете, не сум дама. Нема ни да бидам очигледно. Но, со сета сигурност можам да ви кажам што сум. Феминист. Да, добро прочитавте. Не плашете се и не прекинувајте да ја читате статијава. Мислам, живееме во слободна држава, можете да правите што сакате, но само да напоменам дека „феминист“ и терминот „феминизам“ НЕ СЕ ЛОШИ ЗБОРОВИ. Не, навистина.
21ч и 49мин. Скролам по Фејсбук, наместо да учам за колоквиум, знаете си ги одбројувам оние 5 мин пауза кои веќе прераснале во 1 саат. Подготвена за учење, решавам да го оставам телефонот и да си продолжам со она што го започнав, но само пред да го направам тоа, добив порака од една моја другарка. Си помислив, „Ајде да и’ вратам и да видам што и’ требам“ отворам Месенџер и гледам линк од некаква статија. Пред да го отворам линкот забележав дека другарка ми малку беше исфрустрирана и пред да ја прочитам статијата, ја опоменав да се смири.
„Ајде да видиме што е ова чудо“. Отворам линк, читам меѓу редови, бла бла, не обрнувам внимание на насловот, се навраќам горе, читам наслов и процесирам, цела оваа статија била за тоа како жените требале да станат дами за мажите да бидат џенталмени кон нив.
Океј, од каде да почнам? Прво, ајде вака, како што јас не сакам многу луѓе да ги критикуваат моите статии и ставови, иако тоа спаѓа во сеопштиот менталитет и генетски код на луѓето, сакам да напоменам дека, ете, не е важно која е статијата, ни кој ја напишал и да сакам да посочам дека ми е мило што луѓето си го кажуваат своето мислење. Не осудувам никого, а и најискрено, со ова што ќе продолжам не сакам да го критикувам тој којшто ја напишал статијата, бидејќи можеби и таа личност си имала, како јас сега во моментот, излив на инспирација и доволно фрустрација со аргументи за да напише една таква статија.
Како и да е, да се навратам на мојата главна тема и причина за којашто ја оставив планината од учебници и тетратки со фломастерите во боја настрана и седнав да напишам еден мал текст.
Имено, статијата којашто пред малку ја напоменав и ја прочитав, воглавно ги критикува денешните жени и нивната (не)способност да бидат дами. Писателот посочуваше на тоа како жените знаат само да се жалат, бараат еднаквост, но кога ќе дојде до таков акт тие се претвораат во лицемерни суштества, како жените во денешно време се’ помалку и помалку готват или не се вистински домаќинки и ред, ред други примери коишто апелираат дека се’ додека жените не научат да бидат дами, тие нема да добијат џентелменство за возврат. Имаше уште неколку примери од сопствена гледна точка, но тука многу, многу не сакам да навлегувам.
Ајде сега вака. Независно дали сте маж или жена, пред да продолжите со читање на овој текст, запрашајте се „Дали сум јас ограничен како човек или имам потенцијал да не осудувам и етикетирам веднаш пред да се запознам со цела нова ситуација?“ Се запрашавте? Супер. Продолжуваме тогаш.
Јас не сум дама. Барем, според статијата којашто ја прочитав не сум. Се’ уште живеам со моите родители, сакам понекогаш да ја оставам својата соба и кревет несредени и дефинитивно побрзо би нарачала пица да ми донесат, наместо да седам дома и да зготвам нешто самата. Епа, ако тоа е дефиницијата за дама, тогаш како што споменав, јас дефинитивно отпаѓам од таа категорија.
Не знам зошто, но денес се‘ уште, во 21ви век, луѓето ставаат етикети или ајде да речиме стереотипи, на нешто со коешто не се ни запознаени. З А М И С Л Е Т Е С И – 21ви век, вау.
Добро ете, не сум дама. Нема ни да бидам очигледно. Но, со сета сигурност можам да ви кажам што сум. Феминист. Да, добро прочитавте. Не плашете се и не прекинувајте да ја читате статијава. Мислам, живееме во слободна држава, можете да правите што сакате, но само да напоменам дека „феминист“ и терминот „феминизам“ НЕ СЕ ЛОШИ ЗБОРОВИ. Не, навистина.
Ако не ми верувате и ако веќе си помисливте, што ли зборува оваа, кој од вас може да ми каже што всушност значи терминот феминизам?
Пред сите да одговорите, феминизам се живи глупости, еве ќе ви помогнам „Феминизам е теорија, или филозофија, движење, како сакате, за политичките, економските и социјалните еднаквости на половите“. Жените се оние коишто се борат за рамноправност за во секоја сфера и да не должам, постои Гугл, слободно можете да допрочитате, да се запознате или дозапознаете со оваа тема. Имено, да се биде феминист во денешно време е многу чудна, а би рекла и интересна работа. Барем за мене, бидејќи сега почнувам да зборувам за себеси. Кога и да кажам дека се сметам себеси за феминист или добивам чудни, погледи и глави полни со прашалници или коментари од типот: „И што, сакаш да кажеш дека ги мразиш мажите?“ Не. Сакам да кажам дека се гледам себеси рамноправна пред тебе и пред секој друг. Не викам дека не постојат и такви феминистки што на некој начин го злоупотребуваат терминот, стремејќи се со покажување на градите во јавност да “придобијат“ некакви права. Не, не зборувам за тие и дефинитивно не сум една од нив. Сакам да кажам дека не само во Македонија, но кога веќе живеам тука ќе зборувам за наша територија, повеќето од луѓето не се ни запознаени со оваа тема. Веднаш те осудуваат или сметаат дека си некоја огорчена, специјална раса што не ни сака да помисли на брак и деца, бидејќи е толку обземена од идејата за рамноправност и величење на жената како лик во општеството. Епа, да ве разочарам не е така. Постојат уште многу митови за феминистките, како на пример, жените треба да уживаат повеќе права од мажите, дека се исфрустрирани и мора да изгледаат маженствено и дека жените-феминистки не сакаат џенталмени. Со еден збор – вие не сте дама. Не, никако!
Ајде сега да тргнеме од мене и од она што јас го мислам. Ја споменав Македонија и како ние немаме општо познавање за овој термин. Па еве чист пример, сега изваден од ракав, пишувам на кирилица на интернет „Феминизам“ отворам Википедија и ми излегува македонското објаснување за феминизам и веднаш под него слика од жени коишто си ги покажуваат градите. Ок. Пишувам феминизам на англиски, отворам Википедија и што гледам, неколку страни долг текст за жени кои се борат за секакви права во општеството, поткрепени со факти, реални случки и слики од жени кои, за чудо, ги немаат извадено своите гради. Ајде, си викам, можеби оној којшто го пишувал македонскиот текст за феминизам на Википедија, онака го напишал колку да напише нешто (повторно, претпоставка, без навредување), но еве ајде, ќе ви кажам и примери од мојот секојдневен живот.
Пример број еден – еден ден решив да учествувам во една опуштена дебата за феминизам со луѓе на моја возраст и малку постари. Почнавме да разговараме за тоа што значи за нас феминизам, дали постои еднаквост во денешно време меѓу мажот и жената, дали го поддржуваме ние ова движење, дали девојчињата денес се „тренираат“ за да станат домаќинки и главна цел да им е да стапат во брак и дали мажите и жените требаат да имаат одредени обврски во домаќинството коишто се распоредени според пол? Моите одговори беа вака: кажав што за мене значи терминот, не, да, да и не. Госпоѓата што седеше до мене, одговори спротивно на моето. И тука започнува интересното. Познавајќи се себеси, зашто често сакам да дебатирам и да коментирам, да давам аргументи итн. јас одлучив да го продолжам разговорот со госпоѓата до мене. Бидејќи и јас имав свој став и таа, а воедно преку смирен и со факти поткрепен разговор, ова ми беше шанса за подобро запознавање на темата и давање и примање критики со цел да го заокружам моето знаење. Додека госпоѓата посочи дека мажите треба да ги прават, НАЈЧЕСТО, машките работи во домаќинството, а жените – женските, од моја страна, а и од страна на другите следуваше прашањето – А зарем мажот не смее да готви ако сака и потоа сам да ги измие садовите? Очигледно, во Македонија си папучар. Извини ако си маж и готвиш, а не ти професија (само да напомениме дека да си машки готвач е вау, но готвач дома е табу), ти не си маж. А, само ако помислиш да ја земеш метлата и да потсредиш дома, ти во секој случај ја губиш титулата „Глава на семејството“. Ах, тажничко. Друго, денес постоело рамноправност меѓу мажот и жената? Да, постои, но не секаде во светот, па дури и на некои места и кај нас не.
Друг пример: Познавам една жена којашто се мажи за човек од друг град, ја зеде нејзината 7 годишна ќерка да живеат заедно со него и после првите две недели жената не смееше да ја напушта куќата, со тоа оневозможувајќи и на нејзината ќерка да оди на училиште и да се образува, бидејќи немаше кој да ја носи; жената мораше во 5 наутро да станува и да му прави кафе на сопругот и секако, бидејќи тој е маж и глава на семејството, толку неспособен да си ги облече сам чорапите, тоа требаше да го направи неговата жена. Да, луѓе, ова навистина постои и јас токму на таа дебата го кажав ова како пример. Малку се зачудија, но ете се’ уште сме имале такви примери. Ми беше даден одговорот: „Да, но тоа се случува само во руралните места и тоа го прават само мажи од постарата генерација “. Не, впрочем баш познавам 23-24 годишни момци коишто се супер и модерни и со тек на настаните, но тие кон своите „девојки“ се однесуваат како тие да се нивни заробенички, еве барем на поблаг начин кажано, ги ставаат на скала пониски од нив. Да, и тоа е жив пример луѓе, сакала или не, имам многу такви другари, што дури и мене ми рекле „Оди во кујна и направи ми сендвич“ – дали на шега или не, не допира до мене и го игнорирам тотално. Малку важно, но како што рековме нели не постоеше деградација на жената во помладите генерации, никако.
Дали девојчињата и ден денес се’ уште се „тренираат“ да станат домаќинки и верни сопруги за нивните идни мажи? Апсолутно. Постојат многу девојчиња што ги знам, што се откажале од факултет или некои свои амбиции или воопшто не ни имале амбиции освен една – да го најдат принцот на бел коњ и крај на приказната, за нив животот тука завршува. И секако, од сето тоа на површина исплива уште една дискусија после мојот став дека бракот го гледам како институција и дека во денешно време една жена не мора да биде во брак за да биде со маж и за да имаат потомство заедно. И тогаш, верувале или не, јас бев нападната бидејќи според Библијата ти ако не стапиш во брак, ти си грешник. Епа, сега да ме извинете, но јас се загазив од смеење. Можете да го замислите и погледот на жената кога и’ кажав дека напротив, јас сум религиозна, но религијата ја сметам за индивидуална и интимна работа и не навлегувам повеќе во тоа, на што госпоѓата само ми се сврти и ми рече: „Ти се сметаш себеси за религиозна?!“ Па, да, мислам дека го констатирав тоа пред едно 5 секунди. Потоа, добив коментри од типот, дека тоа е грев и дека тоа не смее да биде така. Но, и убивањето според Библијата е грев, па сега треба јас актот на убивање да го споредам и да го ставам на исто скалило со нестапувањето во брак? Хмм, не. Тука ја завршивме дебатата, бидејќи очигледно ќе ја продолжевме темата во друга насока и ако продолжам да пишувам и овде, можеби и тоа ќе се случи.
Како и да е, јас драги мои читатели, имам колоквиум утре и моментално е 23 часот.
Треба да го оставм компјутерот, да ги земам книгите и да фатам да учам, бидејќи, за жал, не сум дама и во моментов брак не ми е на прво место и не ми е главна амбиција (ве молам не убивајте ме, јас си сум само искрена). Допрва ме чекаат други работи, иако не викам дека никогаш не се знае што може да се случи во иднина, но сепак моментално спознавањето на самата себеси, учењето, патувањето, градењето контакти и осознавањето нови светови и филозофии ми е на прво место.
Можеби ќе си ја носам маицата на којашто ми пишува „ФЕМИНИСТ“ уште многу долго и гордо и ќе добивам секакви погледи, можеби ќе барам респект и еднаквост од мажите, но нема да „глумам лудило“ и да кажувам дека ги мразам, можеби ќе се стремам најпрво да остварам кариера, но нема да го запоставам фамилјарниот живот и можеби ќе бидам построга и поамбициозна за да биде слушнат мојот глас, но нема да газам се’ пред себе за да стигнам до својата цел.
Можеби многумина од вас го менаа сега мислењето за мене, но тоа е сосема океј. Како што кажав на почетокот, нели живееме во слободна држава, па можете да правите што сакате, не ве осудувам.
И за крај, можеби никогаш нема да бидам дама и никогаш нема да го најдам мојот совршен џенталмен од соништата, но во секој случај поарно тоа, наместо секојден да се трудам да го средувам нередот и да си правам јадење кога навистина ме мрзи за да бидам етикетирана како вистинска дама, жена за мажење.
Пишува: Дамјана Видическа, Публицитет.мк