Во три продолженија европскиот веб портал ФЕР ПРЕС се занимава со судбината на Радио Охрид. Во рамките на проектот „Медиумски круг“ најавуваат и други текстови за приватизацијата на јавните локални радиодифузни претпријатија во Македонија.
Секој седми ноември Радио Охрид го славеше својот роденден. Утре ќе наполнеше цели 59 години во етерот. Но медиумот – своевидна звучна историја на Охрид од јули годинава радиото престана со емитување програма а како причина во јавноста беше соопштена одземањето на дозволата за фреквенцијата.
Публицитет.мк деновиве ќе ги објави и следните две продолженија на истата тема, а наскоро ќе ги пренесе и останатите текстови сврзани со судбината на остантите, некогашни 29 јавни радиодифузни претпријатија во РМ.
Автор: Анета Ристеска. Фото: Tipping point
Има простор за отворање истрага за причините за згаснувањето на Радио Охрид. Во јавноста кружат непотврдени информации дека една од нив е статусот на зградата на медиумот, која сѐуште есопственост на локалната самоуправа, нагласува еден од поранешните новинари во радиото, Симон Илиески
Каква можеше да биде иднината на една од најстарите радио станици во Македонија, Радио Охрид откако по донесувањето на Новиот закон за радиодифузна дејност во 2005 година кога овој медиум „падна“ во рацете на двајца сопственици кои немаа никакви допирни точки ниту со медиуми, ниту, пак, со новинарство?
Дали нивната намера беше да создадат медиум чиј концепт ќе продолжи да ја негува улогата на децениски сведок на охридските градски случувања, или, пак, нивната тенденција се граничи со „полакомување“ по објектот во кој е сместено радиото уште од 80-те години, а кој важи за објект што се наоѓа на прилично елитна локација во Охрид?
Ова се само дел од прашањата кои кружат меѓу граѓаните, но, и меѓу дел од новинарите и авторитативни имиња кои со децении беа дел од историјата и постоењето на Радио Охрид, кое, по неколкумесечна агонија, летово престана да емитува сигнал во македонскиот етер. Ако опстоеше, следната година, еден од најстарите електронски медиуми во Македонија, „Радио Охрид“, ќе го прославеше својот 63-ти роденден.
Згаснувањето е резултат на заглавувањето во правниот вакум, откако фирмата која го купи пред нецела година, одби да го впише својот дел како сопственост во Централниот регистер.
Всушност, фирмата „Маеми“ од Охрид беше најновиот „газда“ на Радио Охрид, кое првично беше приватизирано од компанијата „Амак СП“ во 2006. По донесувањето на Законот за радиодифузна дејност во 2005, освен Радио Охрид, успеаја да се приватизираат уште само три радио станици Радио Кавадарци, Радио Валандово и Радио Свети Николе.
Претпоставките не ги исклучуваат ниту политичките причини за затворање на радиото, но, сепак, повеќето соговорници за „Фер прес“ велат дека во последните години радиото работело прилично аматерски и непрофесионално, што, пак ја исклучува веројатноста дека истото за некого би претставувало некаква закана.
Нејасни купопродажни релации или пак, можеби, „залетаност“ дека преку радиото ќе се стигне до просторот, беа најчестите одговори на прашањето: Каде лежи вината за згаснувањето на Радио Охрид, кое според многумина беше вистински расадник на професионални и докажани новинари.
Милчо Јовановски, еден од поранешните директори и одговорни уредници во Радио Охрид, кој најголем дел од својот работен век го поминал во ова радио, вели дека не се чувствува најповикан да може да одговори кои се најверојатните причини за затворањето, зошто последниве 6 години и повеќе и не бил дел од радиото.
Тој се потсетува на процесот на приватизација, кога, вели, им биле дадени само 6 месеци за да ја завршат целата постапка, односно да ги подготват сите неопходни документи кои ги барало Министерството за економија.
-За мене не беше битно кој ќе го купи радиото, немав никавки калкулации и сѐ беше транспарентно, иако одлуката на државата ја сметав за погубна, и за никакво решение. Тогаш дојдов до документ, кој сигурно сега го поседуваат и старите и новите сопственици, во кој се вели дека просторот што Радио Охрид го имало на користење, се дава на трајно функционално користење, додека работи и постои и самото радио. Тој документ значи дека дадениот простор од поранешниот СИЗ за домување веќе не можел никој друг да го користи…, појаснува тој.
Во периодот на приватизација, тие и не можеле да го пишат како имот на радиото. Тој што требало да го купи, купувал бренд, името на радиото, и преземање на човечките и технички ресурси. А, не и на објектот како сопственост.
-Но, потоа, откако заминав, слушнав дека некој направил промена, па државата го вратила објектот на Општина Охрид на која што претходно и и припаѓал.
Тука била општинската зграда, и логично е после сите процеси на денационализација општината, да си ја врати назад. Значи Општината ја поседува, но, прашање е за надлежните и правниците – дали може да ја одземе од Радио Охрид, зошто ако радиото ја добило во 80-те години, дали има одредено станарско право и не постои можност за одземање. Инаку, постојано постои интерес дали објектот од радиото се продава, затоа што местото е атрактивно, објаснува Јованоски, кој во 2009 година самоиницијативно ја напуштил позицијата управител и главен и одговорен уредник во Радио Охрид.
Најчестите претпоставки се дека и двајцата сопственици радиото го купиле со цел да се доближат до можноста да го приватизираат просторот, а не да инвестираат во квалитетна медиумска сцена. И како што објаснуваат дел од нашите соговорници локацијата на радиото била предизвик и за претходни градоначалници, но, и за сегашни претставници од власта и од локалната самоуправа.
Јованоски потсетува дека од 2005 година Здружението на локални радио станици водело голема битка и со двете најголеми политички партии во земјава, со цел да укаже на важноста од постоењето на локалните радио станици.
-Имавме и протести пред влада, одевме и пред Министерството за транспорт кога почна да се имплементира законот… побаравме да се направи регионалзиација, да бидат поддржани барем 5-6 радија, со меѓусебно приклучување едни кон други. Одговорот беше дека никаде во светот државата не финансирала локални радио станици, што не е вистина. ХРТ има пет регионални станици, Бугарија исто има локални, а тие сите влегоа пред нас во ЕУ, иако нас не убедуваа дека евроопските закони не дозволуваат такво нешто. Во тоа беа согласни партиите, немаа слух или разбирање што значат медиумите, оти полесно им беше со приватните медиуми… Штетата е огромна. Навистина сега не знам механизам за враќање на радиото, зошто дозволата е веќе одземена, вели Јованоски.
Еден од првите уредници и директори на радиото, Веле Митаноски, вели дека целата ситуација ја чувствува и како личен пораз, затоа што радиото го раководел од самиот почеток кога истото ја добило зградата на располагање и потенцира дека на луѓе кои немале никакви допирни точки со медиуми и новинарство, веројатно првичните мотиви за купување им биле поразлични од очечкувањата на вработените…
– Вториот сопственик го водеше радиото кратко време, па го затвори. Тој долго време не ни одговарал на повиците и предупредувањата од АВМУ, што значи дека многу смислено го згаснал. Моја претпоставка е дека виделе оти не можат ништо да направат околу зградата и кренале раце, но, не можам да тврдам – вели Митаноски.
Најдобрите години од својата кариера во Радио Охрид ги поминал и Симон Илиески, кој вели дека згаснувањето на Радио Охрид, формирано во далечната 1957 година, го следат многу неразјаснети околности што овозможуваат бројни шпекулации.
– Засега нема аргументирани официјални информации од поранешниот и од сопственикот кој го презеде и го доведе до одземање на дозволата за емитување, како и од надлежние институции. Има простор и за отворање на истрага на надлежните органи во која би се откриле причините за згаснувањето на Радио Охрид. Во јавноста кружат непотврдени информации дека една од нив е зградата во која што работеше медиумот, која сѐуштеесопственостналокалната самоуправа. Останува отворено и прашањето дали сопственичката структура е промената за спас на Радио Охрид или за атрактивната зграда што се наоѓа на влезот на охридската чаршија, во близина на Стариот чинар. За жал, засега реагира само јавноста, а инволвираните упорно молчат, вели Илиески.
Нејасно е, додава тој, и дали некој од сопствениците имал намера или му било ветено дека ќе се промени статусот и дека просторот во кој функционираше Радио Охрид ќе може да се пренаменува или евентуално да ја промени сопственоста.
Иако просторот има само 110 квадрати, јавноста не се штедеше во шпекулации дека објектот наскоро ќе стане хотел, или, пак дека таму ќе бидат сместувани почесни конзули. Засега, таму сѐ уште никој не е вселен.
Претходниот сопственик, Венко Шапкар, (од фирмата „АМАК СП“), како и последниот, Борче Нечевски, (од фирмата „Маеми“), и покрај нашите обиди, не беа достапни да ги искоментираат шпекулациите и да ги споделат своите видувања за новата состојба во која сега се наоѓа Радио Охрид.
http://www.fairpress.eu/mk/ Ова е линкот до оригиналниот текст – објава
(Во рамки на проектот „Медиумски круг“, ќе следуваат и други текстови кои за тема ќе ја имаат приватизацијата на јавните локални радиодифузни претпријатија во Македонија)