Неодамна , на 3.октомври, се навршија точно 75 години од премиерата на филмот „Малтешки сокол“ на режисерот Џон Хјустон.
Тоа е повод да се потсетиме на овој филмски класик од далечната 1941 година кој е реализиран во средината на таканаречениот „ Златен период на Холивуд“ кој започнал во 1934 и завршил во 1948 година, период кога производството на филмовите се одвивало во големите филмски студија во кои биле вработени иљадници луѓе кога годишно се произведувале десетици и стотици филмови. Тоа е период кога царувале „Големите осуммина“ односно осумте големи Филмски компании-МГМ,Ворнер Брос, Твентит сенчури фокс, Парамаунт пикчерс,РКО,Јуниверзал, Колумбија и Јунајтед артист.Како што одминувало времето поедини студија започнале да се специјализираат за поедини жанрови на филмови. Така МГМ се специјализирал за мјузикли, Ворнер Брос за гангстерски филмови, Парамаунт за историски спектакли а Јунивезал за хорори.
Филмот „ МАЛТЕШКИОТ СОКОЛ“ е темелен врз истоимениот роман на Дашиел Хамет.Сценариото за филмот го напишал самиот Џон Хјустон. За разлика од предходните две верзии на истиот роман направени за филмот „ Малтешки сокол“ од 1931 година, Хјустон строго се држел до романот што во една прилика го објазнил со зборовите:Едноставно земате две копии од книгата, ќе ги извадите страниците , ќе ги залепите и прецртувате тоа што не ви се допаѓа. Моето сценарио едноставно книгата ја претвори во сценарио без некои поголеми додатоци“. Познатиот сценарист Хауард Кох („Казабланка“) бил одушевен од сценариото што го напишал Хјустон:„ Кога Џон Хјустон се подготвуваше да го режира „ Малтешкиот сокол“ ми го покажа сопственото сценарио. Во него ,такаречи до најситните детали беше опишан секој кадар од филмот.“
Откако го напишал сценариото тој ја одбрал актерската екипа: неговата тогашна љубовница Мери Астор, неговиот најдобар пријател Хемфри Богарт и извонредниот карактерен актер Сидни Гринстрит кого го ангажирал откако му го препорачал продуцентот Хал Волис. Гринстрит бил театарски ветеран кој никогаш пред тоа не се појавил на филмското платно. Тој тогаш имал 61 година и бил тежок помеѓу 127 и 158 килограми. Хјустон бил импресиониран од неговата огромна фигура , неговот смеење, испапчените очи и стилот на неговата глума.Тој нешто подоцна настапил уште во неколку познати филмови: „ Казабланка“(1942), „ Пресуда“ (1946), и „ Три странци“ (1946).Ликот на Гринстрит имал толку големо влијание што по неговиот прекар „Дебелиот“ била именувана атомската бомба која била фрлена врз Нагасаки.
Филмот бил дебитантско остварување на режисерот Џон Хјустон па затоа тој не сакал по никоја цена да го надмине предвидениот буџет кој изнесувал 327. 000долари. Во тоа многу му помогнало неговото сценарио кое било разработено до најситни детали.Филмот бил снимен за 34 дена од 9.јуни до 18 .јули. 1941 година на повеќе локации низ Сан Франциско и во студијата на Ворнер Брос.
Хјустон и главните актери биле мошне добри пријатели . Освен тоа моралот во екипата бил на мошне високо ниво.Хјустон во филмот вовел неколку новитети: од минимално осветлување па се до инвентивни агли при снимањето во што голема помош имал од снимателот Артур Едесон. Необичните агли на камерата –понекогаш мошне ниско на самиот под, откривајќи ги таваните на собите(техника која ја користел и Орсон Велс и неговиот снимател во филмот „ Граѓанинот Кејн“) се користеле за да се нагласи природата на ликовите и нивните постапки.
Приказната на филмот говори за приватниот детектив Сем Спајд од Сан Франциско кој ќе се сплетка со тројца алчни, бескрупулозни и убиствени авантуристи кои меѓусебно се натпреваруваат за да ја добијат статуетката на соколот обвиткана со дијаманти кои вредат милони.За вредноста на соколот говори и воведниот текст кој се појавува на филмското платно на почетокот од филмот: Во 1539 година малтешките витези му оддале почест на Карло V од Шпанија, испраќајќи му Златен сокол кој бил украсен од клунот до канџите со најскапоцени дијаманти . Судбината на Малтешкиот сокол останува мистерија до ден денешен.
Мошне интересна е приказната и за филмската статуетка на Малтешкиот сокол. За потребите на филмот статуетката ја направил американскиот уметник Фред Секстон. Мишел Фортие , ќерката на Фред Секстон се сеќава дека нејзиниот татко „прелиминарните скици“ на соколот ги направил на обично плико , а потоа ги обликувал како модел од глина.При посетата на филмскиот сет , таа се сеќава дека го видела соколот кој бил „ сјајен и црн“.За потребите на филмот биле направени неколку примероци од соколот.Шефот на студиото Џек Ворнер на актерот и режисерот Вилијам Конрад му ја поклонил металната копија на соколот . На една аукција во декември 1994 година , девет месеци по смртта на Конрад , металниот сокол бил продаден за 398. 500 долари на Роналд Винстон, председателот и извршниот директор на корпорацијата Хери Винстон Дајмонд.Во почетокот на 1996 година Роналд Винстон објавил дека ја продал статуетката на соколот на некој „ мистериозен“ купец за сума на пари за која рекол дека „ не можел да ја одбие“.Металната копија тешка 20 килограми за која се знае дека била употребена во филмот била продадена на аукција на 25. Ноември 2013 година за повеќе од 4 милиони долари.
Филмот добил три номинации за наградата Оскар: за најдобар филм, најдобра споредна машка улога за актерот Сидни Гринстрит и за најдобро адаптирано сценарио за Џон Хјустон но не добил ниту еден оскар. Номинации за своите улоги во оовој филм не добиле ниту Мери Астор ниту пак Хемфри Богарт.
Филмот добил извонредни критики . Така критичарот Роџер Еберт и списанието Ентертејмент Викли филмот „ Малтешки сокол“ го прогласиле за еден од најголемите филмови на сите времиња а француската книга „ Панорама на американскиот црн бран“ го прогласила за најдобар во овој жанр.
Како резултат на успехот на филмот , компанијата Ворнер Брос веднаш направила планови за снимање на продолжение на филмот насловено како „ Новите авантури на Малтешкиот сокол“, кој режисерот Хјустон требало да го сними во почетокот на 1942 година , меѓутоа заради големата ангажираност на Хјустон и недостапноста на главните членови на актерската екипа, продолжението никогаш не било реализирано. Можеби и подобро што не се случило тоа…
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк






