Во рамките на годинешниот 11 по ред Меѓународен филмски фестивал во Рим, кој од изминатата година има нова концепција одкако на неговото чело застана новиот уметнички директор Антонио Мола, во вторникот на 18 октомври беше прославена 100 годишнината од раѓањето на една од најголемите филмки ѕвезди Грегори Пек.По тој повод на Шпанскиот плоштад во Рим на Шпанските скали се случи проекција под отворено небо на филмот „ Празник во Рим“ на режисерот Вилијам Вајлер од 1953 година.
Во таа чест над небото на Рим симболично полетаа 100 свеќички, а непосредно пред проекцијата на легендарниот филм на публиката и се обратија децата на Грегори Пек :синот Ентони и ќерката Сесилија. На проекцијата присуствуваа и синовите на Одри Хепберн, партнерката на Пек во овој филм, Шон Ферер и Лука Доти како и режисерката Барбара Кола која во 1999 година го сними документарниот филм „Разговори со Пек“.
Филмскиот фестивал во Рим од изминатата година нема натпреварувачки карактер туку тој е претворен во филмски празник и народен фестивал на кој се прикажуваат селектирани филмови од најновата светска филмска продукција. На фестивалот гостуваат и многу познати личности со кои публиката и новинарите разговараат на теми од филмот и животот. Оваа година меѓу најпознатите гости беа Мерил Стрип и Том Хенкс кому му беше доделена наградата за животно дело.
Еве, токму овој настан е причина да се потсетиме на овој прекрасен филм од 1953 година во режија на еден од најпознатите режисери Вилијам Вајлер.
Филмот „ Празник во Рим“ преставува романтична комедија која ја раскажува приказната за една млада принцеза која при една службена посета на Рим бега и се спријателува со еден циничен американски новинар кој во новото познанство гледа само спектакуларна приказна , но како што изминува времето тој сваќа дека се вљубил во неа.
Одри Хепберн во филмот го игра ликот на Принцезата Ен која е членка на едно кралско семејство на некоја неименувана европска земја. Таа се наоѓа на пропатување низ неколку европски престолнини меѓу кои и Рим. Една вечер таа ќе се побуни заради своите исцрпувачки службени должности заради кои е испланирана секоја минута од нејзиното време. Нејзиниот доктор ќе и препише седативи за смирување, но таа тајно ја напушта амбасадата на својата земја за да прошета низ Рим.
Инекцијата за смирување која и ја дал докторот, започнува да делува и таа заспива на една клупа каде ќе ја сретне Џо Бредли( Грегори Пек) американски новинар , кој нема да ја препознае.Тој и нуди пари за да може со такси да се врати дома, но Ања Смит, како што самата се прекрстува, одбива да открие која е всушност таа , откривајќи му ја намерата дека требало да оди да го посети Колосеумот.
Бредли, најпосле, за секој случај одлучува да и допушти на Ања да преноќи во неговиот стан.
Следното утро Бредли ја остава заспаната принцеза во својот стан и оди на работа каде неговиот шеф го прашува дали бил присутен на конференцијата за печат со принцезата.Бредли лаже и изнесува детали од наводниот разговор со принцезата , се додека неговиот шеф не му каже дека принцезата ненадејно се разболела и дека конференцијата била откажана.Потоа , тој на Бредли му ја покажува сликата од принцезата во која тој ја препознава младата жена која ја оставил да спие во неговиот стан…
Филмот е снимен во студиото Чинечита и на локација околу Рим за време на ерата наречена “Холивуд на реката Тибар”.Тоа е всушност првиот американски филм кој во целост бил снимен во Италија.
Филмот беше прикажан во 14-от Филмски фестивал во Венеција во рамките на официјалната програма.
Интересно е да се спомене дека првиот избор за гланата машка улога на режисерот Вилијам Вајлер бил Кери Грант. Меѓутоа, тој ја одбил улогата заради тоа што мислел дека е премногу стар за да игра љубовник на Хепберн (иако 10 години подоцна тој ќе се најде во таква улога токму со Хепберн во филмот „ Шарада“). Според други извори, Грант ја одбил улогата заради тоа што знаел дека целото внимание во филмот ќе биде свртено кон принцезата. Сепак , Одри Хепберн и Кери Грант останале многу добри пријатели иако по филмот „ Шарада“ никогаш повеќе не настапиле заедно . Според него таа била актерка со која најмногу сакал да работи.
Новоангажиранит актер Грегори Пек во договорот што го потпишал имал право на многу поголем хонорар во однос на младата Одри Хепберн. Меѓутоа на половината од снимањето на филмот Грегори Пек од режисерот Вајлер побарал хонораорот на Хепберн да се изедначи со неговиот, што преставува незабележан гест во Холивуд.
Ниту Одри Хепберн не била прв избор на режисерот Вајлер. Тој најпрвин улогата ја понудил на Елизабет Тејлор и Џин Симонс, но и двете во тој момент тие билле недостапни. Му ја понудиле непознатата Хепберн но тој не сакал да се согласи се додека не направиле пробни снимки со неа. Тој не бил во можност да го направи тоа па работата му ја препуштил на неговиот помошник.Откако ги видел пробните снимки Вајлер дури вметнал некои од нив и во самиот филм.Улогата во овој филм на Хепберн и ги отвори вратите кон врвот особено и заради тоа што таа го освои и Оскарот за улогата во овој филм за најдобра женска улога.
Кога Грегори Пек дошол во Италија за да работи на филмот, тој бил во депресивна состојба заради неговата неодамнешна разделба и развод со неговата прва сопруга Грета Куконен. Сепак, за време на снимањето на филмот тој запознал и се вљубил во една французинка со име Вероник Пасани. По разводот, тој се оженил со Вероник(Вероник Пек) и тие останле заедно во остатокот од нивниот живот.
Инаку филмот имаше седум номинации за оваа награда а филмот освои три . Покрај оној за најдобра женска улога нему му припаднаа и наградите за најдобро сценарио и најдобра кинематографија за црно- бел филм.
Откако бил завршен филмот , Грегори Пек побарал од продуцентите името на Одри Хепберн да се стави на филмскиот плакат над името на филмот откако таа добила номинација за Оскар, особено и заради тоа што тоа била нејзината прва поголема улога на филмското платно. Барањето било прифатено.
Нешто подоцна , во 70 тите години, на Пек и Хепберн им била преставена идејата за снимање на продолжение на филмот „ Празник во Рим“ во кој Ања и Бредли повторно би се соединиле, но таа идеја никогаш не била реализирана.
Во 1987 година е направен телевизиски филм како римејк на филмот од 1953 година во кој главните улоги ги толкуваат Кристи Оксенберг и Том Конти.
Има едена интересна сцена во филмот која многумина ја споменуваат во овој филм . Имено при прошетката низ Рим кога двајцата актери ќе дојдат пред познатата „ Уста на вистината“ Пек ја става раката во устата на каменото лице за кое легендата вели дека тоа ќе му ја лапне раката на оној кој лаже. Кога Пек во филмот ќе ја извлече раката од устата на вистината ја нема дланката заради што Ања односно Хепберн почнува да вреска.Потоа неговата дланка излегува од ракавот и тој се смее.Интерресно е дека нејзиниот вресок не бил глума. Пек одлучил да ја изведе оваа шега кога еднаш ја видел во едно шоу кај актерот Ред Скелтон, но пред почетокот на снимањето на таа сцена ништо не и кажал на својата партнерка.
Филмот имал буџет од 1,5 милиони долари а заработил пет милиони долари од прикажување во целиот свет.
Критичарите такаречи едногласно го фалеле овој филм. Познатиот критичар Тај Бур во својата рецензија напишал:„ Самиот филм е класик на остварувањето на романтичната желба, точно онаков вид на убави лаги за какви се специјализирал Холивуд“ Критичарот Џејмс Кендрик ќе констатира:„ Последните моменти од филмот се едни од најтрогателните и највпечатливите во било која романтична комедија на која можам да се сетам“, додека Стивен Д. Грејданус ќе напише:„ Хепберн е навистина фасцинантна во својата улога која од неа направи ѕвезда, заедно со Пек , во шармантната романтична комедија за осамената млада принцеза од непозната европска земја која поминува волшебен ден со американскиот новинар“. Познатиот Виџет Волс напишал: „ Кога ќе речете:Не се прават повеќе вакви филмови, секако мислите на овој филм“.
И навистина, еве и по63 години од неговото премиерно прикажување тој сеуште е филм кој со задоволство се гледа.
НАВИСТИНА, НЕ СЕ ПРАВАТ ВЕЌЕ ВАКВИ ФИЛМОВИ !!!!
И сосема за крајот, филмот „ Празник во Рим“ во Охрид за прв пат бил прикажан во 1955 година во тогашното кино „ Охридско Езеро“ во периодот помеѓу 30. мај и 2. јуни, кога биле прикажани пет претстави.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк