По Џон Форд, Џорџ Стивенс и Фред Цинеман , режисерот Хауард Хокс со филмот „Рио Браво“ направи вистинско ремек дело во жанрот на вестернот.
Тој , на своите јунаци им ги одзел митските ореоли, бидејќи него, во прв ред , го интересира она што е човечко во нив. Во тие релации се содржани најважните драмски импулси , а тоа е токму она што на филмот му дава непосреден и реален снажен печат.
Дејствието на филмот се случува во 1860 година во тексашкото градче Рио Браво .Во традиционалниот декор на еден салун, досадниот сточар Џо Бурдета се обидува да го понижи бедниот пијаница Дад, кој сеуште не заборавил дека некогаш бил човек. Тој малечок неизгаснат пламен на неговата чест го присилува физички да реагира , а од сето тоа ќе се изродат сложени и опасни последици.Шерифот Џон Т. Ченс е принуден да го уапси сточарот, бидејќи пукал во ненаоружан човек, по што братот на затвореникот, Натан, моќен и безобзирен сточар , на шерифот му објавува отворена војна.
Во таа нерамноправна и опасна војна , многу послаба страна е онаа која сака да остане верна на начелата на правдината.Одлучниот шериф, куциот старец Стампи и несигурниот пијаница Дад , се соочени со одлично организираната и до крајни граници перфидната банда од платени убијци.
Шансите на послабите се такаречи безизгледни. Тие се опколени и пред да им се укаже некоја шанса да побараат помош , ќе мора да помине многу време.Што може да ги спаси?Единствено некое чудо, но некое надвор од нив самите, туку како плод на нивната храброст и постојана непоколебливост.
Во најпресудните мигови ним им пристапува момчето Колорадо кое ќе ја стави значката на помошник шериф.Нив четворица ги здружува меѓусебната солидарност и некое романтично возвишено чувство да не подлегнат пред тешкотиите.Меѓутоа, тоа се само општите причини. Оние личните, ќе останат длабоко во нив:на шерифот тоа му е должност, момчето Колорадо се сеќава на својот убиен газда и чуствува дека во него расте почитувањето кон шерифот, пијаницата не ги заборавил доживеаните навреди и се обидува повторно во себе да го разбуди човекот, а куциот старец сака да се одмазди на оние кои негогаш му ја одзеле фармата.
Јунаците во филмот со кои постојано се соживуваме , постепено израснуваат во вистински херои иако се свесни дека не се родени како херои.Одтаму и она нивно сознание за точната проценка на сопствените можности.
Шерифот исклучиво се служи со пушка, бидејќи знае дека во ракувањето со револвер постојат личности на кои не им е дораснат, пијаницата не смее да пука, бидејќи му се тресат рацете,а заради куцата нога стариот Стампи е постојано врзан околу затворската ќелија. И покрај се’ , тие знаат едно – тие се тука за да се борат а не да се помират со поразот, нивната воља и храброст е да одат до крај , што во таа драма е најпресудниот фактор.
Според многумина критичари и познавачи на филмската уметност , „ Рио Браво“ е еден од најдобрите и највозбудливите вестерни на сите времиња. Филмот постигнал убав комерцијален успех заработувајќи 5,2 милони долари од прикажување во САД и Канада.Многумина овој комерцијале успех му го препишуваат на фактот дека режисерот Хокс на располагање имал одлична и разновидна актерска екипа од која успеал да го извлече максимумот.Тука пред се’ е актерот Џон Вејн кој го толкува ликот на шерифот Џон Т. Ченс , Дин Мартин мошне солидно и со природна леснотија ја игра улогата на пијаницата Дад,трикратниот оскаровец Волер Бренан е извонреден во улогата на куциот Стампи, а секако тука е и убавото момче Рики Нелзон кој го толкува ликот на Колорадо Рајан.Кон оваа четворка неизбежно треба да се приклучи и неодминливата барска дама Енџи Дикинсон , чии нозе беа осигурани во тоа време на еден милион долари. Од останатите актери мора да се споменат уште и Вард Бонд, Џон Расел, Педро Гонзалес – Гонзалес, Естелита Родригез, Клод Акинс, Боб Стил и многу други.
Голем придонес за успехот на филмот секако имаат и пеачките способности на Дин Мартин и Рики Нелзон , кои тогаш биле на врвот од својата популарност. Тие во филмот изведуваат две музички нумери: „Мојата пушка, моето пони и јас “ и „ Синди“.
Музиката за филмот , која има голема улога во дејствието на филмот, ја компонирал легендарниот композитот Димитри Тиомкин. За тоа можеби најдобар пример е традиционалната мексиканска мелодија „ Ел Декуело“, која негативците во филмот ја користат како средство за застрашување на протагонистите. Интресно е дека оваа музичка тема беше искористена и во филот „ Аламо“ (1960) и неговиот римејк во 2004 година.Освен тоа оваа тема ќе го инспирира и композиторот Енио Мориконе за музиката во завршните сцени во вестерн триологијата на Серџо Леоне.
Според некои добри познавачи на филмот, една од причините за снимањето на овој филм имал и политичка односно идеолошка природа.Имено, Џон Вејн кој бил познат по своите десничарски убедувања, со години настојувал да учествува во некој филм кој по своите ставови би требало да биде своевиден одговор и антитеза на класичниот вестерн „ Точно на пладне“ кого го сметал за „ комунистичка и антиамериканска пропаганда“.Сценариото на филмот во кое на шерифот му помага група на помошници за да го одбрани градот и американските вредности се толкува како чиста спротивност од онаа во филмот „ Точно на пладне“ каде шерифот е оставен сам да го брани градот од злосторниците.
Сценариото за филмот го напишале Жил Фуртман и Ли Бракет според приказната на Барбара Хокс и Мек Кембел.
Успехот на филмот „ Рио Браво“ го потикнал режисерот Хауард Хокс во наредните неколку години да сними уште два филма,кои, со обзир на сличноста на ликовите и дејствијата, како и тоа дека главната улога ја толкува истотака Џон Вејн, критичарите и историчарите ги сметаат за римејци , односно како втор и трет дел од триологија. „ Ел Дорадо“ е снимен во 1966 година а „ Рио Лобо“ во 1970 година. Тој бил и последниот филм кој го снимил режисерот Хауард Хокс.Некои критичари одат дури и дотаму што велат дека Хокс е единствениот режисер во историјата на филмот што дури три пати снимил ист филм, што можеби и не е далеку од вистината.
Филмот стекнал голем углед не само кај критичарите туку и кај голем број на синеасти, од кои многумина во своите дела имплицитно и експлицитно му давале почит на делото на Хокс.Еден од најпознатите примери секако е познатиот филм „Напад на полициската станица13“ на режисерот Џон Карпентер од 1976 година кој бил инспириран со „ Рио Браво“и францускиот филм„ Гнездо на оси“ од 2002 година.
Филмот „ Рио Браво“ бил реализиран во 1958 година а својата премиера ја имал на 4.април. 1959 година.
Од екипата што го реализира скоро и веќе да нема никој меѓу живите. Така, Џон Вејн почина во 1979 година, Дин Мартин во 1995, Волтер Бренан во 1974, Рики Нелзон во 1985, Вард Бонд во 1960, Педро Гонзалес – Гонзалес во 1995 а режисерот Хауард Хокс во 1977 година. Единствена од оваа екипа која сеуште е жива и по 59 години од неговото премиерно прикажување, е актерката Енџи Дикинсон која денес има 87 години.
Ѓоко Симјаноски. Публицитет.мк