Ретко се случува кога говориме за премиерни филмови во кино салите , меѓу презентираните филмови , да се најде и домашен филм а згора на тоа и неговата премиера да се одржи во Охрид.Денешниот материјал на оваа тема го започнуваме токму со преставувањето на македонскиот филм „ Дедо и внук“, дебитантскиот филм на Илија Пиперкоски кој премиерата ја имаше вчера.
Што се однесува до другите премиерни филмови,за разлика од изминатите години кога во последниот месец од годината во кино салите вриеше од потенцијални блокбастери , оваа година потенцијалните филмски хитови може да се избројат на една рака. Ова не значи дека во месец декември понудата нема да биде интересна. Напротив. Меѓу филмовите има неколку интересни филмски остварувања кои сигурно ќе предизвикаат интерес кај љубителите на филмот.Во првиот дел од декемвриската понуда ќе говориме за десетина филмови кои во кино салите започнаа да се прикажуваат од вчера а некои од нив на репертоарот ќе се најдат следниот петок.
ДЕДО И ВНУК
Синоќа во Центарот за култура„ Григор Прличев“ се одржа премиерата на дебитантскиот игран филм „ Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски.По проекцијата филмот беше дочекан со аплауз од присутната публика на која на сцената и беа преставени актерите кои ги толкуваат главните улоги, режисерот како и дел од техничката екипа која учествуваше во создавањето на филмот.Филмот веќе денес премиерно ќе биде прикажан во Битола а потоа и низ повеќе градови во нашата земја.
Во Охрид , на редовниот кино репертоар ќе се најде од вторник 10. декември па се до 19. декември.
По смртта на едно дете пациент, кое чека лекување во странство, настанува скандал и младиот доктор Никола за да го избегне притисокот е приморан оди на посета кај дедо му, каде што не бил повеќе од 10 години и таму се среќава со проблемите од неговото минато…
Вака накусо изгледа приказната на филмот во кој главните улоги ги толкуваат: Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери, меѓу кои и тогаш 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски.
Филмот започна да се снима во април,2017 година и еве конечно ја доживеа својата премиера пред охридката публика како знак за благодарност до охриѓани за нивното трпение и учество при реализацијата на филмот. Освен тоа,како што рече режисерот на филмот Пиперкоски по проекцијата на филмот, тој го исполнил својот завет својот прв игран филм да го реализира токму во својот роден град.
АЕРОНАУТИ
Филмот ја раскажува вистинската приказна за пилотот и научникот кои ќе се вивнат во височините со помош на балон на пареа за да ги откријат деталите за променливоста на временските услови. Авантурата ќе ги однесе високо над облаците каде ќе мораат да ги преживеат сите неприлики кои ќе им ги приреди мајката природа:снег , ветер и дожд.
Приказната делумно е темелена на патувањето на научникот Џејмс Глејшер уште во далечната 1862 година кога со Хенри Коксвел се вивнал во височините на 37000 стапки.Во филмот, Коксвел е заменет со Амелија Врен според одлуката на режисерот на филмот Том Харпер и косценаристот Џек Торн со цел во филмот да се вметне еден силен женски лик.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Фелисти Џонс и Еди Редмејн. Покрај нив настапуваат уште и Химеш Пател,Феб Фокс и Ана Рид.
ПЛЕЈМОБИЛ:ФИЛМ
За најмладите гледачи но и оние кои сеуште се чуствуваат млади еве еден компјутерски анимиран филм . Насловот на филмот , чиј продукциски буџет бил 75 милиони долари,е „ Плејмобил:Филм“ кој преставува канадско француска копродукција.
Кога нејзиниот помлад брат Чарли неочекувано исчезнува во волшебниот, анимиран универзум на Плејмобил, неподготвената Марла мора да тргне во потрага по цена на живот за да го донесе дома. Додека тргнува на фантастично патување низ зачудувачки нови светови, Марла се здружува со некои неверојатно и херојски нови пријатели како што се: возачот на камион за храна, Дел, ужасниот и харизматичен таен агент Рекс Дашер, робусниот робот, неверојатна самовила и многу други. Преку нивната живописна авантура, Марла и Чарли сфаќаат дека без оглед како животот се одвива, можете да постигнете сè кога ќе верувате во себе.
Режисер на филмот е Лино Де Салво а гласовите на главните јунаци ги позајмуваат Аниа Тејлор, Габриел Батеман, Даниел Ретклиф, Адам Ламберт, Кенан Томпсон, Кирк Тортон и други.
ПОРТРЕТ НА ДАМАТА ВО ПЛАМЕН
Еден од најнаградуваните француски филмови во оваа 2019 година„ Портрет на дамата во пламен “ од вчера се наоѓа на кино репертоарот и во американските кино сали. Филмот е во режија на Селин Скиама а главните улоги ги толкуваат:Ноеми Мерлан , Адел Хаенел, Лијана Бајрами, Валерија Фолино, Кристел Барас и други.
Во 18 век во Франција, младата сликарка, Маријана, е овластена да го направи свадбениот портрет на Елеис без таа да знае. Затоа, Маријана мора да го набљудува својот модел дење за да го наслика својот портрет ноќе. Од ден на ден, двете жени стануваат се поблиски додека ги споделуваат последните моменти на слобода на Елоис пред претстојната свадба.
ВО ГРБОТ НА УБИЕЦОТ
Виктор (Вилијам Леви) е еден од најзгодните мажи во светот, но има длабока тајна – тој е ладен крволочен убиец. Зборувајќи нежно и заводливо, Виктор е одгледан да направи само една работа, а тоа е да убива за пари. Кога е испратен во домот на бруталниот господар на наркотици за да биде иплатен за неговото најново убиство, тој наидува на убавата Сара (Алисија Санц), која е принудена да ги помине последните 9 години од животот со господарот на дрога. Откако Виктор ќе го напушти комплексот, Сара ја искористува својата шанса за слобода со тоа што се крие во автомобилот на Виктор. Но, работите не одат според планираното и наместо да биде пренесена назад во нејзиниот дом, таа се наоѓа ослободена од еден опасен човек само за да биде фатена во канџите на друг. Додека е во бегство од одмаздникот господарот на наркотиците и неговите брутални слуги, совеста на Виктор проработува и сега тој ризикува сè што дотогаш сакал да го замени со заштита на својот заробеник. На крајот, моќта што Сара несвесно ја држи над Виктор и нивната непобитна привлечност може да биде она што ја става право во рацете на убиецот.
Овој интересен љубовен трилер доаѓа од Домениканската република а како режисер го потпишува Матјас Молтрасио.
ЏУМАНЏИ :СЛЕДНОТО НИВО
Сигурно се сеќавате на големиот филмски хит„ Џуманџи“ од 1995 година со Робин Вилијамс, Бони Хант и Кирстен Данст во главните улоги. Филмот тогаш успеа да заработил 262 милиони долари.
Пред две години се појави филмот „ Џуманџи: Добредојдовте во џунглата“ со учество на нова сосема друга екипа предводена од Двејн Џонсон со учество на Кевин Харт , Џек Блек,Карен Гилан и Ник Џонас, И еве сега продолжение на овој филм кој е насловен како „Џуманџи:Следното ниво“ во кој настапува истата актерска екипа на која и се придодадени уште и Дени Де Вито и Денис Гловер.
По неколку поминати години откако јунаците од првиот дел беа средношколци, комјутерџијата Спенсер, спортистот Фриџ, популарната Бетани и повлечената Марта ја играат одамна заборавената игра Џуманџи. Со обзир на тоа дека тогаш играта буквално ги вшмука па во телата на своите аватари мораа да ја завршат играта и да ги преживеат сите предизвици избегнувајќи ги вистинските животни опасности, нашите јунаци едвај чекаа да ја остават играта далеку закопана во минатото.Но, дали во тоа успеале?Кога еден од нив повторно ќе заврши во играта, остатокот од екипата тргнува по него во мисија за спасување.Во меѓувреме играта очигледно се променила како и екипата која завршила во неа.Аватарите се поинакви, некои нови ликови се уфрлиле, а играта никогаш не била потешка и поопасна. Изминатиот пат сите успеаја да ја завршат играта, но сега е прашање дали и овој пат ќе биде така?
Филмот е директно продолжение на филмот од пред две години кој успеа во светски рамки да заработи над 950 милиони долари што беше причина повеќе за мошне кусо време да се направи приказна како продолжение на филмот од 2017 година.
ЦРНИОТ БОЖИЌ
Во овој приод од годината пред Божиќните празници , вообичаено е на кинорепертоарот да се најдат по неколку филмови кои за тема ги имаат предстојните празници. Содржински, овие филмови сите наликуваат меѓусебе а некои од нив станаа вистинска класика па некои од нив вообичаено стануваат дел од празничната програма на телевизиите.За разлика од нив филмот „ Црниот Божиќ“ на режисерката Софија Такал единствената врска сои горе споменатите филмови ја има само во делот од својот наслов.Имено, се работи за класичен хорор филм чие дејствие се случува за време на Божиќните празници кога е мошне тивко во колеџот Хевторн.
А токму во тој период од страна на непознат убиец ќе страдаат неколку девојки од колеџот.Но, убиецот ќе открие дека младите девојки од генерацијата не се подготвени да станат несреќни жртви, бидејќи тие се борат до крај за својот живот.
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Имоген Лотнес, Кери Елвес, Лили Доногју, Алекс Шенон, Бен Блек и други.
РИЧАРД ЏЕВЕЛ
Драмата „Ричард Џевел“ преставува вистинска приказна за американскиот чувар на безбедност Ричард Џевел (Пол Волтер Хаузер)кој спасува илјадници животи од експлозивна бомба на Олимпијадата во 1996 година, но е онеправдан од новинарите и печатот кои лажно известуваат дека тој бил терорист.
Режисер на филмот е неуморниот Клинт Иствут кој и покрај тоа што ја троши деветтата деценија од својот живот , тој и понатака работи со полна пареа.
Во филмот покрај веќе споменатиот актер , настапуваат уште и Оливија Вајлд, Сем Роквел, Кети Бејтс, и други.
НЕСЕЧЕНИ КАМЕЊА
Филмот преставува трилер драма со комични елементи во режија на познатите браќа Џош и Бени Хафди.Филмот говори за Хауард Ратнер, харизматичен јувелир од Њујорк кој секогаш бил во потрага по нов скапоцен камен .Кога ќе направи низа облози кои би можеле да му донесат вистинско богатство, Хауард мора да направи несигурна акција со висок ризик, притоа рескирајќи го својот бизнис и семејството… Тој ќе го чепне противникот на најосетливите места, во својата бескомпромисна борба а во потрага по конечната победа.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Адам Сендлер,Џулија Фокс, Кевин Гарнет и други.
СЕБЕРГ
Филмот „ Себерг“ преставува биографски филм со елементи на трилер во режија на Бенедикт Ендус.
Тој е инспириран од вистински настани во животот на француската икона на „Нов бран“, Џин Себерг, која кон крајот на 1960-тите беше мета на ФБИ на Хувер, заради нејзината политичка и романтична вмешаност во активистот за граѓански права Хаким Џамал.
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Маргарет Каули, Кристен Стјуарт, Заз Бец, Винс Вон и други.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк