За неколку дена завршува филмската 2016 година која не донесе некој голем филмски блокбастер кој ќе се памети по тоа што ги надминал досегашните рекорди по заработка ниту пак по својата оригиналност. Но затоа пак донесе мошне квалитетни истварувања со изедначен квалитет што ќе донесе возбудлива трка околу наградите Оскар која веќе наголемо е во полн ек.
Во ова последно парче од прилогот во кој говориме за филмските премиери во оваа 2016 година , ќе ве запознаеме со уште седум нови филмови кои пред публиката ќе се појават во петок на 30. декември.Меѓу нив дури четири филма кои претендираат за највисоки филмски награди.
ЗАКОН НА НОЌТА
Филмот „ Закон на ноќта“ преставува криминалистичка драма во режија на Бен Афлек , кој ја толкува и главната улога во ова остварување во кое настапуваат уште и Скот Иствуд, Зое Салдана, Ел Фенинг, Крис Саливен, Брендон Глисон, Крис Купер и многу други.Ова е четврти филм кој како режисер го потпишува овој познат актер и сценарист.
Дејствието на филмот се случува во 1926 година во Бостон.Насекаде алкохол, куршуми летаат на сите страни а еден човек се обидува да го остави својот белег на светот. Прохибицијата носи раст на една бескрајна мрежа на подземни дестилерии, гангстери и корумпирани полицајци. Џо Кохлин, најмладиот син на истакнатиот капетан на полицијата во Бостон, веќе одамна го има свртено грбот на строгото и правилното воспитување. Со стекнато искуство на ситни кражби од детството до работа со повеќето страшни мафијаши во градот, Џо ужива во разгаленоста и озлогласеноста како одметник. Но, животот на темната страна носи висока цена. Во време на безмилосни луѓе со амбиција, вооружени со пари, незаконски алкохол и пиштоли, се води битка за контрола во која ниту на семејството, пријател или љубовник не може да се верува. „Закон на ноќта“ е возбудлив еп слоевит со разновидна екипа на лојални пријатели и непријатели, кои се борат за опстанок и за нивниот дел од американскиот сон.
ЗЛАТО
Златото како мотив во филмските приказни досега безброј пати е обработуван без разлика на тоа дали приказните се измислени или вистинити. Филмот „ Злато“ на режисерот Стефен Гаган е направен според вистински настан и претставува епска приказна на човековото трагање на американскиот сон. Кени Велс, во очајната потрага по својата среќа, се здружува со геолог и заедно заминуваат на неверојатно патување низ неоткриените џунгли во Индонезија во потрага по злато. Пронаоѓањето злато е тешко, но уште потешко е да го зачуваш од најмоќните луѓе на Вол Стрит.
Главните улоги во филмот ги толкуваат :оскаровецот Метју Мек Конахи, Едгар Рамирез, Брус Далас Хауард, Тоби Кебел, Рејчел Тејлор и други.
СКРИЕНИ БРОЈКИ
Еден од филмовите кој се споменува во тррката по филмските награди е филмот „Скриени бројки “ во режија на Тед Мелфи. Филмот е снимен според вистинска приказна и говори за бриљантните афроамериканки Кетрин. Г. Џонсон, Дороти Вон и Мери Џексон, кои работеле за НАСА. Овој женски тим составен од математички умови стоел зад историското лансирање на астронаутот Џон Глен во орбита околу земјата. Да се потсетиме, Џон Глен беше првиот американски астронаут кој оствари орбитален лет околу земјата по што без проблеми се врати на земјата.
Филмот преставува адаптација на книгата “Скриена бројки: Приказната за афро-американските жени кои помогнаа да се победи во вселенската трка”која ја напишала Маргот Ли Шетерли
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Тараји П. Хенсон, Октавија Спенсер и Џанел Монае , а тука се уште и Кевин Костнер, Кирстен Данст, Џим Персонс, Махершала Али, Алдис Хоџ и Глен Пауел во ликот на асронаутот Џон Глен.
ОГРАДИ
Филмот „ Огради“ ,третото режисерско остварување на Дензел Вошингтон, веќе има две номинации за наградата Златен глобус.
Дејствието на филмот се случува во 1950 година во Питсбург. Трој Maксон (Дензел Вашингтон) живее со неговата сопруга Роуз (Виола Дејвис) и нивниот син Кори (Јован Адепо), и работи како собирач на отпад заедно со неговиот најдобар пријател, Џим Боно (Стефан Мекинли Хендерсон). Постариот брат на Трој, Габе Maксон (Мајкалти Вилијамсон), претрпел повреда на главата во Втората светска војна, а како последица на тоа тој е душевно болен, за што добива државна пензија која Троја ја користи за купување на дом за своето семејство. Габе се сели надвор, но се ‘уште живее во соседството, каде што често е малтретиран од страна на локалните деца.
Трој во младоста сонувал да стане професионален безбол играч . Сега е стар за такво нешто и покрај тоа што во големата лига можат да настапуваат и црни играчи.Трој создава дополнителни тензии во семејството и ќе му ја упропасти животната шанса на неговиот син за да го оствари неговиот сон.
ПАТЕРСОН
Филмот „ Патерсон“најновото остварување на режисерот Џим Џармуш, американски синеаст со унгарско потекло , своето премиерно прикажување го доживеа на годинешниот Кански филмски фестивал а од петок ќе се најде на редовниот кино репертоар.
Се работи за еден филм кој ја слави убавината на минливоста , возвишувајќи ги малечките обични луѓе , чиј живот не предизвикува голем интерес. Главниот јунак во филмот е еден 30 годишен возач на автобус од малечкото место Патерсон, сместено во Њу Џерси ,чиј лик го игра актерот Адам Драјвер. Тој и неговата сопруга Лаура (Голфиштеџ Фахрани) , се грижат меѓу другото и за Марвин , забавен англиски булдог кој им го разубавува монотоното секојдневие.Возачот , за да ја избегне меланхонијата и тагата заради предвидливата судбина , пишува поеми во скриеното тефтерче од кое не се разделува.
ТОНИ ЕРДМАН
Ретко се случува некој филм надвор од англиското говорно подрачје да се најде на редовниот кино репертоар во САД од едноставна причина што американските гледачи не милуваат да гледаат филмови со титлови.Но, нели секое правило има исклучок особено ако се работи за филм кој ги собра петте главни награди на европската филмска академија и еден куп други награди а има и номинација за наградата Златен Глобус во категоријата најдобар странски филм.
Се работи за третиот филм на германската режисерка Марен Аде кој за првпат беше прикажан на годинешниот Кански филмски фестивал каде ја освои наградата на критиката Фипресци.
Филмот преставува приказна за една млада, успешна жена која работи за една германска фирма во Букурешт како консултант. На амбициозната , стресна и наполно посветена на својата работа , чиста спротивност е нејзиниот средовечен татко кој е опуштен , драг, едноставен човек, професор по музика во пензија и некогашен хипик кој со шеги и хумор оди низ животот и кој не може во својата ќерка да го препознае детето кое го пораснал. Загрижен и шокиран од нејзината трансформација, тој се обидува да ја врати кон задоволствата на нормалниот , секојдневен живот.
Главните улоги во филмот ги толкуваат :Сандра Хулер и Петер Симоничек.
ЖЕНИТЕ НА 20 ВЕК
Дејствието на филмот „Жените на 20 век“ е сместено во Санта Барбара кон крајот на 70 тите години од изминатиот век. Филмот преставува повеќеслојна смешна и возбудлива приказна која говори за жените , семејството , времето и врските по кои трагаме цел живот, Приказната ја следи Доротеја Филдс, самохрана мајка во своите средни пеесети години од животот која го одгледува синот адолесцент , Џими, во времиња кои се преполни со култоролошки промени и побуни. Доротеја ќе побара помош од две помлади жени за да и помогнат во одгледувањето на нејзиниот син- Еби, панкерка со слободен дух и Џули, интелегентна , но провокативна тинејџерка од соседството.
Во филмот главните улоги ги толкуваат Анет Бенинг,Лукас Џејд Зуман , Грета Гервинг,Ел Фенинг,и Били Крудип.
Оваа комедија со драмски елементи ја режира оскаровацот Мајк Милс.
Филмот има две номинации за наградата Златен глобус во категоријата најдобар филм комедија или мјузикл и најдобра женска улога за Анет Бенинг во истата категорија.Досега филмот има освоено 7 награди и 39 номинации за награди.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк