Првиот мајски викенд во кино салите донесе неколку интерсни филмски остварувања.
Овојпат акцентот го ставивме врз неколку филмови кои не се од американска продукција а кои во ограничен број на кино сали ќе можат да се погледнат во кино салите во САД . Тоа е вообичаена практика сите странски филмови кои се титлувани на англиски јазик да бидат прикажувани во ограничен број на кино сали. Доколку публиката покаже интерес за нив тогаш бројот на кино салите расте а со тоа и бројот на гледачите.Дали пак некои од подолу посочените филмови ќе предизвикаат интерес кај публиката во САД останува да покаже времето.
ЉУБОВТА НА МОЈАТА ЖЕНА
Француската комедија „ Љубовта на мојата жена“во која настапуваат четворица мошне познати актери (Даниел Отеј, Жерар Депардје, Сандрин Киберлин и Адријана Угарте ) говори за љубовта и мечтите на еден средовечен маж.Приказната на филмот се темели на онаа стара изрека дека „туѓото е секогаш послатко“,или, што би било кога би било…
Главниот јунак на филмот ,Даниел, е средовечен маж кој си е вљубен во својата сопруга, но сака премногу да сонува . Тој има еден свој најдобар пријател кој понекогаш е „тежок“за дружење.
За да го промени тоа , тој го повикува својот пријател на интимна вечера.Пријателот на вечерата ја носи својата нова убава пријателка која сака да му ја престави на Даниел.Ова за Даниел преставува вистински кошмар бидејќи ќе се најде помеѓу својата сакана сопруга и непристојните соништа со младата гостинка.
Режисер на филмот е Даниел Отеј кому ова му е четврти филм кој го потпишува како режисер.
Инаку, овој 68 годишен актер и режисер важи за еден од најангажираните актери во својата земја. Неговата филмографија брои над 100 филмови.
ЈАС СУМ БУРА
Филмот „Јас сум Бура“,е во режија на Даниеле Лучети во кој актерот Марко Гиалини го толкува ликот на Нума Бура .Тој е финансиер кој раководи со фонд од една милијарда и пол евра, а живее сам во неговиот огромен хотел, полн со кревети во кои не успева да затвори очи. Бура има пари, харизма, талент за бизнис и неколку скрупули.
Еден ден тој ќе дојде во судир со законот: поради една стара пресуда за затајување данок ќе треба принудно да работи една година во еден прифатен центар за социјално згрижување на бездомни лица.
И така, моќниот Нума ќе мора да се стави на располагање на оние кои немаат ништо. Меѓу нив е и Бруно (Елио Германо), млад татко, кој престојува во центарот заедно со својот син, заради економската криза. Принудната работа во центарот на Нума ќе му овозможи средба со многу луѓе од поинаков профил и пријателства со луѓе кои имаат сосема поинакви погледи кон животот. Но,и покрај различностите ,кога се во прашање парите,и во оваа група на бездомници , помеѓу моралот и парите, има тенденција да се претпочитаат парите. На крајот мора да се запрашаме: кои се добрите момци, ако постојат?
ПОЧИТУВАЊЕ НА ПОГОЛЕМИ И ДРУГИ ПРОБЛЕМИ
Од неодамна во кино салите во Шпанија започна да се прикажува филмот „Почитување на поголеми и други проблеми “ на режисерката Клара Мартинез –Лазаро во која настапуваат Силвија Алонсо, Барбара Гоенага , Вито Санз,Антонио Ресеинес, Марија Естев и вероника Форке.
Главен лик во приказната е Ема која пишува приказни за деца.Таа нема постојана работа ниту врска со некое момче и иако има триесет години таа открива дека се наоѓа во вистински животен хаос.
Сепак таа нема намера да биде мајка на краток рок, но нејзиниот живот ќе се сврти наопаку кога нејзината најдобра пријателка ,Лола ќе и каже дека забременила и дека сака Ема да биде кума на нејзиното прво бебе.
Филмот беше претставен на Филмскиот фестивал Малага во 2018 година, во програмата Специјални изданија. Претходниот игран филм на режисерката „Мирабилис“ (2015) веќе учествуваше на фестивалот Малага, во програмата „Зоназине“.
ЛОШИОТ САМАРТИАН
„Лошиот Самаритан“ преставува американски хорор-трилер филм во режија на Дин Девлин според сценарио на Брендон Бојс. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Дејвид Тенант, Роберт Шихан, Кери Кондон, Карлито Оливеро и Жаклин Баерс.
Шон Фалко, (Роберт Шихан), послужувач во ресторант, ги користи автомобилите што му се доверени од клиентелата на рестораните за да ги ограбува нивните домови. Една вечер, тој ќе влезе во една куќа, само за да открие една жена по име Кети (Кери Кондон) која е затворена таму. Исплашен,за да не оди во затвор, тој ја напушта куќата и ја повикува полицијата.Но, ќе се најде во ситуација на игра на мачка и глушец со Кале Ерендреич (Дејвид Теннант), психотичниот сопственик на куќата која ја ограбил бидејќи видел нешто што не требало да види.
Режисер на филмот е Ден Девлин кој предходно го реализираше филмот „ Геосторм“
ТУЛИ
„Тули“ е американски комедија-драма во режија на Џејсон Рејтман според сценарио на Диабло Коди. Во филмот настапуваат: Шарлиз Терон, Макензи Дејвис, Марк Дуплас и Рон Ливингстон.
Приказната на филмот го следи пријателството на мајка со три деца и нејзината дадилка. Тоа е четврта соработка помеѓу Рејтман и сценаристот Диабло Коди по „Џуно“ (2007), „ Телото на Џенифер“ (2009) и „ Млада полнолетничка“ (2011).
Филмот премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал Санденс во 2018 година а во кини салите во Соединетите Американски Држави започна да се прикажува од вчера.
Филмот добил позитивни критики од страна на критичарите за одличната игра на ШарлизТерон и Мекензи Дејвис.
ШарлизТерон и во овој филм е речиси непрепознатлива како што беше во филмот
„ Монструм“ во 2003 година кога го освои Оскарот за најдобра женска улога за овој филм.
ПУСТИНСКА НЕВЕСТА
Еве еден аргентинско чиленски филм во режија на Сесилиа Атан и Валериа Пивато кој изминатата година беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во рамките на програмта „ Извесен поглед“.
Се работи за драмата „ Пустинска невеста“кој ја раскажува приказната за Тереза, 54-годишна жена, која работи како домаќинка во семејниот дом во Буенос Аирес. Со децении таа се навикнала на нејзините секојдневни задачи, но сега кога семејството одлучило да ја продаде куќата, нејзиниот живот почнува да се распарчува. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Паулина Гарсија и Клаудио Ризи.
Чилеанската актерка Паулина Гарсија во 2013 година за улогата во филмот“ Глорија“ ја освои наградата сребрена мечка за најдобра женска улога .
ГРАДИНАРИ
Дејствието на швајцарско францускиот филм „ Градинари“ се случува во 1915 година. Животот на фармата Паридие драматично се променил бидејќи мажите од семејството (Констант, Жорж и Кловис) заминале од дома за да одат и да се борат на фронтот. Хортенс Сандраил, мајката на Хенри и Констант и свекрвата на Кловис, храбро ја превземаат работата , но, иако им помага и нејзината ќерка Соланж, тешко може да се справат со целокупниот обем на работа. Кога ќе дојде време за жетва, таа ќе одлучи да вработи некого на фармата, но е премногу доцна и никој не е достапен. Градоначалникот ѝ го препорачува сирачето по име Френсин Риант, кој може да да и помогне. Хортензе се согласува со изборот и наскоро се покажува како благослов, бидејќи девојката се покажува совршена: добродушна и почитувана, таа е исто така и извонреден работник која не одбива било каква задача. Хортенс, Соланж и нејзината штитеничка формираат ефикасно трио, кои го превземаат најголемиот товар од работата.
Еден ден, Жорж се враќа на фармата на одмор и тој се вљубува во Френсин…
Режисер на филмот е Ксавиер Беаво а главните улоги ги толкуваат:Натали Бај, Лора Смет,Жилбер Боне, Сирил Дескур, Ирис Бру и други.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк