Овојпат , наместо да говориме за новите филмови кои требаше да се најдат во кино салите ширум светот , вчера и наредниот петок, ќе говориме за она што се случува во кино прикажувачката и фестивалската дејност во ова време кога во светот е прогласена пандемија од вирусорт КОВИД – 19.
Како што веќе е познато заради пандемијата скоро во сите земји од светот се затворени кино салите, така што нема никаков смисол да говориме за филмови кои нема да бидат прикажани во кино салите во овој период.Со одлуките да се затворат кино салите во светот филмската индустрија ќе претрпи милионски загуби како впрочем и многу индустриски гранки.
Во денешниот текст ќе ве запознаеме со одлуките на поедини земји во светот за престанок на прикажување на филмови но и со начинот на кој поедини филмски компании се обидуваат да се прилагодат на ситуацијата.
Изминатиот петок (13.март), компанијата Дизни одлучи анимираниот филм „Замрзнати 2“да го стави на својата платформа три месеци порано од предвиденото време и се разбира да го повлече од кино прикажување и кино дистрибуција
Инаку филмот од ноември па се досега успеа да заработи 1, 4 милијарди долари од прикажување во целиот свет.Воедно, компанијата „ Дизни“ во петокот соопшти дека ги замрзнува сите свои активности околу прикажување на своите нови филмови меѓу кои и на играната верзија на анимираниот филм „ Мачечката сирена“ кој требаше да започне да се прикажува во Лондон за време на овој викенд.
Неодамна и званично беше потврдена веста дека заради коронавирусот е откажаната премиера на најновиот филм од серијалот за Џемс Бонд„ Нема време за умирање“ која требаше да се случи на 10. април во Лондон.Премиерата е презакажана за 8. ноември.оваа година.
На 12. март, организаторите на филмскиот фестивал „ Трибека“кој оваа година требаше да се одржи во периодот помеѓу 15 и 26 .април , одлучија тој да биде одложен заради ширењето на корона вирусот.
Во изјавата објавена изминатиот четврток (12. март), ко – основачот на фестивалот и извршен директор на „ Трибека Ентерпрајс“ , Џејн Розентал , соопшти: „Ние го основавме овој фестивал како начин да ја извлечеме нашата заедница по уништувањето на нападите од 11.09. и со здружување да го надминеме нашиот страв.Во нашата ДНК е да одиме напред и да се грижиме за нашата заедница.
Ние сме посветени на обезбедување на здравјето и безбедноста на јавноста, истовремено поддржувајќи ги нашите пријатели, режисери и раскажувачи кои гледаат кон Трибека како платформа за да ја покажат својата работа пред публиката. Наскоро ќе се вратиме на Вас со нашите планови “.
Во меѓувреме откажани се и филмските фестивали во Сиднеј кој требаше да се одржи од 3 до 14 јуни како и фестивалот во Единбург кој беше закажан за периодот од 17 до 28 . јуни.
Откажан е и меѓународниот филмски фестивал во Сиетл кој оваа година требаше да се одржи по 46 пат во периодот помеѓу14. мај и 7. јуни. Инаку , на овој фестивал требаше да биде прикажан и најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“.
Канскиот филмски фестивал , и покрај најавите од пред една недела дека нема да биде одложен, во четвртокот неговите организатори сепак соопштија дека годинешното одржување на фестивалот ќе биде одложено. Тие соопштија дека разгледуваат неколку опции за негово одржување а најпосакувана опција е фестивалот да биде одржан кон крајот на јуни.„ Штом развојот на француската и меѓународната здравствена состојба ќе ни овозможи да ја процениме реалната можност, ќе ја донесеме конечната одлука со која ќе ја запознаеме јавноста“ стои во соопштението на организаторите на фестивалот кој оваа година требаше да се одржи од 12 до 23. мај.
Заради ширењето на корона вирусот КОВИД – 19 , кино благајните во Јужна Кореја за месец февруари регистрираа најголем пад на продажба на влезници по 2005 година.
Според Корејскиот филмски совет , вкупниот приход на кино благајните за февруари од 7, 37 милиони долари е намален за 66, 9 % во однос на истиот месец од изминатата година.
Споредувајќи ги бројките со истиот викенд од 2008 година , советот забележал дека викендот 29. Февруари – 1. март оваа година , во кој биле продадени 245.383 влезници, е најнизок рекорд.Ковид – 19 ги погодил кино прикажувачите и им направил поголема штета отколку останатите вируси па дури и МЕРС.
На 13. Март. беше објавена и веста дека платформата Нетфликс запира со пред продукцијата и физичкото производство на филмови во САД и Канада почнувајќи од понеделник 16. март. како одговор околу загриженоста од корона вирусот.
Меѓународните продукции на стримерот ќе се раководат од случај до случај во соработка со националните и регионалните власти и во зависност од ситуацијата што се развива во локалитетот.
Седиштето на Нетфликс во Холивуд е привремено затворено по пријавениот случај на КОВИД-19 и персоналот работи од дома.
Интересно е реагирањето на кино прикажувачите во Франција. Имено на 13. март француските кино прикажувачи ветија дека ќе ги задржат кино салите отворени, бидејќи владата забранила собири на повеќе од 100 луѓе. Но, само еден ден подоцна беше објавено соопштение од владата со кое се наредува затворање на сите кино сали и јавни места на собирање заради корона вирусот.
Од 17 март големите синџири на кино прикажувачи во Велика Британија по советите од владата , ги затворија кино салите заради коронавирусот. Тоа го направија најголемите синџири на киноприкажувачи како што се Одеон, Синеворлд и Пикхаус како и БФИ Саутбанк , скрининг комплекс со кој управува британскиот филмски институт.
Само да напоменеме дека Одеон , кој е во сопственост на корпорацијата АМЦ кино сали, во Велика Британија има 122 кино сали и 11 во Ирска.
Меѓутоа веднаш по оваа одлука се јави владата на Велика Британија која издвои 399 милијарди американски долари како заеми за борба против влијанието врз деловните активности на коронавирусот во кои спаѓа и киноприкажувачката и филмска дејност .
И во САД по одлуката на Белата куќа со која се забрануваат собири на повеќе од 10 луѓе, градоначалниците на Њујорк и Лос Анџелес донесоа одлуки со кои се затвораат сите кино сали во овие градови.
Пред да се донесе оваа драстична одлука, приходите на касите на кино благајните во Северна Америка за време на последниот викенд, паднаа на најниско ниво во последните две децении, како резултат на појавата на корона вирусот и на просторите во Северна Америка.
Списанието Вариети во понеделникот објави податок дека вкупната сума на заработка на кино благајните во САД и Канада за викендот од петок до недела (13 – 15 . март)била околу 55, 3 милиони американски долари, што преставува најлош резултат по септември 2000 година но и пад од 45% во однос на предходниот викенд.
Според првичните пресметки по ваквата одлука за затворање на кино салите , студијата би можеле да да загубат дури 2 милијарди американски долари.
Според одлуката на најголемите синџири на киноприкажувачи , кино салите ќе бидат затворени во наредните шест до 12 недели.
Најголемите песимисти велат дека може да пропадне дури и летната сезона на блокбастери доколку потрае пандемијата на коронавирусот. Засега за ваквите песимистички предвидувања ретко кој сака да говори.
Од друга страна,киното Зоулинг во Урумки , стана првото кино кое во Кина повторно ги отвори своите врати по пандемијата на корона вирусот. Урумки е главен град на регионот Ксинџијанг , во западниот дел на Кина.Кино салата била затворена од 26 јануари, а вратите беа затворени се’ до повторното отворање во понеделникот на 16. март.Кино салата била место на одржување на 22 филмски проекции на неколку кинески филмови како и еден филм за деца.
Киното се обидело да ја привлече публиката со тоа што одлучиле проекциите да бидат бесплатни за родители со деца, но на првиот ден немало ниту еден гледач.
„ Не можеме да останеме затворени засекогаш“ рекле одговорните од киносалата.
„ Ќе работиме на тоа публиката да се врати што побрзо во кино салата“ порачуваат од раководството.
Коронавирусот ја запре и реализацијата на огромен број на филмски проекти.Деновиве беше објавена веста дека на Нов Зеланд е сопрено снимањето на продолженијата на блокбастерот „ Аватар“ на режисерот Џејмс Камерон како мерка на претпазливост од коронавирусот.
Членовите на екипата во вторникот добиле известувања од компанијата која стои зад овој филмски проект за итно прекинување на снимањето на филмот.Извршниот тим на филмот требало да допатува од Лос Анџелес во Велингтон но сега тие остануваат дома. Не е познато дали меѓу нив требало да биде и режисерот Камерон.
Се на се, како и во многу области од секојдневното живеење така и во филмската индустрија и прикажувачката дејност , владее голема неизвесност од она што ќе се случи во периодот што е пред сите нас.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк