Како што наближува крајот на годината така се зголемува бројот на филмови од кои се очекува многу од страна на филмските компании.
Имено, почетокот на летото и крајот на годината се два временски периоди во годината кога филмаџиите во кино салите ги пласираат своите најголеми адути во трката во што поголема заработка и поголем број на освоени филмски награди. Ако за почетокот на летото ги чуваат блокбастерите тогаш за крајот од годината ги чуваат своите фаворити за филмски награди но и по некој филмски блокбастер кој треба да им ја поправи „ крвната слика “ доколку во летниот период промашиле со некој од сигурните фаворити.
Како и да е, ноември и декември се преполни со филмски премиери на филмови од сите жанрови. Денес, и во наредната недела ќе се обидеме да направиме избор од филмовите кои треба да се најдат во кино салите во месец ноември.
СПЕКТРА
Во понеделникот во Лондон беше одржана светската премиера на најновот филм од најдолговечниот филмски серијал за тајниот агент Џејмс Бонд- „ Спектара“. Тоа е 24 филм од овој серијал инаку втор кој го режира Сем Мендес и четврти по ред во кој агентот 007 го игра актерот Даниел Крејг.
Во филмот има од се’ по нешто. Од весели секвенци до позадинска приказна за Денот на мртвите во Мексико,Фантастични технолошки новини, акциони сцени, прекрасни актерки, бркотници со автомобили, но и мошне духовити делови.
Според првите реакции на публиката во Велика Британија филмот на кино благајните само во вторникот успеал да заработи 9,2милони долари ,заработка која досега не е забележана во Велика Британија во вторнично прикажување на некој филм. Освен тоа филмот добил и одлични критики. Филмот во кино салите во светот ќе започне да се прикажува од 4. ноември (во Белгија и Луксембург) а еден ден подоцна и во повеќе европски земји како и ширим светот. Во Македонија ќе започне да се прикажува од 5. ноември.
За приказната за филмот до самата премиера во Лондон ,многу малку се знаело. Конечно деновиве се објавени пошироки информации за дејствието во филмот.
Иако ЕМ ,која во предходниот филм ја играше Џуди Денч, е елиминирана, таа се јавува од задгробниот живот , со видео порака во која на Бонд му порачува да го најде и да го убие платениот убиец Скијара. Токму таа задача го води Бонд во Мексико, а подоцна во Рим на погребот на Скијара, како и на средбата со неговата не толку тажната вдовица , која ја игра Моника Белучи.Тука е и др. Медлин Сван,ќерката на еден од неговите непријатели , која ја игра францускта актерка Леа Сејдо. Токму таа ќе му го открие името на тајната организација „ Спектра“ која сака да завладее со светот.
Во меѓувреме Бонд го следи Оберхаузер,водачот на „ Спектра“, од Рим , бркајќи го својот Остин Мартин , преку австриските Алпи па се до канцаларијата во Лондон каде новиот арогантен шеф на Центарот за национална сигурност , познат како ЦЕ, кој го игра актерот Ендру Скот, не го доведе во прашање авторитетот на ЕМ кој го игра Ралф Фајнс.Имено ,ЦЕ смета дека ЕМ и КЈУ не би требало да испраќаат агенти на терен и дека наместо нив треба да се испраќаат дронови.Филмот всушност преставува вовед во војувањето и шпијунирањето во 21 век. Воедно „ Спектра “ преставува и поглед во минатото.
ТРУМБО
На 6 .ноември во американските кино сали а некаде и на почетокот на следната година и во остатокот од светот, ќе започне да се прикажува биографската драма „Трумбо“ на режисерот Џеј Роач.Познато е дека филмовите снимени според животот на вистинаки личности одсекогаш биле слабост на членовите на филмската академија во досегашната долга 87 годишна историја на Оскарите да награди токму вакви остварувања.На таа карта можеби играат и творците на овој филм особено заради тоа што филмот преставува приказна за Далтон Трумбо,сценарист кој ги напишал сценаријата за прочуените филмови „ Спартакус“ и „Празник во Рим“ и кој бил ставен на црната листа и испратен во затвор заради наводна соработка со комунистите во текот на познатата чистка во Холивуд, во раните 50 ти години од изминатиот век.Тогаш, многу талентирани луѓе биле обвиинети и осудени заради бесмислени обвиненија кои најчесто немале никаква реална основа.
Извонредната актерска екипа ја предводи Брајан Кренстон кој го игра Трумбо, а тука се уште и Дајан Лејн, Ела Фенинг, Алан Тадик… Интресно е дека во филмот како ликови се појавуваат и поголем број на актери од тој период . Така ликот на актерот Џон Вејн го игра Дејвид Џејмс Елиот, ликот на Едвард Џи Робинсон актерот Мајкл Штулберг додека оскаровката Хелен Мирен го игра ликот на актерката Хеда Хупер.
Филмот својата светска премиера ја имаше на фестивалот во Торонто а беше дел и од програмата на фесривалите во Лондон и Лос Анџелес.
ВО ЦЕНТАРОТ НА ВНИМАНИЕТО
Уште еден филм кој е темелен врз биографска основа ќе започне да се прикажува од петок 6.ноември во американските кино сали. Се работи за филмот „ Во центарот на вниманието“ (во слободен превод) во режија на Томас МекКарти кој премиерно беше прикажан на годинешниот фестивал во Венеција. Во филмот настапува извонредна актерска екипа предводена од актерот Мајлк Китон кому оскарот за влакно му избега оваа година па многумина веќе гледаат шанса токму со улогата во овој филм да биде исправена евентуалната грешка. Покрај него во филмот настапуваат уште и Марк Рафало и Рејчел Мек Адамс. Тие во филмот ги толкуваат ликовите на членовите на редакцијата „ Бостон глоуб“ благодарејќи на чија истражувачка работа е разнишана педофилијата во бостонската надбискупија, кога на видело излегол големиот скандал , со што била разнишана Католичката црква во САД , што на крајот резултирало со освојување на Пулицеровата награда. Филмот во целост е темелен врз вистински личности и вистински случувања од тој период.
БРУКЛИН
Уште еден интересен филм ќе започне да се прикажува од 6 ноември. Се работи за романтичната драма „ Бруклин “ во режија на Џон Кроули според сценариото на Ник Хорбни кое е темелено врз истоимениот роман на Колм Тоибин. Во филмот настапуваат Саорис Ронан ,Емори Коен, Домнел Глисон, Џим Бродбент и Џули Волтерс. Филмот преставува копродукција помеѓу Ирска, Велика Британија и Канада.
Филмот ја раскажува приказната за младата ирска имигрантка Елис Ласи и нејзиниот животен пат откако ќе допатува во Њујорк заминувајќи од топлиот дом на нејзината мајка во Ирска.Првичното чуство на носталгија по родната земја набрзо ќе исчезне одкако ќе ја доживее првата љубовна романса и опојниот шарм на љубовта.Но, наскоро нејзиниот нов живот ќе биде прекинат заради нејзиното минато и таа ќе мора да избира помеѓу двете земји.
Интересно е дека филмот својата светска премиера ја имаше на почетокт од годинава на фестивалот на независен филм Санденс. Подоцна филмот беше прикажан уште на десетина фестивали меѓу кои и на фестивалите во Торонто, Њујорк, Лондон и Филаделфија.
ПОКРАЈ МОРЕ
Романтичната драма „ Покрај море“ е третиот игран филм кој како режисер го потпишува Анџелина Џоли. Во филмот , кој ќе започне да се прикажува од 13 ноември, главните улоги ги толкуваат Анџелина Џоли , Бред Пит,Мелани Лорен,Нилс Ареструп…
Дејствието на филмот е сместено во Франција во средината на 70 тите години од изминатиот век. „Покрај море“ ја донесува приказната за некогашната танчерка Ванеса и нејзиниот сопруг Роланд, американски писател.Тие двајца одат на заедничко патување, но се чини дека се оддалечуваат еден од друг. Сепак, кога ќе стигнат во едно мирно градче покрај море, за нив се’ ќе се промени.Поминувајќи време со жителите на тоа живописно место, низ нивните приказни ќе започнат да ги решаваат и своите проблеми во својот живот.
Интересно е да се каже дека овој филм е првиот во кој настапуваат заедно Анџелина Џоли и Бред Пит по филмот „ Господин и госпоѓа Смит„ во 2005 година кога влегоа во заеднички живот оставајќи ги дотогашните брачни другари.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк