20 години како временски период можат да бидат и многу и малку . Ако се работи за живот, тоа значи дека оние кои се родиле во таа 1997 година денес имаат 20 години, а оние кои тогаш имале 20 години денес се во средните години од својот живот и се разбира паметат многу нешта што се случиле тогаш , особено настани кои предизвикале интерес кај нив. Така,љубителите на филмот сигурно се сеќаваат на некои од филмовите кои ги гледале тогаш. Можеби не сите, но сепак некој од нив сигурно останал во нивната меморија.
Се наоѓаме во средината на месец ноември па заради тоа филмскиот времеплов ќе го вратиме назад 20 години во месец ноември 1997 година, за да се потсетиме на десетина филмови кои биле актуелни тогаш. Интересно е да се каже дека повеќето од нив и денес се вртат на некои од програмите на кабловските телевизии што доволно говори за нивниот квалитет.Ова потсетување воедно е убава можност да се спореди квалитетот на тогашните филмови со она што денес се нуди во кино салите ширум светот.
ВСЕЛЕНСКИ ВОЈНИЦИ
Познатиот холандски режисер Пол Верховен , кој во 1992 година се прослави со филмот „ Основен инстикт“ , пет години подоцна во ноември 1997 година се престави со филмот „ Вселенски војници“ чиј буџет изнесувал 105 милиони долари. Филмот беше првиот од трите филма од оваа франшиза . Останатите два филма се појавија во 2012 и во оваа 2017 година. Филмот не го доживеа очекуваниот успех бидејќи на кино благајните ширум светот едвај заработи вкупно 121 милион долари.
Сепак, филмот заработи номинација за Оскар во категоријата за најдобри визуелни ефекти. Филмот предизвика контроверзи и критики заради своите политички ставови кои некои критичари ги окарактеризираа како промоција на милитаризмот.
Во филмот, да се потсетиме , настапуваат :Каспер Ван Дин, Дина Мејер, Денис Ричардс, Џеки Бисеј и други. Режисерот Верховен и по 20 години е активен а во изминатата година беше мошне актуелен со филмот „ Таа“ кој освои 66 награди и 74 номинации за награди.
МИСТЕР БИН
Во таа 1997 година кога филмот „ Титаник“ на Џејмс Камерон владееше со топ листите со вкупна заработка од над 1,8 милијарди долари, еден малечок филм од англиско производство чиј буџет изнесувал само 18 милиони долари и бил помал дури 11 пати од буџетот на „ Титаник“ , кој изнесувал 200 милиони долари, на кино благајните заработил вкупни 251 милион долари или 14 пати повеќе од продукцискиот буџет. Се работи за комедијата „ Мистер Бин“ на режисерот Мел Смит во кој главната улога ја толкува познатиот англиски актер Роуан Аткинсон.Филмот е направен според успешната тв серија за истиот јунак.
Денес ,Аткисон е сосема пинаков а и неговите улоги се многу поинакви. Имено, во оваа и изминатата година тој сними серија на тв филмови за Инспекторот Мегре . Но , веќе во следната 2018 на филмското платно се очекува комедијата „ Џони Инглиш 3“ како продолжение на авантурите на овој познат таен агент.
ПОЛУДЕН ГРАД
Познатиот грчки режисер Коста Гаврас, кој освои Оскар за најдобар странски филм , за филмот „З“, во 1997 година ја сними драмата „ Полуден град“ во кој настапија две големи холивудски филмски ѕвезди: Дастин Хофман и Џон Траволта.
Филмот ја раскажува приказната за Сем Бејли (го игра Траволта), кој работи како чувар на природонаучниот музеј, разочаран поради добиениот отказ од работата, се решава на очаен потег: зема во заложништво група ученици кои го посетиле музејот. Новинарот Мак Бракет (го игра Хофман) случајно се наоѓа во музејот, кога се случува инцидентот, кој набрзо станува главна вест на медиумите ширум земјата. Притоа, за медиумите, важна е самата случка, а никој не е заинтересиран за причините кои довеле до него.
ШАКАЛ
Филмот „ Шакал“ преставува римејк или ако саката ново видување, на извонредниот филм „ Денот на Шакалот“ од 1973 година во режија на познатиот Фред Цинеман во кој главната улога извонредно ја толкува англискиот актер Едвард Фокс. Филмот е снимен според истоимениот роман на Фредерик Фосајт и говори за подготовките и неуспешниот атентат врз францускиот председател Шарл Де Гол.
Во новото видување во 1997 година главните улоги ги толкуваат Брус Вилис и Ричард Гир а тука е и легендарниот Сидни Поатје . Режисер на филмот е Мајкл Катон Џонс.Неговите творци сакале да се дистанцираат од оригиналот со тоа што го промениле местото на дејствието на филмот па дури и оригиналнниот наслов, но не успеале да направат подобар филм . И покрај тоа што филмот постигна забележителен успех на кино благајните (од 160 милиони долари) сепак филмот од 1973 година е многу подобро направен од овој римејк кој доживеа голем успех на кино благајните и прекрасни критики.
ЧОВЕКОТ КОЈ ЗНАЕШЕ ДЕКА Е ПРЕМНОГУ МАЛ
Ретко кој се обидел да направи римејк на филмови кои како режисер ги потпишал Алфред Хичкок. Имаше обид со филмот „ Психо“ кој начисто пропадна. Меѓутоа во 1997 година режисерот Џон Амил ја направи американско германската шпионска комедија „ Човекот кој знаеше дека е премногу мал“ која е темелена врз романот напишан од Роберт Фарар а насловот на филмот е пародија на филмот на Хичкок „Човекот кој знаеше премногу“ од 1934 година кој си направи сопствен римејк во 1956 година со Џејмс Стјуарт и Дорис Деј во главните улоги.
Во филмот на Амел главните улоги ги толкуваат: Бил Мјуреј, Питер Галагер, Џоан Вајли, Алфред Молина и други. Филмот ја раскажува приказната за Валас Ричи кој лета од Де Мојн, Ајова, во Лондон, Велика Британија, за да го помине својот роденден со својот брат, Џејмс .Како пак Џејмс е домаќин на деловната вечера, тој го вклучува Валас во интерактивен импровизиран театарски бизнис, “Театарот на животот”, кој ветува дека ќе го третира учесникот како лик во криминална драма.
ЧУДОТВОРЕЦ
Еден од филмовите кои привлекоа големо внимание особено кај критиката , во таа1997 година, беше филмот „ Чудотворец “ на познатиот режисер Френсис Форд Копола. Филмот е снимен според делото на познатиот писател Џон Гришам,автор на бестселери со правна тематика . Ова за него преставувала една од најомилените екранизации на неговите дела на филмското платно.Притоа овој избор сигурно не бил лесен од причина што неговите дела оживеаја како филмови направени од најценетите режисери кои редовно стануваа големи хитови , како на пример: „Фирма“, „ Случајот Пеликан“ и „ Време за убивање“. За овој роман се заинтересирал еден од великаните на тогашниот нов Холивуд, режисерот и сценаристо Френсис Форд Копола.Затоа веднаш било јасно дека оваа екранизација нема да биде како изминатите заради тоа што и романот на Гришам одскокнувал од останатите негови дела.
Имено, овој негов роман преставува еден од најострите кои говорат за правосудството и неговите учесници.Приказната плени со големиот број на разноразни ликови , од чесни и расипани правници до граѓани кои (не)успешно бараат правна сатисфакција.
Одтаму и незачудува фактот дека во филмот настапува голема актерска екипа од познати актери која ја предводи актерот Мет Дејмон кој го токува ликот на младиот правник Руди Бејлор. Тука се уште и :Дени Де Вито, Клер Дејнс, Ден Стоквел,Џон Војт, Тереза Врајт, Вирџинија Медсен, Дени Гловер и многу други.
ФЛАБЕР
Филмот „ Флабер“ на режисерот Лес Мејфилд всушност преставува римејк на филмот „ „Расеаниот професор“ од 1961 година во кој главната улога ја толкуваше актерот Фред Мек Мареј. Во новата верзија направена во 1997 година главната улога ја толкува извонредниот актер Робин Вилијамс кој пред неколу години змина од овој свет. Тој во
Филмот го игра ликот на професорот Филип Брејнард , расеан професор кој работи со својот асистент Веб и се обидува да направи материја која ќе биде извор на нова енергија и ќе го спаси колеџот Медфилд чиј декан е неговата љубена Сара…
Филмот релативно добро беше примен од страна на публиката заработувајќи околу 178 милиони долари, заработка која беше двојно поголема од неговиот продукциски буџет од 80 милиони долари.
Во филмот настапуваат уште и Марша Геј Харден, Кристофер Мек Доналд, Рејмонд Бар и Кленси Браун.
ПОЛНОЌ ВО ГРАДИНАТА НА ДОБРОТО И ЗЛОТО
Познатиот актер и режисер Клинт Иствуд во 1997 година го сними криминалистичкиот трилер „ Полноќ во градината на доброто и злото“ кој преставува непредвидлива , очарувачка и вистинска приказна која е темелена врз феноменалната приказна на Џон Беренд , а која говори за шокантното убиство во отмениот град Савана во државата Џорџија, кое се случило во дом во кој живеат неверојатно ексцентрични ликови.
Во филмот настапуваат Џон Кјузек, Кевин Спејси, Џек Томпсон, Џад Лоуи Алисон Иствуд.
Филмот доби спротиставени критики а и публиката не беше премногу воодушевена од овој филм на Иствуд. Филмот имал буџет од 30 милиони долари а не успеа да ги покрие ниту производтвените трошоци заработувајќи скромни 25 милиони долари.
АНАСТАСИА
Овие денови кога се навршуваат 100 години од Октомврискареволуција во Русија многу се говореше и пишуваше за овој настан кој го промени текот на модерната светска историја.Меѓутоа, распадот на Советскиот сојуз влијаеше и врз историските толкувања на Октомвриската револуција. Зголемениот пристап до советските архивски материјали по 1991 година овозможи преиспитување на ставот кон Октомвриската револуција. Новите руски историчари во голема мера ја отфрлаат поранешната советска историска интерпретација на Револуцијата, но сепак овие ревизионисти целосно на се откажаа од изградениот став кон неа од времето на Советскиот сојуз.
А токму во таа 1917 година се одигрува дејствието на анимираниот филм за возрасни „Анастасиа“. Злобниот Распучин фрла клетва врз царското семејство Романови, кое резултира со револуција во кое страда целото семејство освен осумгодишната принцеза Анастасиа и нејзината баба од Париз. Анастасиа се губи во вителот на револуционерните случувања . Таа од преживеаната траума добива амнезија и десет години подоцна живее на село под името Ања. Единствено што ја поврзува со нејзиното семејство е медаљонот од нејзината баба во кој пишува дека таа ќе се сретне повторно со својата баба во Париз.
Режисерот на филмот Дон Блут кој е мајстор не само на мјузикли и акциони филмови туку понекогаш знае да експериментира и со другите жанрови. Па така во 1997 година го режира овој анимиран филм во кој главни јунаци се возрасни луѓе и во филмот не постојат ликови на деца и животни со што е избегната дозата на инфантилност која е вообичаена за филмовите во производство на Вот Дизни.
Филмот го создаде одделот за анимирани филмови на компанијата „Твенти Сечери Фокс“ со буџет од 50 милиони долари. Филмот беше добро прифатен од страна на публиката со обзир на тоа дека се работеше за анимиран филм за возрасни, заработувајќи близу 140 милиони долари. Гласовите на главните јунаци им ги позајмија : Мег Рајан, Џон Кјузек, Кесли Грамер, Кристофер Лојд, Хенк Азариа, Кирстен Дансти други.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк