И новата филмска година, барем според резултатите од посетеноста во кино салите за првите три месеци,не донесе ништо ново во однос на изминатата година кога токму во овој период започнаа да се затвораат кино салите ширум светот.Надежите дека оваа година ќе биде поинаква , барем според почетокот од годинава (освен во Кина)не се остварија. Како ќе биде понатака се’ ќе зависи од Пандемијата на корона вирусот во периодот што е пред сите нас.
Дека филмската индустрија е во голема криза, и покрај повремените обиди за отворње на кино салите со примена на строги мерки против ширење на пандемијата ,е општо позната.
За тоа најдобро говорат резултатите од гледаноста (односно заработката)од првите три месеци од оваа година.
Кога ќе се погледне листата на 10 те најгледани филмови во САД (која важи за барометар за успешноста и во остатокот од светот) се добива впечаток како да е во прашање топ листа за неделна (викенд)а не тримесечна посетеност на кино салите.
Така, на првото место се наоѓа играно анимираниот филм „Том и Џери“ , кој премиерно беше прикажан на 26 февруари оваа година со вкупна заработка од 39,5 милиони голари.
Во остатокот од светот филмот успеал да инкасира уште 53, 8 милиони долари.
На второто место се наоѓа уште еден анимиран филм насловен како „Раџа и последниот змеј“ со заработка од 32,7 милиони долари во американските кино сали и уште 54, 2 милиони долари во остатокот од светот.Неговото прикажување започнало на 5. март.
Првиот филм бил прикажуван во 2563 кино сали а вториот во 2261 кино сала.
Третото место му припаѓа на уште еден компјутерски анимиран филм кој успеа да заработи вкупно 106 милиони долари во светски рамки но мора да се каже дека тој на кино репертоарот се наоѓа уште од изминатата година поточно од 25. ноември.2020 година. Тоа е филмот „Крудс 2:Ново време“.
Меѓу десете најгледани филмови за првите три месеци од оваа година се наоѓаат и филмовите „Чудесна жена 1984“ кој за 14 неделно прикажување во светски рамки заработи 120 милиони долари, потоа акциониот трилер „Марксмен“ со Лиам Нисон во главната улога со скромна заработка дома од 15 милиони долари и само 6 милиони во остатокот од светот.
И крими драмата „ Малечки нешта “ со Дензел Вошингтон во главната улога помина слично заработувајќи дома 15 и во странство 14 милиони долари .
Скромно поминаа и научно фантастичниот „Одење по хаос“ и хоророт „ Ловецот монструм“ со вкупна заработка од по 30 тина милиони долари.
Единствена светла точка во овој тунел е можеби спектаклот „Годзила против Конг“ кој започна со прикажување на 31 .март. кој веќе има заработка од 285 милиони долари пред се’ благодарејќи на неговата заработка остварена во Кина од над 136 милиони долари. Инаку неговата заработка во САД изнесува околу 50 милони долари.
Со сосема скромна заработка на 10 место се наоѓа драмата „Новости од светот“ со Том Хенкс во главната улога со заработени 12,6 милионои долари . Филмот се прикажува само во САД од 25. декември изминатата година.
Колку за споредба, измината година во првото тримесечје ,пред појавата на пандемијата на корона вирусот кога никој и не помислуваше како сето тоа ќе се одвива, сликата беше сосема поинаква.
Тогаш на првото место според заработката беше акционата комедија „Лошите момчиња за живот“ со Вил Смит и Мартин Лоренс во главните улоги. Иако се работеше за трет филм на иста тема , филмот кој започна со прикажување на 17 јануари 2020 година до крајот на март заработи вкупно 206милиони долари само во САД.
Веднаш зад него со 160 заработени во САД , се најде воениот спектакл 1917 на познатиот режисер Сем Мендез.Овде треба да се спомене дека филмот започна да се прикажува на 25 декември 2019 година.
Со најголема заработка во првото тримесечје можеше да се пофали научно фантастичната сага „Војна на ѕвездите :епизода IX “ со вкупна заработка од 558 милиони долари само во САД но мора да се каже дека тој започна да се прикажува уште од 20 декември.2019 година и тоа во 4406 кино сали ширум Америка и Канада кога само за време на првиот викенд од своето прикажување успеа да заработи 178 милиони долари.
Ако се направи груба споредба на заработките на филмовите од првото место за ова тримесечје со она од измината година се доаѓа до поразителен резултат од 1:5 односно ова тромесечие има пет пати помала заработка од пред една година.
За жал овој тренд на отворени – затворени кино сали во поголемиот дел од светот (освен во Кина )и понатака трае што може да се види и од моменталната сосема скромна понуда на нови филмови во кино салите за овој месец. Меѓу нив така речи нема некој позначаен наслов кој би привлекол публика која би се одважила и покрај се’, да оди во кино освен , веќе споменатиот „Годзила против Конг“кој најмногу го виделе во кино салите во Кина.
Што се однесува до светски рамки, во првото тримесечје најголема заработка од 821 милион долари оствари кинеската комедија со елементи на фантастика „Здраво мамо“.Филмот започнал да се прикажува од 12 . февруари оваа година и неговата заработка е остварена во најголемиот дел во Кина (само 360 иљади долари во Австралија и 60 иљади долари во Нов Зеланд).
На второто место со заработка од 686 милиони долари се наоѓа уште еден кинески филм. Тоа е акционата комедија “Детективот Кинески град 3“кој својата целокупна заработка ја оствари во својата матична земја со сосема мали заработки во вкупен износ од околу еден милион долари во Австралија, Хонг Конг и Нов Зеланд.Инаку ,ова е трет филм од овој серијал кој започна во 2015 а продолжи во 2018 година.
На третото место од оваа листа се наоѓа веќе споменатиот спектакл „Годзила против Конг“ со вкупна заработка ог 285 милиони долари од кои 50 тина милони долари отпаѓаат на САД , Мексико 13 милиони, Австралија 6 милиони, Нов Зеланд еден милион, Јужна Кореа 2,8 милиони , Виетнам 2,6 милиони и Кина 136 милиони долари.
Од сето ова може да се заклучи дека Кина е една од ретките земји на светот во која публиката се вратила во кино салите како во годините наназад.
Но, и покрај се’ филмаџиите и филмските работници не се откажуваат од своите активности. Така на пример на 1април беше одржан веб – семинар кој беше промовиран од списанието „Херст магазин“ од Италија , чиј модератор беше Пиера Детасис , со наслов „Што ќе стори филмската индустрија:разговор за иднината на филмот“.На него учествуваа десетина релеванти филмски работници ,меѓу кои и Председателот на АНИКА (Асоцијацијата на националната индустрија за кинематографија, аудио и мултимедија)Франческо Рутели кој посочи дека само во римскиот регион до 30.март се снимаат 230 аудиовизуелни продукции што преставува вистински бум во филмската продукција и покрај очајната состјба која ја донесе пандемијата. Ова само ја покажува решителноста на филмските работници и покрај се’ да творат и создаваат.Голема подршка во тоа имале од владата на Италија која се грижела за главните трошоци на продукцијата.
Потпредседателот и извршен директор на компанијата „Медуза“ Џанпаоло Лета говореше за филмовите кои не можат да се прикажуваат во кино салите кои изминатиот период од 12 месеци биле отварани и затварани. Така многу филмови кои требало да се прикажат уште во февруари 2020 биле одложувани за октомври но и ден денес не се започнати со експлоатација што преставува огромен губиток и за приозводителите ,дистрибутерите и кино прикажувачите.Затоа, според него треба да се ревидираат плановите и буџетските предвидувања.Прикажувањето на дел од филмовите на стриминг платформите е само обид да се фати некаков чекор во презентацијата на досегашните готови филмови иако останува генералната оценка дека сите очекуваат што поскоро да заживеат кино салите.
Со проблеми од овој вид се соочија и голем број на филмски фестивали во текот на пандемиската година кога дел од нив беа одложени, дел не се одржаа а некои се одржаа комбинирано (со публика и виртуелно). Тој тренд продолжува и во почетокот од оваа година. Но за ова поширока информација подготвуваме во наредниот период.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк