Шеснаесеттото издание на Моден викенд Скопје, со засилено темпо продолжи да се случува во хотелот „Скопје Мериот“, во понеделникот на 23.октомври, кога се прикажаа уште пет модни ревии.
Вториот моден ден започна со претставувањето на студентите од „Институтот за дизајн и инженеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева.
„Од идеја за кожурец како прва фаза од развојот на пеперутка, преку трансформација и финална фаза, оваа 2017 година за студентите е одбележана со континуирана работи на темата – метаморфоза. Тие ги презентираа своите дизајни во три фази, од кои првата беше изложба на скопскиот Моден викенд во април. Водени од оваа тема тие развиваа идеи инспирирани од процесот на трансформација, истражуваа разни материјали, повторно соработуваа со идните биотехнолози од ТМФ, па покрај со облека, интерпретацијата на оваа тема ја збогатија со накит од прелив кој може и да се јаде. Втората фаза беше одбележана со традиционалната модна ревија на ТМФ во јуни, која беше придружена со изведба на молекуларна храна и пијалаци на катедрата за прехранбена и биотехнологија. За крај, третата фаза е оваа ревија во која е заокружен целиот метаморфозичен процес кој претрпел еволутивни промени низ сите фази.“, вели Георгиева.
Најновата колекција на „Марсин“, која ја потпишува Марија Трајанова е наречена „Инсајд аут“. „Главната инспирација доаѓа од најинтимните мисли на жената, која секогаш сака да изгледа како модна икона во својата идеја за самата себе. Убавата долна облека и дава дополнителна самодоверба на жената и јас токму таа самодоверба сакав да ја преточам во колекција и да ја извадам на виделина“, вели Трајанова.
Младата дизајнерка Сара Реџиќ за нејзината колекција „Боемска рапсодија“ вели: „Модерната жена и разновидноста на стилови во нашето опкружување преточени во модни парчиња, кои со леснотија се носат на разни пригоди. Топло есенско волшепство од бои, ткаенини и идеи како разновидна слика на еден внатрешен свет на секоја жена.“
За прв пат на Моден викенд Скопје се претстави „Minna Fashion“ со колекцијата „Love the spark“, која е инспирирана од „романскиот стил“ и содржи 20 уникатни фустани.
За крај на вториот ден од Моден викенд Скопје се претстави „Драма студио“ со колекцијата „Концепт 2020“ на дизајнерката Ивана Кнез. „Модните парчиња се лимитирана едиција, поттикнати од секојдневното наше живеење, колку сме ние андроиди заглавени во електронскиот свет. Станува збор за несекојдневна модна колекција за сегашноста и иднината, дело за #Concept2020. Колекцијата е погодна за рециклирање и прилагодлива за нашиот пазар со префинет вкус. ’Драма студио’ како и секогаш, ќе ви ги отвори чакрите како сонувачи во потрагата по постојано ваше совршенство“, вели дизајнерката Ивана Кнез.
Фото: Ани и Дими
Публицитет.мк (Ј.П.)