Ако се следи делото на академскиот сликар и графичар Мирко Вујисиќ паѓа во очи наклонетоста на смирена аналитичност во експериментот, без патетични гестови и гласна експресивност, ќе напише професор Владимир Величковски за неговото сликарство и меѓу другото ќе рече:-Вујисиќ ги истражува основните техничко технолошки структури и ликовно естетските содржини на делото, насочен повеќе спрема чистата ликовност отколку на содржината на делото. Тој поаѓа од едноставното, непретенциозно во своето истражување.
Во неговите дела забележуваме фигуративни и асоцијативни претстави во кои се претставени разновидни сликарски и графички структури.
Вујисиќ на Охридската јавност и’ се престави со изложбата “Охридски записи“ кога изложуваше пред 2 години во музејот „Куќата на Робевци“, при што акцентот на мотивот беше ставен на охридската архитектура асоцијативно прикажана низ “приказните” што провејуваат во Охрид низ вековите.
Беше прикажан еден сериозен циклус на слики кои засекогаш ќе останат како печат за битисувањето на овај врвен сликар во Охрид, но ако се знае дека голем дел од годината професор Вујисиќ го поминува во Охрид може несомнено да очекуваме дека и во иднина ќе бидеме сведоци на нови дела прикажувајки ни го Охрид како вонвременски простор.
Генерално за сликарот Мирко Вујисиќ може да се каже дека покрај со сликарство и графика тој има и една благородна професија, а тоа е образовната. Вујисиќ е професор на Факултетот за ликовна уметност – графички отсек. Сведоци сме на неговото несебично вложување во трасирањето на патот на новите генерации уметници.
Галерија “Букефал“веќе подолго време го има задоволството да биде промотор на неговото творештво.
Пишува: Љупчо Жупан