Вчеравечер во НУ Центарот за култура „Григор Прличев“- Охрид, беше свечено отворен ФЕСТИВАЛОТ НА НОВИОТ ГЕРМАНСКИ ФИЛМ.
Оваа манифестација е организирана од Амбасадата на СР Германија и поддржувачот- Pro Credit Bank.
Пред почетокот на филмската проекција на просутните ги поздрави директорката на Центарот за култура Драгана Боцеска, која изрази големо задоволство што има ваква манифестација токму во Охрид со надеж дека фестивалот ќе стане традиционален.
Потоа се обратија претставничката на германската амбасада Хелга Тајпел и заменикот градоначалник Ангел Јанев.
За сите коишто присуствуваа на отворањето влезот беше слободен( така ќе биде и следниве денови ) и беа дел од еден навистина интересен и загатлив крими филм „Роден во болка“ (Tatort: Im Schmerz geboren).
Дејствието на филмот, чијашто премиера била точно пред една година се лоцира во Висбаден и претставува битка помеѓу двајца ривали, Феликс Муро- полициски инспектор и Ричард Харлоф- поранешен полицаец и воедно поранешен најдобар пријател на Муро.
Со самото пристигнување на Харлоф се случуваат безброј убиства, коишто се само мал дел од планот за одмазда на Харлоф. Имено, пред 30 години, Муро и Харлоф биле најдобри другари, кои по некоја случајност се заљубиле и делеле иста девојка, којашто се одлучила за Харлоф и заедно заминале во Боливија, каде таа се пораѓа, добива син Давид, но веднаш по пораѓањето умира.
Харлоф се вплеткува во играта со дрога и станува познат нарко-дилер, којшто наводно престанува со тоа и се враќа во Германија. Со самото негово пристигнување се убиени тројца луѓе, а потоа и многу други и Муро се одлучува да го реши случајот.
Во филмот често и двајцата се навраќаат во нивното минато, но тоа не го спречува Муро да ја открие вистината. Преку безброј сплетки и настани, на самиот крај дознаваме дека главната цел на Харлоф била токму одмаздата кон Муро, којшто бил вистинскиот татко на Давид.
Овој филм претставува еден микс на вестерн филмовите и делата на Шекспир. Дејствието го красат безброј заплети, настани и еден навистина интересен крај, којшто не би го откривале. Филмот беше проследен со класична музика од Јохан Себастијан Бах, Петар Чајковски, Вивалди и Бетовен.
За сите љубители на крими жанрот, коишто сакаат интриги и се запознаени со елементите на творештвото на Шекспир, препорачуваме да го гледаат овој филм.
На крај од свеченото отворање беше организиран коктел а настапи и талентираниот Лео Спасески, гитара
Дамјана Видическа
Филмови коишто следуваат на фестивалот се:
– Феникс – драма / 11.10.2015 / 20.00 ч
-Хакери – трилер / 12.10.2015 / 20.00 ч
-Лола на грашокот – детски филм 13.10.2015 / 11.00 ч
-Спасете го Рафи – детски филм 13.10.2015 / 13.00 ч
-300 Збора Германски – комедија 13.10.2015 / 20.00 ч