Аргументи за…
Пишува: д-р Трајче Талевски
Денеска читам еден напис во неделникот „Фокус“ дека гласот за спас на Охридското Езеро па и целиот регион во целина, го дигнале почитуваните проф. д-р Томас Вилке и д-р Кристијан Албрехт. Пред се би сакал да им се заблагодарам за подршката на нашата иницијатива и „борба„ за спас на Охридското Езеро, Охридското блато, НП „Галичица„ и други активности кои ние неколкумина поединечно или заедно со граѓанската иницијатива ОХРИД SOS ја водиме веќе подолг период. Со граѓанската иницијатива ОХРИД SOS проблемот за уништување на Охридското Езеро и Блатото го анимиравме во светски рамки при што поддршка добивме од стотици светски познати лимнолози како и домашни и странски научници – биолози. Но за жал од најповиканите не ја добивме посакуваната и потребна поддршка.
Поголем број од научните работници од Хидробиолошки завод се однесуваат како риби. Уста имаат глас немаат. Можам да разберам господинот Градоначалник и „неговите општински минливи чиновници„ од одредени политички или други причини (само тие си знаат) да не го гледаат „Студенчишкото блато„, да не го видат загадувањето на Езерото, негативните влијаниа на сите штетни проекти кои што се „туркаат„ во Охрид (палми, Субрата и останатите туристички развојни зони, марини на суво и аеродроми во вода, медитерански плажи на езеро, платформи во Езерото од стотина метри, автопат низ национален парк Галичица и последново – легализација на дивоградби покрај бреговата линија), но за научни работници од Хидробиолошки завод кои учеле (ама не научиле) од почитуваната д-р Јорде Серафимова Хаџишче (Голда Меир), д-р Иван Чадо, Д-р Борис Оцевски, Д-р Милчо Точко е недозволиво. Да си вработен во институција која постои заради проучување на Езерата во Р.Македонија, да учествуваш во проекти од типот на проучување на Езерата со цел на изградба на стратегија за нивна заштита а при првиот посериозен предизвик да потклекнеш и паднеш на „испит„ поради лични (политички или материјали) причини е недозволиво.
Доколку не реагираш на првата глупост и попуштиш како научен работник, наредната глупост на која ќе прогледаш е уште поголема, па поголема и така се’ до недоглед. Климаш со главата како знак на одобрување и покрај тоа што знаеш дека не е така, но веќе е доцна бидејќи „душата веќе си му ја продал на ѓаволот„. Се случи дури и претставници на институцијата испратени да го изнесат официјалниот став за Охридското блато на официјална средба на Советот на општина Охрид да изнесат мислење дека Блато нема и покрај ставот на Институтот дека блато имало. Но политиката и тука најверојатно си има своја удел (или неверојатна случајност) па демантот и покрај тоа што е донесен многу порано се испраќа до медиумите ден – два после отчетот на господинот Градоначалник за двегодишнто работење (негово и на неговите општински минливи чиновници). Искрено би сакал ова „јавување„ на почитуваните проф. Д-р Томас Вилке и д-р Кристијан Албрехт да предизвика малку поголемо разбуричкување во оваа жабокречина околу заштитата на Охродското Езеро, бидејќи за жал туѓиот збор на овие наши простори секогаш повеќе тежи од нашиот, од укажувањата на проф. д-р Златко Левков, моето (проф. д-р Трајче Талевски), на почитуваниот Дејан Паноски, на проф. д-р Дафина Гушеска, проф. д-р Орхидеја Тасевска, проф. д-р Марина Талевска, Илина Арсова – прва македонка која го освоила Монт Еверест, Драгана Велкова , Климент, Владимир, и на други активисти во Фронт 21/42, во ЕДЕН, ТАКТ и ОХРИД СОС.
Природата си создала свој систем на заштита на водните еко системи преку системот на самопречистување, но тоа е можно се до моментот кога управувањето со еко системот е нормално и одржливо. Во моментов Охридското Езеро само не може да се заштити бидејќи се повеќе се нарушува природната рамнотежа и тоа ја очекува нашата помош за негова заштита. А тоа ќе го правиме и во периодов што следува. На за наша лична афирмација. Нас доволно не познаваат во Светот. Тоа го правиме за Охрид и Охридското Езеро. Продолжуваме понатаму.
Со почит
Проф. д-р Трајче Талевски, раководител на Одделението за Ципринидна фауна во
Хидробиолошки завод – Охрид
Објавените текстови во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА … на „Публицитет.мк “ се лични ставови на авторите, а не се ставови на редакцијата.
„Публицитет.мк“ не сноси одговорност за изнесното во нив.