Убав како Бог. Талентиран и ексцентричен. Брусејќи го Шопен подготвен да го покори светот.
Ете, тој Иво Погорелиќ пред 34 години го чекавме да дојде во Охрид. Доаѓа, па не доаѓа, со приватен авион, не знам како, сепак се појави. Ја наполни атмосферата со музика, емоции, експлозии, со нежност и силна изведба на дожд од ноти со кои го одзема здивот. Крајот на концертот во Домот на културата публиката го дочека на нозе, со долги овации и воодушевување. Тој со бела кошула, мокра. како штотуку да излегол од езерото, со своите 20 -на години се поклони и замина да ја следи својата судбина, придружуван од својата професорка, сопруга и менаџер, Алиса. Годините и животот го направиле поинаков, ама музиката и животот со неа и од неа му е неразделен.

Синоќа, во црквата „Света Софија“ повторно танцуваа Шопен и Погорелиќ. Дозволете музичкото доживување да го задржам во своето сеќавање. Погорелиќ, ова лето, освен овој концерт, за кој се бараше билет повеќе на својата публика и подари уште еден концерт кој ќе се одржи вечерва. Младиот Бог пораснал и еве покажува човечка хуманост и доблест. Дали го освои светот? Не знам. Кошулата повеќе не му е мокра.

Go on to conquer Ivo, and come back. Охрид ќе се сеќава и под ѕвездите ќе те чека повторно.

Весна Блажеска, новинар






