Уникатни костими, иновативни кореографии, специјални светлосни ефекти и визуелизации. Сето ова можеше да го види публиката на завршниот настап за сезонава на танчерите од Студиото за танц при Младинскиот културно образовен центар „Соната“ кои двапати го наполнаа Центарот за култура.
Танчерите на сцената беа „во свој филм“, а меѓу нив најмалата имаше само четири години. Дека заслужено настапуваат и ги собираат наградите на престижни натпревари во и надвор од земјава, покажаа и пред охридската публика. Изведбите на класични, модерни, латино танци и хип хоп танци со одлични кореографии, специјално подготвени за концертот, ја воодушевија публиката која со овации и аплаузи ги поздрави учесниците.
Во пресрет на годишниот концерт, „Соната“ за своите членови организираше и видео натпревар, на кој требаше да се изработи краток спот со стил на танцување, музиката и кореографијата по избор на танчарот. Најуспешна се покажа Ана Марија Влаоска, која за неа и за нејзината мајка доби бесплатно членство за курс по избор во новата танцова сезона.
Од минатата година, кога студиото одбележа 10 години од своето постоење, се трансформира во Младински културно образовен центар, место кое станува збиралиште на сите млади таленти, место каде ќе можат да ги развиваат своите вештини не само за танц, туку и за музицирање, диџејство, актерска игра итн.
Уписите за новата танцова сезона ќе се реализираат од 25-ти август до 10-ти септември, а за сите кои ќе се запишат во овој рок ќе имаат 20% попуст.
Публицитет.мк