Денеска на годишната средба на Акцијашкиот клуб „ Брег на младоста“ беше презентиран извештајот за сработеното во минатата година под наслов: „Предвидовме многу, направивме уште повеќе“.
-Учествувавме на акција во Куманово, потоа во Штип на местото каде се градеше патот Штип-Плачковица. Членовите со својот ентузијазам, енергија и младост активно се вклучија во големата еко акција „Мој Охрид, Чист Охрид“, трчаа на „Охрид трчаТ“, хуманитарно трчаа и за младата Сара. Потоа бевме присутни на одбележувањето на 75 години од Битката на Сутјеска и 30 години од учеството на Младинската бригада од Охрид на таа акција. Од 22-ри до 29-ти јули бевме и на акцијата „Скопје на дланка“ по повод одбележувањето на 55 години од катастрофалниот земјотрес”, рече претседателот на клубот Зоран Стевоски.
Своите бригадирско – акцијашки искуства заедно со најмалдите волонтери ги сподели и потпретседателот на клубот Ацо Атанасов.
На средбата присуствуваше и в.д градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Во своето обраќање, Георгиески рече дека Локалната самоуправа континуирано ги подржува нивните активности и така ќе биде во иднина.
-Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ има посебно значење за заедницата бидејќи ги обединува ветераните кои учествувале на работни акции и младите кои покажуваат интерес да ги продолжат тие традиции. Радува податокот дека нивниот број постојано се зголемува и тие во своите средини, особено во училиштата се промотори на здрави и проверени начини на користење на слободното време кај младите.
Мојата порака до Вас младите е да ги користите советите и искуствата на ветераните кои учествувале на поранешните работни акции. Убавината на волонтеризмот, акцијаштвото и хуманоста ја почувствувавте со учеството на акциите по поплавите во Скопје и во соседна Србија. Учествувајќи во разните волонтерски акции, Ве уверувам дека се поубаво ќе Ви звучи паролата која беше испишана во речиси сите акцијашки насделби: „Забрането е внесување на тажни мисли“ –рече в.д градоначалникот Константин Георгиески.
Во своето обраќање до младите акцијаши градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески истакна дека Општина Дебрца останува посветена да ги поддржи сите нивни програмски активности и дека се чувствувал почесен кога му беше предадено знамето на младинската бригада од Дебрца од 1978 година која што беше на Младинската работна акција во Плачковица.
-Многу ми е мило што гледам многу млади, кои што продолжуваат една традиција која што ние постарите ја знаеме и бевме дел, некои повеќе, некои помалку на тие младински работни акции во поранешната заедничка држава.
Очекувам оваа година во рамките на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“, да биде формиран клуб на млади акцијаши-волонтери од општина Дебрца, рече Ногачески.
Раководството, членовите и пријателите на Акцијашкиот клуб „ Брег на младоста“ на средбата се заблагодарија на поддршката од страна на Општина Охрид и ветија дека и годинава ќе реализираат повеќе од планираните активности.
Публицитет.мк