Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се обрати на годишната конференција на Унијата на жени во „Борис Трајковски“.
Според него некој „користејќи го СДСМ сакал на валкан начин да го сруши ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија, и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси.“
– Се беше совршено подготвено, но како што знаеме не постои совршено злосторство. Во овој случај недостасуваше една сериозна финеса, која како и многупати низ историјата се покажа клучна за нашиот опстанок, која ја заборавиле, или во најмала рака ја потцениле, а тоа е народот – изјави Груевски.
Тој истакна дека политичката криза која ја одбележа изминатата една година, ќе заврши со предвремените избори во април.
– Сега народот е погневен од било кога досега. Е сега, на 24 април, доаѓа казната и одмаздата на народот. Доаѓаат неговите пет минути. Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава. Во април, народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери – потенцираше Груевски.
Според него, народот преку овие избори ќе испратил неколку пораки меѓу кои дека, Македонија е негова земја и само тој одлучува за нејзината иднина и за неговите водачи и дека со манипулации не се доаѓа до власт.
Тој се осврна и на прашањето, зошто се појавува на разни настани поврзани со остварувањата на ветувањата дадени на изборите.
– Јас сум активен и ќе бидам уште поактивен заради народот кој ми ја дал довербата, ако воопшто вие од СДСМ имате чувство што тоа значи. Народот во секоја демократска држава кога излегува на избори, не дава поддршка ни на министер, ни на премиер, ни на директор. Дава поддршка на политичка партија, на нејзината програма, нејзиниот лидер и неговиот тим, кому врз основа на минатиот труд му верува во ветувањата. Таа поддршка од народот на минатите избори ја доби ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на чело со мене како претседател и јас имам одговорност кон тој народ и кон ветеното кон него – одговори Груевски.
Извор: meta.mk