Јоханес Хан во интервју за Дојче веле објаснува дека секоја земја која е кандидат за членство во Унијата ќе биде оценувана одделно врз основа на својот напредок и постигнувања. Северна Македонија направи многу, вели тој.
На прашањето дали, поради актуелната состојба во Албанија, и напредокот кој го оствари Северна Македонија, е можно двете земји да се одвојат од процесот на приближување кон ЕУ, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан не ја исклучува таа можност.
„Мојата цел е двете земји истовремено да добијат датум за почеток на преговори, затоа што истовремено го претставуваме и извештајот. Но не можам да го предвидам процесот на донесување одлуки во земјите-членки. Факт е дека Северна Македонија направи многу и притоа, не само во рамките на она што ние го баравме, туку исто така и со решавањето на спорот за името, но и со решавањето на билатералниот конфликт со Бугарија. Северна Македонија создаде еден предуслов со што стана единствената земја во регионот која нема конфликт со ниту еден сосед.
ДВ: Тоа значи дека, доколку во Албанија не се постигне некаков компромис, Северна Македонија ќе може да ги отвори преговорите со ЕУ?
Хан: Нашиот став отсекогаш е дека секој одделен процес, односно преговорите за проширување, се процес кој се базира врз заслуги и постигнувања на секоја одделна земја. Нема да биде фер доколку една земја треба да чека некоја друга, ако таа не испорачува. Тоа е основата. Секако, би било идеално, кога сите шест (земји од Западниот Балкан, н.з.) се приклучат во исто време, но тоа е нереално. Истовремено, неправедно е некој, кој силно се ангажирал, кој изнаоѓал решенија, кој е подготвен на компромис, кој донесува тешки одлуки, сега да биде казнет, затоа што е подобар.
Од ЦДУ-ЦСУ (партијата на канцеларката Ангела Меркел) минатата недела ни беше речено дека тие нема да стигнат да донесат одлука во јуни. Ќе се борите ли за тоа прашањето за почетокот на преговорите да се најде на дневен ред на Европскиот совет во јуни?
Ние не се откажуваме. Ќе се обидувам до последен момент, колку е можно побрзо да се донесе одлука. Сметам дека по тоа прашање ние си должиме себеси, но и на нашите партнери, кога партнерот ќе испорача како што договорил со нас, а од друга страна и ние сме го предложиле тоа како услов, врз основа на едногласна одлука на земјите-членки, тогаш мораме и ние нашето ветување да го испочитуваме.
На 29 мај ќе бидат објавени извештаите за напредокот на сите земји од Западниот Балкан. Што ќе прочитаме во нив?
Многу добри нешта, и по некоја критика. Така е тоа со извештаите за напредокот. Но има напредок, тука и таму. Има и, не би рекол назадување, но застој. На пример, треба критички да се одбележи дека актуелните разговори меѓу Србија и Косово веќе неколку месеци се „на мраз“. Се надевам дека не само поради годишното време, тој мраз ќе се истопи. Директно кажано, преговорите треба да почнат набрзо, затоа што правно обврзувачки договор меѓу двете земји е, во крајна линија, основа на европската перспектива.
Извор: www.dw.com