Пред два дена , на 13.мај,се навршија точно 60 години од заминувањето на една од најголемите холивудски легенди Гери Купер. Почина на 60 годишна возраст.Ова е повод да се потсетиме на неговото актерско творештво.
Во една прилика големиот пријател на Гери Купер,актерот Ричард Арлен ќе рече: „Има луѓе кои едноставно се толку добри , што ни Холивуд не може да ги расипе.Таков беше тој – Гери Купер.“
Тој во себе ги обединуваше сите оние особини кои се сметаат за карактеристични за еден американски маж од стариот ков : беше висок (191см.)згоден , чесен, искрен и снаодлив во секоја ситуација, а над се’ ладнокрвен, мочелив и скромен.
Гери Купер е роден на 7.мај .1901 година во местото Елена во Монтана како Френк Џејмс Купер.Неговиот татко Чарлс Хенри Купер , инаку судија на Врховниот суд во Монтана, се доселил во Америка од Англија во 1885 година. Мајката на Гери Купер , Алис, родена Бразијер, го запознала својот иден сопруг при нејзиното доаѓање од Англија при посетата на нејзиниот брат во Америка.
Заради здравјето на неговата мајка, семејството Купер во 1910 година се преселило, или поточно речено се вратило, во Англија, каде Гери го стекнува основното училишно образование.
Семејството Купер се враќа во Америка кога таа ќе и објави војна на Германија. Неговиот постар брат Арур е мобилизиран на 22 години, а Гери останува да работи на ранчот од неговиот татко.Присетувајќи се на тоа време , Гери во една прилика рекол: „Мојот татко беше вистински човек од запад, но јас не бев создаден за да одгледувам стока…Знаете…
станување во пет наутро во зима за да се наранат 450 грла добиток воопшто не е романтично…
Угледниот судија видел дека неговиот син нема амбиции за да стане сточар, па го испратил на понатамошно школување. Така, Гери најпрвин го посетувал колеџот Веслијан, а подоцна и колеџот Гринел во Ајова. Тој имал вроден талент за цртање па набрзо започнал хонорарно да црта карикатури за локалното списание „ Независност“
Со желба постојано да се вработи како карикатурист во некое соисание во Лос Анџелес, Купер во 1924 година се сели во Калифорнија.На негова несреќа или среќа, како карикатурист не успеал и затоа морал да се занимава со се’ и сешто за да преживее.
Сепак , сретнал некои свои стари пријатели кои го запознале со неколкумина тогашни холивудски режисери на вестерн филмови.Благодарејќи на својата вештина во јавање,која ја здобил на ранчот од неговиот татко, Купер набрзо добива понуди за да настапи во вестерни.Најпрвин се појавувал само како каскадер а нешто подоцна и како статист односно епизодист.Во повеќето случаи биле тоа кратки нискобуџетни вестерн филмови какви во тоа време на големо се снимале во Холивуд во 1925 и 1926 година.
Кога најпосле му здосадило постојано да паѓа од коњ, Гери одлучил да си најде сопствен агент. Била тоа, Нан Колинс,со која , наводно, имал иљубовна врска.Велат дека таа го наговорила да го смени неговото име од Френк во Гери.Го направил тоа на легален начин во 1933 година.
Наскоро Купер добил понуда за една , што би се рекло вистинска улога за еден вистински филм.Бил тоа вестернот „ Освојувањто на Барбара Ворт“ , кој е снимен во 1926 година, а во кој главните улоги ги толкувале Роналд Колман и Вилма Банки.Гери во овој филм ја добива таканаречената втора машка улога.
Злите јазици велат дека , за секој случај , во стварноста Гери Купер го освоил срцето на Вилма Банки која ја играла главната улога во филмот.
Филмот постигнал голем успех и го свртел вниманието на јавноста кон Купер, што му овозможило да потпише мошне поволен договор со филмската компанија „Парамаунт“.Бил тоа почетокот на една блескава кариера на еден од најголемите холивудски актери на сите времиња.Од тогаш па се’ до крајот на својот живот , Гери Купер уживаше несмалена популарност кај публиката.
Меѓутоа, критиката во почетокот на неговата кариера не му била наклонета, па вниманието го привлекувал со своите љубовни авантури, одколку со актерското умеење, иако веќе кон крајот на дваесетите години од изминатиот век остварил мошне успешни улоги во филмовите „ Крила“ во 1927 и „Човекот од Вирџинија“ во 1929 година.
Во почетокот на 30 тите , значајни биле неговите улоги во филмовите „Мароко“(1930)во кој ја игра улогата на припадник на легијата на странци , во кој се вљубува пеачката Марлен Дитрих.Една година подоцна ја игра улогата на неискусно момче кое доспева меѓу гангстери во филмот „Градски улици“.
Во комедија за првпат настапува во филмот „„Нацрт за животот“ во 1933 година. Потоа следуваат филмовите „ Збогум оружје“ (1932)снимен според истоименото дело на Ернест Хемингвеј (со кого подоцна ќе станат големи пријатели), „Денеска живееме“ (1933).,„Сега и засекогаш“(1934), „ Питер Ибетсон“ (1935) и „Копнеж„, „ Господинот Дидс оди во град„ и „Човекот од преријата“ , сите од 1936 година.
Во 1941 година на самиот почеток од Втората светска војна, тој го толкува ликот на американски легендарен војник од Првата светска војна во филмот „ Наредникот Јорк“ во режија на Хауард Хокс , улога која ќе му го донесе неговиот прв Оскар.
Две години подоцна ја игра улогата на припадник на интернационалните бригади во шпанската Граѓанска војна во филмот„За кого бијат камбаните“во кој настапува заедно со Ингрид Бергман, филм снимен според делото на Ернест Хемингвеј.Кон крајот на четириесетите тој ќе настапи и во трилерот „Изворот на фонтаната“ каде за партнерка ја има Патриша Нил.
По војната , во времето на студената војна , Купер толкува улоги на одважни и непоколебливи јунаци во вестерн филмовите „ Задачата на капетанот Вајт“ и „Точно на пладне“ (1952) каде како партнерка ја има Грејс Кели , улога кој ќе му го донесе вториот Оскар.Тој во филмот го игра шерифот Вил Кејн кој ќе остане осамен во пресметката со неколку платени убијци. За време на снимањето тој имал големи здраствени проблеми кои допринеле во веродостојнаста на толкувањето на неговиот лик.
Во 1954 година снима уште два вестерни: „ Градината на ѓаволот“каде настапува покрај Сузан Хејворт и Ричард Видмарк и „Вера Круз“каде како партнери ги има Берт Ланкастер, Сарита Монтиел ,Цезар Ромеро , Ернест Боргнајн .
Две години подоцна реализира уште еден семеен вестерн филм насловен како „Пријателско убедување“ каде за партнер го има младиот Ентони Перкинс кој четири години подоцна ќе се прослави со улогата во филмот „Психо“.
Кон крајот на својот живот започнува да игра улоги на повозрасни мажи како на пример во романтичната комедија „Љубов попладне “ од 1957 година каде за партнерка ја има Одри Хепберн.
Една година подоцна повторно му се враќа на вестернот кога ќе настапи во филмот „Човекот од запад“ во режија на Ентони Мен.Истата година (1958)настапува и во романтичната драма „Норт Фредерик бр. 10“.
Во 1959 година најпрвин настапува во вестернот „ Дрво за бесење“ со Марија Шел и Карл Малден како партнери,потоа драмата „ Дојдоа во Кордоба“ со Рита Хејворт и Ван Хефлин како и авантуристичкиот филм „Кршот на бродот Мери Дер “ во кој негов партнер е Чарлтон Хестон.
Со нарушено здравје, по тешката операција , во есента 1960 година тој го сними својот последен филм , трилер драмата „Гола острица“ каде за партнерка ја има Дебора Кер.
Во својата богата кариера успеа да настапи во 107 филмови од кои во 82 играл главна улога. Од нив 16 биле во боја а 14 биле неми филмови. Настапил во 20 вестерн филмови од кои 3 биле неми филмови.
Многумина сметаат дека Гери Купер, покрај Клерк Гејбл , е всушност најголемата машка ѕвезда на Холивуд на сите времиња.Така, Купер, што е мошне необично, подеднакво бил омилен и кај женската и кај машката публика, со што малкумина актери можат да се пофалат.
Посебно и неизоставно поглавие во животот на Гари Купер го завземаат жените.Велат дека ретко кој холивудски актер бил толу неодолив за женскиот свет како што тоа бил овој висок синоок убавец со мирољубиво и честито лице.Купер не морал да трча по жените, како што тоа го правеле повеќето од неговите колеги, туку тие го бркале него. Со години овој популарен актер преставувал најголем вистински трофеј меѓу холивудските актерки и старлети било тоа да биле познати или потполно анонимни.
Во неговите рани години Купер имал романтични врски со поголем број на свои колешки како Клара Лук, Лупе Велез, Марлен Дитрих и Керол Ломбард.
Тој се оженил со Вероника Балфе во декември 1933 година откако се запознале на Велигден истата година.Вероника била богата њујорчанка која сонувала да стане актерка. Тој сон не и’ се остварил, но се омажила за Гери Купер, што за повеќе жени од тоа време бил голем подвиг.Тие станале родители на нивната ќерка Марија Купер. И двајцата биле посветени родители до 1951 година кога се раздвоиле заради љубовните афери на Гери со актерките Ингрид Бергман и Патриша Нил кои тој ги имал кон крајот на четириесетите години од изминатиот век.Сепак, три години подоцна тие се помириле и останале заедно се’ до неговата смрт.
Големиот актер почина од рак на 13.мај. 1961 година во својата 60 та година од животот. Само еден месец порано му беше врачен Оскарот за животно дело. Бидејќи здравјето му било кревко, наградата во негово име ја примил неговиот најдобар пријател , Џејмс Стјуарт со солзи во очите бидејќи знаел дека Гери ги брои последните денови од својот живот.
Освен трите награди Оскар што ги доби , тој за оваа награда беше номиниран уште три пати:во 1936 година за филмот „Господинот Дидс оди во град“,во 1942 година за улогата во филмот „Гордоста на Јенките“и во 1943 година за улогата во филмот „ За кого бијат камбаните“.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк