Хрватскиот сабор со мнозинство гласови ја поддржа владата на премиерот Тихомир Орешковиќ по повеќе од два месеци од парламентарните избори, јавуваат хрватските медиуми.
По целодневната расправа за избор на владата од десниот центар гласаа 83 пратеници, 61 беа против, а пет воздржани. Беа присутни 149 од вкупно 151 пратеник.
По гласањето премиерот и министрите положија заклетва.
Воочи гласањето од поддршка за владата се откажа креаторот на економската програма на Мост, пратеникот Иван Ловриновиќ кој изјави дека програмата на Мост е преправена до непрепознатливост и дека се чувствува изигран.
Покрај пратениците на Патриотската коалиција која ја предводи Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и тие на Мост, владата ја поддржаа и по двајца пратеници на партијата на загребскиот градоначалник Милан Бандиќ и Бранимир Главаш, кој е првостепено осуден за воени злосторства.
За владата гласаа и дел од пратениците на малцинствата, кои се вкупно осум.
Извор: mkd.mk